МНОГУ ЧЕСТО НА ФБ. ВЕРНИЦИТЕ СЕ ПРАШУВААТ ШТО Е ТОА ВИСТИНСКА ИСПОВЕД, КАКО ДА СЕ ИСПОВЕДААТ.
+++
ШТО Е ТОА ИСПОВЕД
(Врз основа на делата на о. Александар Јелчанинов)
Oбично луѓето што немаат искуство во духовниот живот не ги гледаат повеќето свои гревови.
„Не направив ништо особено”, „Грешев како и сите”, „Направив само ситни гревови – не украдов, не убив”, повеќето луѓе обично на тој начин ја почнуваат својата исповед.
А самољубието, нетрпењето на прекор, суровоста, човекоугодништвото, слабоста на верата и љубовта, малодушноста, духовната леност – зар тие се неважни гревови?
Зар можеме да тврдиме дека доволно го сакаме Бога, дека нашата вера е дејствителна и огнена?
Дека секој човек го сакаме како брат во Христа? Дека достигнавме кротост, мир и смирение?
Ако не е така, во што се состои нашето христијанство? Со што да ја објасниме нашата самоувереност на исповедта, освен со „рамнодушната нечувствителност”, „мртвилото на срцето” и душевната смрт што и претходи на телесната?
Затоа светите отци што ни оставија покајнички молитви се сметале себеси за први грешиици и со искрена увереност се молеле кон Најслаткиот Исус:
„Од памтивек никој не згрешил на земјата како што згре-шив јас, проклетиот и блудниот”, а ние сме убедени дека кај нас се е во ред?
Што посилно светлоста Христова го осветлува срцето тоа појасно се гледаат сите мани (недостатоци), чирови и рани. И обратно, луѓето што се длабоко во гревовниот мрак ништо не гледаат во своето срце, а ако и видат не ги опфаќа ужас зашто немаат со што да го споредат тоа.
Заради тоа директен пат кон согледување на своите гревови е приближувањето кон Светлината и молитвата за онаа Светлина Која е суд за светот и за се „светско” во нас самите (Јн. 3, 19).
А додека нема таква блискост со Христос, која ја следи покајничко чувство што станала наша вообичаена состојба, подготвувајќи се за исповед, треба да ја проверуваме својата совест согласно заповедите, некои молитви (на пример, 3 вечерна, 4 пред светата причест), според некои места од Евангелијата и посланијата (на пример, Мт. 5, Рим. 4, Јаков 3).
Кога ја испитуваме својата душа, треба да се погрижиме да ги разликуваме основните гревови од второстепените и сиптомите од подлабоки причини.
На пример, многу се важни расејаноста на молитвата, дремењето и невниманието во црквата,
отсуство на интерес за читање на Светото писмо.
Но, зар овие гревови не настануваат поради маловерието и слабата љубов кон Бога?
Мораме во себе да ја воочиме себичноста, непослушноста, самооправдувањето, нетрпе-њето на прекор, непопуштливост и тврдоглавост, но уште поважно е да ја откриеме нивната врска со самољубието и гордоста.
Ако забележуваме желба постојано да бидеме во друштво, многу да зборуваме, желба да бидеме духовити, претерана грижа за својата надворешност, и не само за својата, туку и за своите блиски, треба внимателно да испитаме дали е тоа еден од видовите на изразување на „разнообразната суета”.
Доколку премногу ги примаме на срце неуспесите од секојдневниот живот, ако тешко ја поднесуваме разделбата со некого, ако неутешно патиме заради умрените, зар ова, освен за силата на нашите чувства, не сведочи и за неверието во промислата Божја?
Постои уште едно средство што може да ни помогне да ги согледаме своите гревови – треба да се сетиме на она за што обично другите луѓе не обвинуваат, наши непријатели, а особено луѓето што живеат со нас, нашите ближни:
нивните обвинувања, прекори и напади, речиси, секогаш се основани.
Дури можеме да го победиме самољубието и отворено да ги прашаме за тоа – од страна подобро се гледа.
При таквото испитување на срцето мораме да внимаваме да не паднеме во преголемо сомневање и ситничарење кон секое движење на срцето зашто, кога човекот ќе тргне по тој пат, може да го изгуби чувството за важно и неважно и да се изгуби во ситници.
Во такви случаи истражувањето на својата душа треба да го оставиме некое време настрана и со молитва и добри дела да ја избистриме својата душа.
Работата не е во тоа што е можно повеќе да се сетиме, дури и да ги запишеме своите гревови, туку во тоа да стигнеме до состојба на сосредоточеност, сериозност и молитва, преку кои нашите гревови стануваат јасни како на светлина.
Меѓутоа, да ги знаеш своите гревови се уште не значи и да се каеш за нив. Вистина е дека Господ ја прима исповедта, искрена и совесна, дури и кога таа не е проследена со силно чувство на каење.
Сепак „скрушеноста на срцето”, односно жалењето заради нашите гревови е она најважното што можеме да го донесеме на исповедта.
Но, што да правиме, ако „ни солзи, ни покајание немаме, ниту умиление”?
Што да правиме ако нашето срце „исушено од гревовниот пламен” не го оросуваат животворните води на солзите?
Што ако „душевната болест и телесната немоќ” се толку големи што не сме способни за искрено покајание?
Тоа, сепак, не е причина да ја одложуваме исповедта – Бог може да се допре до нашето срце во текот на самата исповед: самоисповедувањето, нарекувањето на гревот може да го омекне нашето покајничко срце и да го изостри нашиот духовен вид, да направи да станеме почувствителни.
Во совладувањето на нашата духовна тромост како подготовка за исповедта најмногу служи постот, кој, исцрпувајќи го нашето тело, го нарушува нашето телесно и душевно самозадоволство, што е погубно за духовниот живот.
За ова, исто така, служат: молитвата, иоќните мисли за смртта, читањето на Евангелието, житијата на светиите, делата на светите отци, засилената борба против својата огревовеност, добрите дела.
Нашата нечувствителност на исповедта, обично, потекнува од отсуството на Божји страв и скриеното неверие. Кон ова треба да бидат насочени нашите напори.
Најважно е да постигнеме искрено покајание и, ако е можно – солзи, но за да се појавуваат често потребен е подетален и конкретен разговор.
Токму затоа солзите се толку важни на исповедта, тие ја омекнуваат нашата нечувствителност, не потресуваат „од главата до петиците”,
упростуваат, ни овозможуваат благодатен самозаборав, ја отстрануваат главната пречка за покајанието – нашата „себичност”.
Гордите и самољубивите не плачат. Ако си заплакал, тоа значи дека си омекнал, дека си се смирил.
Значи, заради тоа, после таквите солзи, настапуваат кротоста, мирот, благоста, умилението и мирот во душата кај оние на кои Господ им испратил „радостотворен плач”.
Не треба да се срамиме од солзите на исповед, треба да ги пуштиме слободно да течат и да ја чистат нашата нечистотија.
„Давај ми потоци од солзи секој ден во постот за да ја исплачам и да ја измијам нечистотијата од страстите и да се појавам очистен пред Тебе” (1 недела од Великиот пост, понеделник на вече-рна).
Трет момент на исповедта е исповедувањето на гревовите со зборови. Не треба да чекаме прашања, треба сами да направиме напор.
Исповедта е подвиг и самопринуда.
Треба точно да зборуваме, да не го криеме ужасот на гревот со воопштени изрази (на пример: „грешен сум против 7. заповед”).
Кога се исповедуваме, многу е тешко да ги избегнеме соблазната на самооправдувањето, обидите да му ги објасниме на духовникот „олеснителните околности”, повикувањето на трети лица што не навеле на грев.
Сите тие се особини на самољубието, отсуство на длабоко покајание, длабока навлезеност во гревот што и понатаму трае.
Исповедта не е беседа за своите недостатоци и сомнежи, тоа не е запознавање на духовникот со себе, а најмалку од се е „религиозен обичај”.
Исповедта е огнено покајание на срцето, копнеж за очистување. Тие произлегуваат од чувствувањето на светињите, умирањето за гревот и оживувањето за светоста…
Во луѓето што доаѓаат на исповед забележувам желба преку исповедта да поминат безболно. Тие или се извлекуваат со воопштени фрази, или зборуваат за ситници, премолчувајќи го она што навистина би требало да ја оптоварува совеста.
Овде постои и лажен срам пред духовникот и воопшто нерешителност, како пред секоја важна работа – малодушен страв од сериозно претресување на својот живот, кој е полн со ситни слабости на кои човекот се навикнал.
Вистинската ис-повед е како благ потрес на душата, таа заплашува со својата решителност, потребата нешто да се промени или едноставно човекот да се замисли над себе.
Понекогаш луѓето на исповед се повикуваат на слабото памтење што наводно не спречува да се сетиме на сите гревови. Навистина, често се случува лесно да ги забораваме своите гревови, но дали тоа се случу-ва само поради заборавањето?
Заборавањето на исповедта не е оправдување. Заборавањето потекнува од невниманието, несериозноста и бездушноста. Настаните што особено го повредиле нашето самољубие, или обратно, што многу и поласкале на нашата суета, на своите успеси и на пофалбите упатени на наша адреса се сеќаваме долги години.
Се што остава силен впечаток на нас го паметиме долго и јасно, и ако ги забораваме своите гревови, зар тоа не значи дека едноставно не им придаваме сериозно значење?
Знак дека настапило покајание е чувството на леснотија, чистота, неискажлива радост, кога гревот ни изгледа исто толку тежок и невозможен колку што, малку пред тоа, ни изгледала далечна оваа радост.
Нашето покајание нема да биде потполно,ако каејќи се, во себе не донесеме цврста одлука повеќе да не се враќаме на исповедуваниот грев.
Меѓутоа, велат, како е тоа можно? Како можам да си ветам себеси и на својот духовник дека нема да го повторам својот грев?
Зар нема да биде поблиску до вистината токму спротивното – увереноста дека гревот ќе се повтори?
Зашто секој на основа на искуството знае дека човекот, после некое време, неизбежно се враќа на истите гревови. Следејќи се себеси, од година во година не забележувам никакво подобрување, потскокнувам и повторно останувам на истото место.
Би било ужасно кога би било така. За среќа, не е така. Нема случај во душата да не се случат благодатни промени со добра желба човекот да стане подобар, со исповед и свето причестување што и следат.
Меѓутоа, работата е во тоа, пред се, ние да не сме судии сами на себе. Човекот не може правилно да суди за себе и за тоа дали станал подобар или полош затоа што и оној што суди и она за што се суди се со променлива големина.
Зголемената строгост кон себе, изострениот духовен вид и зголемениот страв од гревот можат да создадат илузија дека гревовите се умножиле и се зголемиле: тие останале исти, можеби, дури и ослабнале, но ние порано толку не сме ги забележувале.
Освен тоа, Бог, според Својата особена Промисла, често ни ги затвора очите за нашите успеси за да не заштити од најлошиот грев – суетата и гордоста. Често се случува гревот да останал, но честите исповедувања и причестувањето со светите тајни ги размрдале и ги ослабеле неговите корени, па и самата борба со гревот, патењето заради гревот – зар тоа не е добивка?
„Не плаши се”, вели свети Јован Лествичник, „макар и да паѓаш секој ден, и не скршнувај од Божјите патишта. Стој храбро и ангелот-чувар ќе го почитува твоето трпение”.
Ако нема чувство на олеснување и препород, човек треба да има сили повторно да се врати на исповедта, својата душа докрај да ја ослободи од нечистотијата, со солзи да ја измие од црнилата и нечистотијата. Оној што се стреми кон тоа, секогаш ќе го постигне она што го бара.
Само немојте на себе да ги припишуваме своите успеси, да не сметаме на своите сили, да не се надеваме на своите напори – тоа би значело уништување на се што е стекнато.
„Мојот расејан ум собери го, Господи, и скаменетото мое срце очисти го: дај ми покајание како на Петар, како на цариникот – воздишки, и како на блудницата – солзи.”
А еве го советот на архиепископот Арсениј (Чудовски) за подготовката за исповед:
– На исповед доаѓаме со намера да добиеме простување на гревовите од Господа Бога преку свештеникот.
Значи, знај дека твојата исповед е јалова, некорисна, неважечка и, дури, навредлива за Господа, ако одиш на исповед без никаква подготовка, не испитувајќи ја својата совест,
ако заради срам или друга причина ги криеш своите гревови, се исповедуваш без скрушеност и умиление, формално, ладно, механички, немајќи цврста намера во иднина да се поправиш.
Луѓето често доаѓаат на исповед не подготвувајќи се.
А што значи да се подготвиш?
Тоа значи внимателно да ја испиташ својата совест, да се сетиш и со сето срце да ги почуствуваш своите гревови, да се решиш сите, без никакво криење, да ги исповедуваш пред духовникот, за нив да се покаеме, и не само да се покаеме, туку во иднина да ги избегнуваме.
А бидејќи сеќавањето често не изневерува, добро прават оние што на хартија ги запишуваат гревовите на кои се сетиле. И немој да се грижиш дека нема да ти бидат простени оние гревови на кои, и покрај сета желба, не можеш да се сетиш.
Само имај искрена решеност за се да се покаеш и со солзи моли го Господа да ти ги прости сите твои гревови, и оние на кои се сеќаваш и оние на кои не се сеќаваш.
На исповедта зборувај за се она што те вознемирува, што те боли, немој да се срамиш уште еднаш да ги повториш своите поранешни гревови.
Тоа е добро, тоа ќе сведочи дека постојано ја чувствуваш својата гревовност и дека го победуваш секој срам од откривањето на своите гревовни рани.
Постојат таканаречени неисповедувани гревови со кои многумина живеат во текот на многу години, а можеби и сиот свој живот.
Човекот понекогаш би посакал да му ги открие на духовникот, но премногу му е срам да зборува за нив и така поминуваат година по година.
Меѓутоа, тие постојано ја оптоваруваат душата и и подготвуваат вечна осуда. Некои од овие луѓе имаат среќа, настапува време кога Господ им испраќа духовник, им ги отвора устите и срцата на овие непокајани и тие ги исповедуваат сите свои гревови.
Така пука гнојниот чир и овие луѓе добиваат духовно олеснување и оздравување. Сепак, треба да се плашиме од непокајаните гревови!
Неисповедуваните гревови се еден вид наш долг што постојано го чувствуваме и кој постојано не оптоварува. Најдобро е кога човекот ќе го плати долгот -тогаш мир ја обзема неговата душа.
Истото е и со гревовите – овие наши духовни долгови: ги исповедуваш пред духовникот и на срцето ти станува многу лесно. Покајанието на исповедта е победа над самиот себеси, тоа е победнички трофеј затоа што оној што се покајал е достоен за секакво почитување и чест.
+++
Подготовка за исповед
Како добар пример за одредување на својата внатрешна духовна состојба и за откривање на своите гревови може да се земе „Исповед” од свети Игнатиј Брјанчанинов, нешто изменета во склад со современите услови.
Јас многугрешниот (кажи го своето име) му ги исповедувам на Господа Бога и Спасителот наш Исус Христос и тебе, чесен оче, сите мои гревови и сите мои зли дела што сум ги направил во сите денови на мојот живот и што сум ги помислил до денес.
Згрешив: затоа што заветите на светото крштавање не ги исполнив, монашкиот завет не го сочував, туку во се излажив и станав омразен пред Лицето Божјо.
Прости ни , Милостив Господи (за народ).
Прости ми, чесен оче (за поединци).
Згрешив: пред Господа со маловерието и со попуштањето пред помислите, што непријателот ги сее против верата и светата Црква, со неблагодарноста за сите Негови големи и непрестани добротворства, со изговарањето на Името Божјо без потреба, залудно.
Прости ми, чесен оче.
Згрешив: затоа што немав љубов кон Господа, ниту страв; не ја извршував Неговата света волја и светите заповеди, невнимателно се крстев, немајќи стравопочитување кон светите икони, не носев крст, се срамев да го исповедувам Господа.
Прости ми, чесен оче.
Згрешив: не ја зачував љубовта кон ближниот, не ги хранев „гладните и жедните, не ги облекував голите,
не ги посетував болните и заточените во темница”, не се учев на законот Божји и на преданието на светите отци поради мрзливост и негрижа.
Прости ми, чесен оче.
Згрешив: со неисполнувањето на црковното и келијното правило, одев во храмот Божји без ревност, со мрза и невнимание, не ги исполнував утринските, вечерните и другите молитви, за време на службите во црквата грешев со празнословие, смеење, дремење, невнимание кон она што се чита и пее, со расејаност на умот, излегување од храмот за време на службата, не одев во храмот Божји поради мрзливост и негрижа.
Згрешив: дрзнувајќи се нечист да одам во храмот Божји и да допирам секаква светиња.
Прости ми, чесен оче.
Згрешив: со непочитувањето на празниците Божји, нарушувањето на светите постови и непридржувањето на посните денови – среда и петок, со неумереноста во јадењето и пиењето,
прејадувањето, тајното јадење, разновидното јадење, пијанството, незадоволството од храната и пиењето, облеката, чекањето се на готово, исполнувањето на својата волја и разум, со самоволието, самовластието и самооправдувањето, немањето на должна почит кон родителите, невоспитувањето на своите деца во православната вера, проколнувањето на своите деца и блиските.
Прости ми, чесен оче…