СО СТАРЕЦ ПОРФИРИЈ…
Ме привлекуваше животот за кој што зборуваше и каков што живееше Старецот, па се обидов да му се приближам.
Меѓутоа, по секое откривање се уверував колку сум далеку од него.
Моите потиснати болни искуства на неправда што ги имав доживеано, повремено негативно влијае на мене, така што поради нив станував невнимателен. Мислев дека ги надминав, но во мене остана некакво скриено злопаметење – однадвор сосем невидливо, а со самото тоа и опасно.
Личеше на оправдано жалење, горчина, нестрпливост, што поради достоинството, остануваше во тишина.
Отечката поука: Љуби го грешникот, а мрази го неговиот грев, незабележливо ја превртував во себе, а мојата одвратност кон туѓиот грев се закануваше да се пренесе и на човекот.
Старецот ми укажа на опасноста, а лекот што ми го даде, беше, како и обично, во облик на поучни и длабокоумни сказанија:
Сочувство со човекот на кој злобниот му сторил неправда
„Ако еден ден”, го почна тој своето раскажување, „мирно одиш по својот пат и видиш дека и твојот брат оди во мир, но во моментот гледаш како некој лош човек изненадно, со нож во раката, скока од заседа и му се заканува на твојот брат, го удира, го влече за коса, му задава рани и го фрла на земја, и кога го гледаш тоа ќе се разгневиш ли на брат ти, или ќе се сожалиш на него?”
– Секако дека ќе се сожалам на него и дека ќе му помогнам колку што можам.
„Секој човек”, продолжи Старецот, „кој напаѓа на тебе, кој ти нанесува штета, кој те оговара, кој на кој било начин ти нанесува неправда, е твој брат кој паднал во рацете на злонамрениот ѓавол.