34 –та недела по Педесетница

Апостол од Послание до Колосјаните (3, 12-16)

12 И така, како избраници Божји, свети и возљубени, облечете се во милосрдност, доброта, смиреност, кротост и долготрпеливост;

13 трпете се еден со друг и проштавајте си. Ако некој има поплака на некого, како што Христос ви прости, така и вие направете!

14 А над сето тоа облечете се во љубов, која е врска на совршенството,

15 и мир Божји да владее во срцата ваши, за што сте повикани во едно тело, и бидете благодарни!

16 Словото Христово изобилно нека се всели во вас; во секоја мудрост да се учите и да се советувате еден друг со псалми и химни, и со духовни песни, пеејќи Му на Господа со благодарност во срцата ваши!

Евангелие од светиот апостол Лука (18, 18-27), зачало 91.

18 И Го праша еден управник, велејќи: »Учителе добар, што да направам за да наследам живот вечен?«

19 А Исус му рече: »Зошто ме наречуваш добар? Никој не е добар, освен еден Бог.

20 Ги знаеш заповедите: не прељубодејствувај, не убивај, не кради, не сведочи лажно, почитувај ги татка си и мајка си.«

21 А тој рече: »Сето тоа сум го запазил од младоста своја.«

22 Штом го чу тоа, Исус му рече: »Уште едно не ти достига: продај сѐ што имаш и раздај го на сиромаси, и ќе имаш сокровиште на небото; потоа дојди и врви по Мене!«

23 А тој, кога го чу тоа, се нажали, оти беше многу богат.

24 Штом виде дека тој многу се разжалости, Исус рече: »Колку е тешко во царството Божјо да влезат оние што имаат богатство?

25 Полесно ѝ е на камила да мине низ иглени уши, отколку богат да влезе во царството Божјо.«

26 Оние, што го чуја тоа, рекоа: »Тогаш, кој може да се спаси?«

27 А Он одговори: »Неможното за луѓето е можно за Бога.«

Претходна статијаГосподи, прости ни нам неразумните!
Следна статијаТреба да вложиме во сега и овде! (Дедо Наум)