Тропар, глас 4.
Небесна песна од пофалби се пее на Земјата, ангелските сили го слават земниот празник со радост од висините со химни ги фалат твојата борба и страдање, а долу црквата ја возгласува небесната слава што ја најде со твоите страдања и маки, о славен Фанурие.
Од 12-те сцени прикажани на иконата, светиот владика сфатил дека светителот бил маченик.
Потоа, веднаш испратил барање до локалните владетели, барајќи од нив да му дозволат да го возобнови разрушениот храм, но тие го одбиле барањето.
Поради тоа, владиката сам отпаувал во Константинопол и таму добил одлука, која му овозможила да ја обнови црквата.
Откако ја обновил, таа се наоѓа во истата состојба и денес, надвор од градот. Оттогаш црквата станала извор на многу чуда, од кои овде ќе опишеме едно за корист на многумина, кои го сакаат и ценат овој светител.
Во времето кога островот Крит немал православен епископ, ами римски, папски бискуп, бидејќи бил под венецијанска власт, истите Венецијански власти одбиле да им дозволат на православните да хиротонисаат епископ по смртта на старите епископи. Тоа го направиле со зла намера, мислејќи со тек на времето да ги претворат православните во паписти.
Ако православците сакале да ја избегнат оваа одлука, морале да одат во Цитера.
Се случило еднаш тројца ѓакони од Крит, кои патувале кон Цитера да бидат ракоположени за свештеници од тамошниот архијереј,
Откако биле ракоположени, и се враќале кон сопствената земја, Агарјаните ги заробиле на море и ги однесле на Родос, каде што биле продадени како робови на други Агарјани.
Новите свештеници деноноќно ја оплакувале својата несреќа.
Но, на Родос свештениците дознале за големите чуда направени од великомаченикот Фануриј и веднаш почнале срдечно да му се молат на светителот, преколнувајќи го со солзи да ги ослободи од жестокото ропство.
А, секој се молел посебно, без да знае што прават другите, бидејќи тие биле продадени на различни господари.
По Божјата промисла, сите тројца добиле дозвола од сопствениците да појдат во храмот на светецот.
Водени од Господа, сите тројца истовремено пристигнале и паднале пред иконата на светецот, навлажнувајќи ја земјата со поток солзи, молејќи го свети Фануриј да ги избави од рацете на Агарјаните.
Потоа се разделиле, малку посмирени, секој кај својот господар, надевајќи се дека ќе добијат милост.
Така и се случило; бидејќи светиот се сожалил над нивните солзи и ги услишал нивните молитви. Таа ноќ, свети Фануриј им се јавил на Агарјаните, кои биле господари на заробените свештеници и им наредил да им дозволат на Божјите слуги да одат и да му служат во неговиот храм, ако не сакаат на ужасен начин да бидат уништени.
Но, Агарјаните, мислејќи дека е тоа некое волшепство направено од свештениците, ги оковале во вериги и ги направиле нивните страдања уште понеподносливи.
Великомаченикот Фануриј потоа отишол кај свештениците, ги ослободил од оковите и ги охрабрил, велејќи им дека наредниот ден, на некаков начин, ќе ги ослободи.
Потоа се појавил пред Агарјаните и строго укорувајќи ги, рекол:
,,Ако утре не ги пуштите вашите слуги на слобода, ќе ја дознаете силата Господова’’ – велејќи го тоа, светецот исчезнал.
И, ете чудо! Во истиот момент од најмалите до најстарите кои живееле во тие куќи – ослепеле и се парализирале, измачувани од најужасни болки.
Но, иако приковани в кревет, со помош на нивните роднини тие размислувале што да прават и на крајот решиле да ги повикаат заробените свештеници.
И кога пристигнале тројцата несреќни свештеници, побарале од нив да ги излекуваат ако можат, а свештениците одговориле:
,,Ние ќе го молиме Господа. Нека биде Неговата волја.’’
Но светецот, третата вечер, повторно им се јавил на Агарјаните и им рекол:
,,Ако не пратите во мојот дом писма за ослободување од ропство на свештениците, вие не ќе имате ниту здравје, ниту светлина, кои ги барате.’’
Тогаш тие повторно се посоветувале со своите роднини и пријатели, секој господар посебно составил писмо за ослободување на својот роб и истите тие писма биле однесени пред иконата на светителот.
И чудо!
Дури и пред да се вратат оние што биле испратени во храмот, слепите и парализираните, оздравеле; и восхитувајќи се, ги ослободиле свештениците и пријателски ги испратиле во нивната татковина.
Свештениците откако направиле копија од иконата на свети Фануриј, се вратиле дома.
Потоа секоја година, побожно го славеле споменот на светителот. По молитвите на светиот маченик Фануриј, Господ Исус Христос да се смилува на нас!
Извадок: