СВЕДОШТВО ЗА ИЗГЛЕДОТ НА ГОСПОД ИСУС ХРИСТОС

Во деновите на Христовото Воскресение, нашите читатели сигурно ќе ги интересира ова писмо упатено на римскиот император од незнабожецот Публие Лентуло, намесникот на Јудеја (претходникот на Пилат), кој како современик Го опишува Христа и Неговите морални особини.

Ова писмо е преведено од латински, а оригиналот и денес се чува во семејството Цезарини во Рим, и тоа гласи:

„Чув Цезаре, дека сакаш да знаеш она за што сега ти пишувам: Овде се наоѓа човек, кој живее правејќи големи добрини, а се вика Исус Христос. Народот Го нарекува пророк, а неговите ученици Го сметаат за божество.

Велат дека е син на Бог, творец на небото и на земјата и на сето тоа што на неа има и биднува.Навистина Цезаре, секој ден се слушаа чудни работи за овој Христос:

Дека лекува болни само со допир со својата рака и воскреснува мртви само со еден збор.

Тој е човек од среден раст и убава става.
Изгледот му е благ и достоен за почит.

Косата му прилега на бојата на зрел лешник, во кадри му паѓа преку ушите и со бескрајна милина му ги прекрива плеќите, ја носи со патец по средина на темето – на назаренски начин.

Челото му е високо и чисто.

Образите му се симпатично румени. Носот и устата му се совршено правилни.
Брадата му е густа, по боја како и косата, не е долга, на средината разделена.
Очите му се убави и сјајни како сончевите зраци и никој не може право да го гледа, поради светлината

Укорува со величественост и опомените му се полни со благост. Кога зборува или твори секогаш тоа го прави со милина и сериозност.

Никогаш не го виделе да се смее, ама го виделе да плаче.

Многу е мудар, умерен и многу скромен. Со еден збор, тоа е човек кој со својата големина и телесна убавина и своите божански предности ги надминува синовите човечки.

Со наука го восхитува целиот Ерусалим. Тој никаде ништо не учел, а ги знае сите науки.Оди бос и гологлав. Мнозина му се потсмеваат, ама во негово присуство треперат и се чудат.

Велат дека таков човек никогаш не е ни виден ни чуен во овие предели.

Многу Евреи го сметаат за божество и му веруваат, а други го тужат кај мене како да е противник на Твоето Величество Цезаре.

Тој никогаш и никаде и никому не сторил зло, сторил само добро.

Сепак Твоето Величество Цезаре сум готов да го слушам и како ми наредиш ќе биде извршено.
Здраво.

Во Ерусалим, седма индикција месец единаесетти.На Твоето Величество најверен и најпослушен слуга.”

Намесник: Публие Лентуло

Преземено – од Преданието на Св. отци

Претходна статијаНЕ ПЛАШИ СЕ, МАЛО СТАДО!
Следна статијаСВЕТЛА СЕДМИЦА – Зошто го барате меѓу мртвите…?