НЕДЕЛА ПЕТТА ОД СВЕТИОТ ПОСТ

Канон на преподобната, на 4. Глас 6.

Песна 1

Ирмос: Некогаш Господ го потопи во морето фараонот, а спасените момчиња го скрија под земјата гонителот мачител. Но ние, како деца на искупениот народ, да му пееме на Господа, зашто славно се прослави.

Мене, кој го празнувам твојот светлоносен и божествен спомен, светлина испрати ми, преподобна, која стоиш пред Христа – непристапната Светлина, избавувајќи ме од секакви животни искушенија.

Господ, Кој знае сè пред да се создаде, неописаниот и предвечниот, Кој во Египет појде со тело, тебе те покажува сесветла ѕвезда од Египет.

Не знаејќи ги божествените заповеди, Чесна, божествениот образ Божји во себе си го извалкала; со божествената, пак, промисла повторно си го очистила, сефалена, откако се обожи со твоите божествени дела, преподобна.

Богородичен: Колку е големо, Боже мој, Твоето големо милосрдие и Твоето неискажливо снисходење!? Како онаа што отпрвин беше блудница, по молитвите на Твојата Мајка, како чиста и непорочна, си ја направил слична на ангелите!?

Песна 3

Ирмос: Кога тварта Те виде како висиш на лобното (место), Тебе, Кој сета земја ја обеси на водите, од голем ужас трепереше, викајќи: Никој не е свет како Тебе, Господи!

Тебе, која до вратата на погибелта се приближи со грешните дела, вратата на покајанието ти ја отвора, Сечиста, Оној што порано со силата на божеството ја скрши вратата адова, Кој и самиот е врата на животот.

Онаа што порано беше оружје на гревот, Долготрпеливе, Ти целосно ја одврати од лажните дела на демонот, преку поклонувањето на Твојот крст божествен, Милостиве.

Оној што порано ја пролеа Својата крв, за откуп на сите, Кој на сите им дава битие, со бањата на солзите те прави чиста, тебе која си заболена од тешка лепра на лоши дела.

Богородичен: Ниту еден збор не е доволен да ја искаже твојата тајна, Дево, зашто Словото Божјо во тебе боголепно се всели, со еден збор давајќи им на сите што грешат разрешување на гревовите.

Седален, глас 8.

Кога со посниот подвиг ги заузда сите телесни нагони, ја покажа храброста и цврстината на твојата душа; сакајќи да го видиш крстот Господен, самата себе се распна за светот, сечесна. Оттука и желбата твоја да живееш живот ангелски, себлажена. Моли Го Христа Бога да им дарува прошка на гревовите на оние што со љубов го слават твојот свет спомен.

Слава, и сега: богородичен:

Да ја воспееме небесната врата и ковчег, сесветата гора, духовниот рај, Евиното избавување, големото сокровиште на целата вселена, зашто спасението на светот преку неа се изврши. Затоа нејзе ѝ викаме: Моли се на Твојот Син и Бог, да им дарува прошка на гревовите, на оние што набожно се поклонуваат на Твоето сесвето рождество.

Песна 4

Ирмос: Предвидувајќи го Твоето божествено понижување на крстот, (пророк) Авакум зачуден викашее: Ти си ја пресекол моќта на силните, Благи, слегувајќи при оние во адот, како сесилен.

Како создател на човечката природа, како извор на милост и богатство на милосрдие, си ја помилувал, Човекољупче, онаа што во Тебе прибежиште најде и си ја избавил од ѕверот погибелен.

Желна да го видиш крстот, со просвештението на крстот си се озарила, Марие, и со еден знак на Оној што на крстот се прикова, како Него се распна за светот и ти, која за восхит си достојна.

Ти, која отпрвин за мнозина беше причина за грешење и сладострасни наслади, засветли како сонце, и на сите што грешат им се покажа како пат што води кон Бога, преподобна.

Богородичен: Ти го надмина и умот на ангелите, духовно небо на Царот на сите! Законите на природата се надминати, Дево Чиста, зашто Законодавецот и Создателот на сите си го родила.

Песна 5

Ирмос: Исаија кога ја виде незаодната светлина, што нам милостиво ни се откри со Твоето Богојавление, Христе, од ноќта поранувајќи, викаше: Ќе воскреснат мртвите и ќе станат оние во гробовите, и ќе се зарадуваат сите родени на земјата.

Некогаш Мојсеј се прослави на Синај, откако имаше видение на Бога, скицирајќи чудесна тајна: а сега Марија, откако набожно се поклони пред пречистата икона, пред стомната која содржи мана, живот ангелски започна.

Онаа што го оскверни твојот храм во своето тело, посака да ја види убавината на Твојот дом, и духовниот храм на Твојата слава, како што пее Давид: по молитвите на Онаа што беше Твој пречист храм, Христе, направи ме храм на Твојот семоќен Дух.

Онаа што со очите, преку јадицата на своето тело, со краткотрајни наслади улови мнозина, кои станаа плен на ѓаволот, и самата вистински беше уловена со божествената благодат на чесниот крст и стана најслатка храна Христова.

Богородичен: Пророчкиот собор, упатен во твојата тајна, со таинствени Божји зборови, Пречиста, на многу начини претскажа за тебе. И Марија (Египетска), откако се поклони сега пред твојата пречиста икона – пред стомната со мана – за грешниците посредница пред Бога стана.

Песна 6

Ирмос: Крајната бездна гревовна ме обзеде и, не поднесувајќи ги повеќе брановите, како Јона Ти викам: Господи, од гнилежот изведи ме.

Се радуваат, Марие, ангелските воинства, гледајќи во тебе рамен живот на нивниот, преподобна, и Му оддаваат слава на Господа.

Мрачните сили демонски се плашат од крепкоста на твоето трпение, бидејќи ти, како жена, необлечена и осамена, си ги победила.

Си засветила како сонце, Марие, сефалена, и со чудеса сета пустина си ја просветлила. Затоа и мене со Светлината (Божја) просветли ме.

Богородичен: Ангелите, просветлени со славата на Твоето Рождество, Дево, нам, на сите, ни објавија: Мир на земјата, и добра волја меѓу луѓето.

Кондак, глас 3.

Порано исполнета со секакви блудни дејства, сега со покајание се покажа Христова невеста; ангелскиот живот подражавајќи го, со оружјето на крстот демоните ги погубува. Поради тоа се покажа невеста на Царството, Марие преславна.

Икос: Агницата Христова и ќерка, со песни да ја прославиме сега, Марија вечно споменуваната, која се покажа како египетска овца, и сета нивна прелест ја избегна, и како единствен совршен цвет на Црквата се принесе, со воздржување и молитва над мерата на човечката природа. Затоа единствениот Седржител ги возвиси и животот и делата на Марија преславната.

Песна 7

Ирмос: Младите момчиња во Вавилон, не се исплашија од огнот во печката, но среде пламенот фрлени, оросени пееја: Благословен си, Господи, Боже на нашите татковци.

Еден од најголемите отци, мудриот Зосим, обиколувајќи ја пустината, се удостои да ја види преподобна Марија; затоа вика: благословен си, Боже на татковците наши.

Преподобната му велеше на старецот: Што си дошол да видиш, оче? Жена лишена од секаква добродетел? А тој повика: Благословен си , Боже на татковците наши.

Блажена (Марие), откако ги умртви нападите на твоите страсти, сега се устреми кон бестрасното пристаниште, викајќи: Благословен си, Господи, Боже на татковците наши.

Богородичен: Си зачнала неискажливо, останувајќи Дева, Пречиста, и си му го родила на светот спасението – Христа нашиот Бог: затоа сите ние верни со песни те величаме.

Песна 8

Ирмос: Небото од страв нека трепери и нека се затресат темелите на земјата, зашто, ете, меѓу мртвите се вбројува Оној што живее во висините, и во мал гроб како странец се прима; Него, млади момчиња, благословете Го; свештеници, запејте Му; превозносете Го во сите векови.

Спасителу, Кој ги испитуваш длабочините на срцето, Кој нè познаваш уште пред нашето раѓање, од опасностите на животот ја ослободи онаа што дојде при Тебе, која непрестајно вика кон Твоето човекољубие: свештеници, благословете Го; луѓе, превозносете Го во сите векови.

О чесна промена! – твоето обраќање кон подоброто, чесна Марие! О љубов божествена, која ги замрази телесните наслади! О веро ревносна и божествена, сефалена Марие! Ние верно те фалиме и превозносиме во вековите.

Си ја нашла наградата за твоите болки и подвизи, чесна Марие, со кои си го победила убиецот непријател: и сега со ангелите непрестајно пееш, превозносејќи Го Христа во вековите.

Богородичен: Во твојата утроба, Дево чиста, целиот ме обнови, а Господарот на сите векови притоа не ги промени својствата на двете природи: затоа, како причина на нашето спасение, со песни те славиме во сите векови.

Песна 9

Ирмос: Немој да редиш за мене, Мајко, за Синот што Го зачна бессемено, зашто ќе воскреснам и ќе се прославам и, како Бог, со слава ќе ги вознесам оние што со вера и љубов те величаат.

Поткрепувана со моќната сила Христова, лесно си го поднела пустинскиот напор, зашто скверните помисли што ти надоаѓаа си ги изгасила со потоците од божествени солзи, чиста (Марие), височино на испосниците и похвало на преподобните.

Со пресветли лачи те просветлува светлината, единствената која Го роди Христа – Пречистата Дева. Таа те направи страшна за непријателите, чесна Марие, пример за сите, украсу на страдалците, тврдино на преподобните.

Откако мудро се одрече од сè што е земно, чисто живеалиште на Духот си се покажала. Моли Го единствениот ослободител Христос, од секакви земни грижи да ги ослободи оние што верно го слават твојот божествен спомен, Марие.

Богородичен: Дево, надминувајќи ја природата и нејзините закони, ново Дете на земјата си родила, Чиста, Законодавецот и Вечниот, мислено небо на Творецот на сите: затоа со вера и љубов те ублажуваме.

Светилен.

Имајќи те за образец на покајание, сепреподобна Марие, моли Го Христа, за време на постот, Он да ни се дарува, та со вера и љубов, со песни да те прославиме.

Изворː ИЗБОР на месечни и празнични богослужби. Втор том, Февруари – август (препев и превод од црковнословенски јазик протојереј – ставрофор Јован Таковски).
– Битолаː Преспанско-пелагониска епархија.

Недела на Марија Египетска

Извор: ПОСЕН ТРИОД

Подготви С. Трајчевска