Светите маченици Мина, Ермоген и Евграф

Мина и Ермоген беа родум атињани. Обајцата живееја во Цариград, во голема чест кај царот и кај народот.

Мина беше познат по неговата голема ученост и краснозборливост и однадвор се држеше како незнабожец, но во срцето беше христијанин.

Ермоген беше цариградски епарх и се држеше за незнабоштвото и однадвор и однатре, иако беше милосрден и вршеше многубројни добри дела.

Кога пламна некоја расправија меѓу христијаните и незнабожците во Александрија, царот Максимин го испрати Мина да го стивне метежот и да ги истреби христијаните од тој град.

Мина отиде и воспостави мир, но се објави себеси како христијанин и мнозина незнабожци ги обрати во вистинската вера со силен збор и многубројни чуда.

Кога слушна за ова царот го испрати Ермоген за да го казни Мина и да го задуши христијанството.

Ермоген го изведе Мина на суд, му ги отсече стапалата и јазикот, му ги избоде очите, па го фрли во затвор.

Во затворот на Мина му се јави Самиот Господ Исус, го исцели и го утеши Својот страдалец.

Кога го виде Мина чудесно исцелен, Ермоген се крсти и почна на големо да ја проповеда Христовата вера.

Го поставија и за епископ на Александрија.

Тогаш разјарениот Максимин самиот отиде во Александрија и ги подложи Мина и Ермоген на големи маки, коишто тие, помагани од Божествената благодат, храбро ги издржаа.

Гледајќи ја храброста на овие Христови војници и Божјите чуда што се извршија над нив, пред судилиштето се јави и Евграф, секретар и пријател на Св. Мина, возвикнувајќи му на царот:

„И јас сум христијанин!“

Царот збесна, го исука мечот и го уби Св. Евграф. По ова, овој нечестив цар нареди да ги убијат со меч и Светите Мина и Ермоген.

Нивните свети мошти ги фрлија во морето, но тие на чудесен начин допловија во Цариград, каде што епископот, на кого му се јавија во сон, свечено ги дочека и ги погреба.

Претходна статијаМногумина биле наклеветени и не се одмаздувале – Свети Јован Златоуст
Следна статијаСпасоносниот плач на душата (Дедо Наум)