СВЕТИ ВЕЛИКОМАЧЕНИК И ИСЦЕЛИТЕЛ ПАНТЕЛЕЈМОН

ВЕЧЕРНА

Стихири на Господи, повикав, на 6, глас 4.

Достојно си наречен семилостив, Пантелејмоне, кога твојата човекољубива грижа ја пројави за душите на сите, и за исцеленија на телата. Тогаш го прими и името што ти прилега, како награда за добродетелите, и прими плата за твоето благочестие; се покажа и непобедлив воин и венценосец на Христа нашиот Бог.

Него моли Го, да ги спаси и просветли душите наши.

Ти, Кој постојано црпеш благодат на исцеленија од божествените нематеријални извори на Спасителот,и изобилно ја излеваш и даваш на оние што пристапуваат кон тебе, со божествената благодат озари ги и сите оние што верно го слават твоето славно, сесвето и светлоносно торжество, себлажени, чие име и добрина се според подобието на Бога.

Него моли Го, таа (благодат) да им биде дарувана и на сите оние што те воспеваат.

Откако ја прими моќта на исцеленија, кога набожноста ја претпочиташе пред секоја друга работа, предавајќи ѝ се на верата што ја живееше твојата мајка, а презирајќи ја безбожноста на твојот татко, тогаш Словото Божјо ти го даде својот божествен сјај, тој океан на светлина, чие предзнаење ја предвидуваше славата што со твојот живот на светот му ја покажа.

Други стихири, глас 2. Самогласни.

Бесплатно им даваш благодат на луѓето, славен маченику Пантелејмоне, и со призивањето на Христа изгонуваш (нечисти) духови, и вид им даруваш на слепите, како Негов ближен угодник.

Но моли Го Лекарот, себлажени, на светот траен мир да му дарува, а на оние што те љубат тебе – милост голема.

Си ја посакал верата на твојата благочестива мајка, и си ја исправил безбожноста на (твојот) татко; кога, пак се утврди во учењето на Ермолја, од него си примил и крштение, Пантелејмоне, на милостивиот Бог славен мачениче, на болните – лекару, на страстите, изгонителу.

Моли да се избават од опасности оние што со вера го слават твојот пречесен спомен.

Си ја отфрлил прелеста на таткото, преславен, и, откако разумно ги прими зборовите на мајка си, си примил плод поголем од злато, по гласот на Господа.

И одличен лекар се покажа, Пантелејмоне, славен мачениче.

По пат одејќи, си нашол дете како лежи, каснато од змија и, откако искрено Му се помоли на Бога, веднаш си го воскреснал детето, а ѕверот си го растргнал.

Затоа помилуј нѐ и нас, кои со вера го славиме твојот спомен, за да најдеме милост во судниот ден.

Слава, глас 6 (Византиева).

Денес засветли чесниот спомен на бесребреникот, кој ги повикува верните на тајна трпеза, и кон празнично торжество го води соборот на празникољупците, бидејќи сега ни се јави чудотворниот лекар Пантелејмон – крепкиот страдалец, кој на сите им ги лекува болестите, и прилежно Му се моли на Господа, да ги спаси душите наши.

Слава, глас 8 (Византиева).

Откако ја возљуби верата на својата мајка, а се згнаси од безбожноста на таткото, за да Му служиш на Лекарот на душите, ти ја изучи уметноста на лекување.

Откако со Божјата благодат успеа на секое поле, се покажа погубител на страстите и лекар на душите. Но, како што се покажа цврст во страдањата и истраен во молитвата, мачениче Христов Пантелејмоне, прилежно моли се, да се спасат душите наши.

Тропар, глас 3.

Страдалецу свети и исцелителу Пантелејмоне, моли Го милостивиот Бог, да им даде прошка на гревовите на душите наши.

Подготви С. Трајчева

Претходна статијаДедо Наум – Прогледување на духовно слепите
Следна статијаЗа ИСУСОВТА МОЛИТВА – Преподобен Варсануфиј Оптински