Отец Пајсиј – Светогорец „Не го подарувај срцето на материјалните работи“…

Луѓето со светско настроение говорат:

„ Блазе им на оние кои живеат по вили и ги уживаат сите удобности“. Но навистина блажени се само оние кои успеале да го поедностават својот живот, да се ослободат од јамките на тој светски напредок – многу олеснувања кои во суштина не се ништо друго туку тескоби, и така да се избават од таа морничава напнатост на нашето време .

Ако човекот не го поедностави својот живот, ќе се мачи; а ако го поедностави, нема веќе да ја чувствува таа напнатост.

Некој Германец еднаш на Синај му рекол на едно многу бистро бедуинче:

-Ти си паметно момче, и можеш да се описмениш.
-А потоа ?- запрашал овој?
-Потоа можеш да станеш инжиниер.
-А потоа?
-Потоа можеш да отвориш автомеханичарска работилница.
-А потоа?
-Па, ќе ја развиеш работата и…
-А потоа?
-Ќе вработиш работници, и ќе имаш многу луѓе околу себе.

-Односно, му вели момчето,- да имам една главоболка, па да и придодадам уште една, а потоа и уште една? Не разбирам; што ми фали сега кога ми е мирна главата?

Повеќето од главоболки се од таквото размислување: да правиме ова, да правиме она. Кога сите овие мисли би биле насочени кон тоа духовното, човекот би чувствувал духовна утеха, а не главоболка.

Сега и на мирјаните секогаш им нагласувам – едноставност.

Бидејќи многу од тоа што го прават – не е неопходно, па заради тоа ги нагризува напнатоста.

Им говорам за едноставноста и подвижништвото. Непрестано опоменувам:„ Ако сакате да се ослободите од напнатоста – поедноставете го животот.“

И многу од разводите на браковите всушност така и почнува. Работа има многу, луѓето имаат толку обврски, што од сето тоа им се врти во глава. Работат двајцата, и таткото и мајката, а децата дома остануваат сами.

Умор, нервоза, – мали проблеми, големи кавги, а потоа автоматски настапува развод; ете, дотаму сме дојдени.

Но кога би го поедноставиле својот живот, би биле и одморени и радосни. Оваа напнатост навистина е убиствена!

Еднаш се најдов во една раскошна куќа, и додека разговаравме, ми рекоа:

– Живееме како во Рајот, додека другите луѓе оскудеваат.

– Ма, вие живеете во пеколот! – им реков. –Безумниче оваа ноќ…, му рече Бог на богаташот.

Кога би ме прашал Христос:„ Каде сакаш да те сместам? Во затвор или во една куќа како оваа“, јас би му одговорил:

„ Во еден мрачен затвор.“

Бидејќи затворот би ми помогнал. Би ме подсетувал на Христос, на светите маченици, би ме подсетувал на подвижниците кои живееле по пештерите, би ме подсетувал на монашкиот живот.

Затвотот помалку би наликувал на мојата ќелија, и тоа би ме радувало. А ова вашево, на што би ме подсетувало и во што би ми помогнало?

Затоа затворот повеќе ме исполнува, не само од еден светски салон, туку и од една убава монашка ќелија. Илјада пати порадо би бил во затвор, отколку во една таква куќа.

Кога бев во Атина на гости кај еден свој пријател, ме замоли да примам еден човек пред да се зазори, бидејки во друго време не можел да дојде.

Дојде радосен и непрестано го прославуваше Бога. Беше многу смирен и едноставен, и бараше од мене да се молам за неговото семејство.

Овој брат беше на возраст околу триесет и осум години, и имаше седум деца. Брачен пар, неговите родители, седум деца – вкупно единаесет души.

Сите живееја во една соба. Ми рече , со својствената за него едноставност:

„ Кога стоиме , се може некако, кога ќе легнеме не не’ собира во собата; малку е тесно. Слава му на Бога, сега изградивме една шупа како кујна, и веќе е подобро.

Оче мој, ние имаме кров над глава, а има луѓе кои живеат под ведро небо.“

Неговата работа беше пеглање. Живееше во Атина. Од дома излегуваше уште пред да зазори, како навреме би стасал во Пиреј, каде што работеше.

Од стоење и многу прекувремена рабоа, на нозете имаше проширени вени што му сметаше, но неговата голема љубов кон семејството правеше да заборави на болките и на своите здравствени проблеми.

Освен тоа, непрестано се прекоруваше самиот себеси, говорејќи како тој нема во себе љубов, бидејќи како христијанин не прави никакви добри дела.

Ја фалеше својата жена како онаа која покрај децата и своите родители за кои се грижеше, одела и кај старите луѓе од соседството, ги земала нивните алишта, ги перела, им ги средувала куќите и им готвела супи.

На лицето на овој добар семеен човек беше изобразена благодатта Божја. Во себе го имаше Христос и изобилство од радост, а неговата соба беше исполнета со рајско ликување.

Луѓето кои во себе го немаат Христос, полни се со напнатост; и само две такви личности не можат да се сместат ни во единаесет соби.

А оние единаесет луѓе со Христос во себе, се сместија во една собичка…

…….Гледаш, дури и побожните луѓе, колку простор и да имаат, не можат да се сместат, бидејќи во нив сеуште се нема сместено целиот Христос.

Кога жените од Фарас би го виделе овој наш денешен луксуз кој е присутен дури и во многу манастири, би рекле: „ Бог ќе испрати оган да не спржи. Бог не има оставено!“

Тие ги завршуваа работите набрзина.

Рано наутро требаа да ги изведат козите на паша, да ја зачистат куќата. Потоа ќе одеа во црква, или ќе се собираа по пештерите, и една од нив која ќе беше колку толку писмена, ќе им читаше од Синаксарот за светителот кој се празнуваше тој ден.

Потоа правеа метании, се молеа…А многу работеа и се заморуваа.

Секоја жена требаше да знае да шие се што е потребно за една куќа. Шиеја рачно. Машини за шиење беа малку, и тоа само во градот; во селото немаше.

Можеби во цел Фарас имаше само една машина за шиење. Шиеја дури и машки одела кои затоа беа поудобни за носење, и чорапи плетеа рачно. Се изработуваа со вкус, со љубов.

Секогаш им преостануваше доволно време, бидејќи се што имаа беше до крајност едноставно. Фарасјаните не се вртеа околу ситници.

Живееја во радоста на монашкиот живот. Ако, на пример, ќебето не биде убаво наместено па ќе виси малку на едната страна , и им речеш:

„ Намести го тоа ќебе“, они би ти одговориле: „ Зошто, зар ти смета за молитва?“

На денешните луѓе туѓа им е оваа радост на монашкиот живот. Не мислат дека од нешто треба да се откажат, малку да се помачат.

Кога луѓето би мислеле малку повеќе монашки, кога би живееле поедноставно, би биле помирни. Вака се мачат.

Во душите имаат напнатост и очајание.„ Оној таму е успешен, бидејќи направил две згради; а оној другиот – бидејќи научил пет јазика! Јас немам ниеден стан, незнам ниеден јазик. Оф, пропаднав!!“

Човекот кој има автомобил, размислува вака:

„Оној таму има подобар. Би требало и јас да земам таков.“

Ќе купи подобар автомобил, но повторно нема да биде задоволен, бидејќи секогаш ќе постои некој кој има уште подобар.

Ќе го купи, можеби, и тој уште подобриот, но потоа ќе дознае дека сега луѓето имаат приватни авиони, и повторно ќе се мачи.

На тоа крај не постои. А оној кој нема никаков автомобил, се радува и за се благодари на Бога:

„Слава на Бога“, размислува тој, не смета што немам автомобил.

Здрав сум и можам да одам. Колку луѓе се без нозе, па не можат да се услужат, да се прошетаат, секогаш им е потребен некој да им помогне, а јас имам нозе!“

Човекот кој е хендикепиран, (нема една нога) размислува вака:

Има и такви кои ги немаат двете нозе!“, па така и тој се радува.

Неблагодарноста и алчноста се големо зло.

Човекот обземен со материјалните работи, секогаш е обземен со грижа и напнатост, бидејќи еднаш се тресе да не му ги земат нештата, еднаш да не му ја земат душата. Еден ден дојде кај мене еден богаташ од Атина, па ми рече:

-Отче, изгубив секаков контакт со своите деца; не ги познавам своите родени деца.

– Колку деца имаш? – го прашав.

– Две – ми рече. – Ги одгледав со од пиле млеко. Што сакаа, тоа имаа! Дури и по еден автомобил им купив.

– Од разговорот сфатив дека тој имал свој автомобил, жената свој, а децата, пак, секое свој. Му реков:

– Благословен мој, наместо да ги решиш своите проблеми, ти само си ги зголемил.

Сега ти е потребна за автомобилите една голема гаража, еден автомеханичар кој ќе го плаќаш четири пати повеќе за да ги поправаш, а покрај тоа сите четворица во секој момент се наоѓате во опасност да настрадате.

А кога би живеел малку поедноставно, твоето семејство би било собрано на едно место, би се разбирале едни со други, и не би имал вакви проблеми.

Сега не ги обвинувај своите деца, самиот си виновен, бидејќи се немаш потрудено поинаку да ги воспиташ.

Едно семејство, четири автомобили, еден автомеханичар…! Па, веројатно некој од нив може да почека, па да оди малку подоцна. Сите овие олеснувања изродија само – тешкотии.

 

Ме посети и еден друг човек. Беа петмина во семејството. Тој ми рече:

– Отче, имам еден автомобил и мислам да купам уште два. Тоа многу ќе ни го олесни животот.

– А ти размислуваш за тоа, колку ли само тешкотии тоа ќе ти создаде? – го прашав.

– Еден автомобил веќе го паркираш во некој ќош, а три – каде со нив? Ќе ти треба една гаража и една остава за гориво. Ќе бидете опкружени со опасности од три страни.

Подобро да имате еден автомобил, и да ги намалите своите излегувања. Така ќе имате време за своите деца. Ќе бидете мирни. Едноставноста е над се.

– Хмм, никогаш не сум размислувал за тоа – одговори.

– Старче, некој ни има кажано дека два пати не успеал да го запре алармот на својот автомобил. Еднаш затоа што му влегла мува, а другпат затоа што тој самиот, неправилно влегол во автомобилот!

– Таков живот е право мачеништво, бидејќи се е многу комплицирано.

Повеќето од работите кои би требало да ти го олеснат животот, само изродуваат потешкотии. Мирјаните се дават во мноштво од работи.

Полни се со разно – разни олеснувачи, а така го направиле својот живот тежок. Ако човек не ги поедностави работите, едно олеснување ќе создаде безброј проблеми.

– Кога бевме мали, сечевме дрвен калем за конец од страна, и провлекувавме низ него клин. Така добивавме убава играчка, па се радувавме.

Малите деца се веселат со едно автомобилче, повеќе отколку кога нивните родители се радуваат кога ќе купат мерцедес.

Ако запрашаш девојченце:

„ Сакаш кукла или зграда?“, ќе видиш дека ќе ти одговори:

„Кукла“. Навистина, малите деца подобро разбираат што е суета на овој свет.

 

– Старче, што е тоа што би им помогнало на луѓето, за да ја разберат таа радост која се крие во едноставноста?

– Подлабоко да размислат за смислата на животот.

„Барајте го најпрво Царството Божјо…“

Оттаму потекнува едноставноста и секое правилно поставување.

Извадок од: „Поедноставете го својот живот за да отстапи напнатоста“
Извор МПЦ ОА

Претходна статијаРадувај се Илија, голем пророку, славен предходнику на Второто Христово доаѓање!
Следна статијаШеста недела по Педесетница – Свето евангелие според светиот апостол Матеј