+ ЗА СЕБЕУГОДУВАЊЕТО +
Себеугодувањето се потпира на многу нешта.
Тоа својата појдовна точка ја има во самото наше битие, односно во телото и душата на човекот, и во нештата од кои се храни нашиот надворешен живот, и воопшто во поредокот на нашето секојдневие.
Станува збор за плотоугодувањето во разни видови – сластољубие, наклонетост кон раскош, страст,
мрзливост, страст кон забави,
грижа за световниот живот, желба за чест, власт,
успешност во работата, имот,
удобен живот, врски во општеството и надворешните односи со луѓето, страст кон уметноста, страст кон потфати од секој вид.
Сето тоа во своите најразлични видови во себе го содржи нашиот егоизам, кој уверен во својата безбедност и постојаност, спокојно се темели на нив и, така изобилно хранејќи се, расте од ден во ден, кај еден на едно поле, кај друг на друго.
Спасителната Божја благодат, пак, за да го разбуди грешникот од заспаноста, својата сила ја насочува кон рушењето на нештата врз кои е втемелен егоизмот.
Еве што прави благодатта:
оној што се ограничува на угодување на телото, го фрла во болест
и, ослабнувајќи му го телото, на неговиот дух му дава слобода и сила да си дојде на себе и да се отрезни.
На оној што е заслепен од својата убавина и сила, му ја одзема убавината и го одржува во состојба на изнемоштеност.
Оној што се лула во власта и моќта, го праќа во ропство и пониженост.