33 –та недела по Педесетница (по Богојавление)

Апостол од Послание до Ефесјаните (4, 7-16)

Потребно е да се одржува единството на Духот и да се оди по новиот пат.

7 А на секого од нас благодатта му е дадена според мерката на дарот Христов.

8 Затоа е и речено: »Издигајќи се на височина, плени плен и им даде дарови на луѓето«.

9 А што означува »издигајќи се«, ако не тоа дека Он слезе пред тоа во најдолните места на земјата.

10 Слегнатиот е Истиот, Кој се издигна повисоко од сите небеса, за да исполни сѐ.

11 И Он постави едни за апостоли, други за пророци, трети за евангелисти, четврти за пастири и учители,

12 за усовршување на светиите во делото на служењето, за изградување на Христовото тело,

13 додека сите не стигнеме до единство во верата и познавање на Синот Божји, до состојба на совршен маж, до мера на полната возраст на Христовото совршенство,

14 та да не бидеме веќе мали деца, што ги лула и занесува секој ветар на лажните учења, по лукавството на луѓето, по итрото искуство на измамата,

15туку со вистинска љубов во сѐ да растеме во Оној, Кој е глава, Христос,

16 од Кого целото тело, составено и склопено и сврзано преку сите дарувани врски, при дејството на секој дел, поред силите негови, нараснува за да се изградува во љубов.

 

Евангелие од светиот

апостол Матеј (4, 12-17), зачало 8.

12 Акога чу Исус дека Јован е предаден, отиде во Галилеја;

13 и, кога го остави Назарет, дојде и се насели во Капернаум приморски, во пределите Завулонови и Нефталимови,

14 за да се исполни реченото преку пророкот Исаија, кој вели:

15 „Земјата Завулонова и земјата Нефталимова, на пат кон морето, оданде Јордан, незнабожечка Галилеја е.

16 Народот што седеше во мрак виде голема светлина и на оние што седеа во пределот, и во сенка смртна, им изгреа светлина“.

17 Оттогаш почна Исус да проповеда и да говори: – Покајте се, зашто се приближи царството небесно!

Подготви С. Трајчева

Претходна статијаБидете свети! Преподобен Јустин Ќелиски
Следна статијаКОГА ГИ НАХРАНУВАМЕ ГЛАДНИТЕ, ГОСПОД ИСУС ХРИСТОС ГО ‘ХРАНИМЕ“…- Преподобен Симеон, Нов Богослов