Света Марија Магдалина

Мироносица рамноапостолна. Родум од местото Магдала крај Генисаретското Езеро, од племето Исахарово. Претходно мачена од седум зли духови, од кои ја ослободи Господ Исус и ја направи здрава.

Верна следбеничка и служителка на Господ за време на Неговиот земен живот.

Стоеше под Крстот на Голгота заедно со Пресвета Богородица и тагуваше горко. По смртта на Господ трипати го посети Неговиот гроб.

Кога Господ воскресна, Го виде двапати: еднаш додека беше сама, а вторпат заедно со останатите жени Мироносици. Патуваше во Рим, излезе пред кесарот Тибериј и предавајќи му црвено обоено јајце го поздрави со зборовите:

„Христос воскресна!“ Тогаш пред кесарот го обвини Пилат за неправедната осуда на Господ Исус. Кесарот го прими нејзиното обвинение и го премести Пилат од Палестина во Галија, каде што овој неправеден судија и заврши, во царска немилост и во тешка болест.

Потоа од Рим се врати во Ефес кај Св. Јован Богослов, на кого му помагаше во делото на проповедањето на Евангелието.

Со огромна љубов кон воскреснатиот Господ и со голема ревност му го јавуваше на светот Евангелието, како вистински Христов апостол.

Се упокои мирно во Ефес и според Преданието погребана е во истата пештера во којашто беа чудотворно успиени во стогодишен сон Седумте отроци, после оживеани, па повторно умрени (под 4 август).

Моштите на Света Марија Магдалина подоцна се пренесени во Цариград. Во близина на Гетсиманската градина се наоѓа прекрасен руски храм којшто ѝ е посветен на оваа светителка.

 

Сето евангелие според светиот апостол Лука 8: 1-3 1.

Потоа Он одеше по градовите и селата, проповедајќи го царството Божјо; а со Него беа дванаесетте,

2. и некои жени, што беа излекувани од зли духови и болести:

Марија, наречена Магдалина, од која беа излегле седум демони;

3. и Јоана, жената на Хуза, настојникот Иродов, и Сусана, и многу други, кои Му служеа со своите имоти.

Претходна статијаДедо Наум – Фатени од гревот!
Следна статијаЧашата, што ми ја даде мене Отецот, нема ли да ја пијам?