Во светиот и Велик Четврток, како што ни пропишаа светите отци, според Преданието што го примија од божествените апостоли и од светите Евангелија, ги празнуваме овие четири настани:

миењето на нозете, Тајната вечера, свештената молитва и предавството Јудино….

Пред почетокот на вечерата (вака зборува божествениот Златоуст), Он станува од трпезата, ја остава Својата горна облека и става вода во леген, Самиот правејќи се, за да го посрами Јуда, но и за да ги потсети другите апостоли да не бараат старешинство, како што тоа го покажува по миењето на нозете, велејќи:

„Кој сака да биде прв, нека биде последен”, давајќи се Себеси за пример.

Се чини дека Христос најнапред му ги измил нозете на Јуда, кој без срам беше го зазел првото место.

На крајот доаѓа до Петар. Но овој, бидејќи најревносен од сите, Му забранува, но на крајот пак Му дозволува да му ги измие нозете.

Откако им ги изми нозете и покажа колку високо можеме да се издигнеме преку смирението, ги зеде повторно Својата облека и Своето место на трпезата, ги поучи да се сакаат еден друг, но да не бараат старешинство.

И додека јадеа им го навести предавството. Бидејќи тие се вознемирија поради тоа, Исус му рече само на Јована, тајно:

„На оној што ќе му дадам едно парче леб, откако ќе го натопам, тој е оној што ќе ме предаде.”

Ако Петар знаеше на кого се однесуваат овие зборови, тој ќе го убиеше Јуда, бидејќи беше најревносен од сите.

Или пак: „Оној што ќе ја стави раката своја во чинијата…”, бидејќи се среќава и едното и другото.

По малку време, зеде леб и рече:

„Земете, јадете”, а слично и со чашата:

„Пијте од неа сите, ова е крвта Моја на Новиот завет…ова правете го во мој спомен.”

Ова правејќи го, и Он јадеше и пиеше со нив. Забележете добро, дека лебот (квасен) го именува Свое тело, а не бесквасниот леб (азим). Нека се засрамат оние што принесуват бесквасни лебови за бескрвната жртва.

По лебот, сатаната влезе во Јуда; ако порано само го искушуваше, сега конечно се всели во него.

Кога излезе, тој се договори со првосвештениците да им го предаде за триесет сребреника.

По вечерата, учениците отидоа на Маслиновата Гора, во една градина, наречена Гетсиманија. По некое време, Исус им рече:

„Оваа ноќ сите вие ќе се соблазните поради Мене.” Петар му рече: „Макар и сите да се одречат од Тебе, јас нема да го сторам тоа.” А беше доцна, односно длабока ноќ. Исус повторно му рече:

„Пред да запее петелот двапати, ти ќе се откажеш од Мене трипати.”

Така и се случи. Од ова Петар го обзеде голем страв. На овој начин Бог му ја покажа слабоста на неговата природа, но истовремено, бидејќи сакаше да му ја довери сета вселена, Он сака да му даде на знаење дека целиот свет има иста природа, и дека тој (Петар) треба да се покаже милостив кон грешниците.

Впрочем, тројното Петрово одречување ги претставува гревовите на сите луѓе против Бога.

Во Евангелието според Јован најопширно се опишани поединостите во врска со тоа, како Господ Исус Христос пред апостолите укажувал дека Јуда ќе биде Неговиот предавник.

Ова може да го објасниме со фактот што светиот апостол и евангелист Јован бил најблиску до Господа Исуса Христа на Тајната вечера, та дури и главата си ја навалил на Него и затоа тој можел да ги чуе сите зборови Христови.

Тој, како што забележал во Своето евангелие, откако се навалил на градите Исусови и му рекол:

„Кој е Господи“, Исус одговорил:

„ ,Оној е, на кого Јас ќе му натопам залак и подадам.‘ И кога натопи залак му го подаде на Јуда Симонов Искариот“ (Јован 13,25-26).

Тропар:

Кога славните ученици на миењето пред вечерата се просветуваа,

тогаш Јуда злочестивиот од среброљубие боледувајќи – се помрачуваше,

и на беззаконни судии Тебе праведниот Судија те предава.

Види ги, љубителу на имотност, оние што заради тоа се самоубија!

Бегај од ненаситност, душо, против Учителот со тоа дрзнувајќи:

Ти кој за сите си Добар, Господи, слава Ти!

Претходна статијаДојдете, чеда мои, да појдеме по патот Божји… (Св.Теодор Студит)
Следна статијаА гледајте, дали ние живееме вака?