суеверие кое се манифестира внатре во црквите (отворање на вратата од црквата, курбан, палење на точно одреден број на свеќи,
начинот на палење, начинот на оставање парички на иконите,
оставање на други предмети или делови од облека да „постојат“ во црквата и други чинења и нечинења – најчесто при венчавките итн.);
суеверие кое се манифестира преку одење кај бајачи (гатачи, гледачи, оџи итн.);
суеверие кое се манифестира преку народните обичаи и суеверие во хороскопи и во одлучувачкото влијание на ѕвездите.
Најлошо од сите суеверија е она кое се изразува со одење кај бајачи и слични, најподмолно е она кое се изразува и шири преку народните обичаи, најсоблазнителни се хороскопите, а најглупаво е она кое се практикува во црквите, особено ако тоа се случува пред очите или со знаење и помош на неуки свештеници, или во соработка (додуша ретко) меѓу бајачи и такви свештеници.
Посебна тема е кога и самите свештеници промовираат суеверие.
На пример, се случува некои свештеници да извршуваат некоја Света Тајна (Крштевка, Венчавка итн.), а истовремено да вметнуваат во неа и некои елементи на суеверие (врзување на чворови со платна при Венчавка, менување на вода за крштевање или два различни купела за двата различни пола итн., итн.). Но, за тоа другпат.
Сега само ќе спомнеме дека свештеникот, како пастир, наместо да го промовира треба да го искористи суеверието кај луѓето и да го преобрази во вистинска вера.
Многу е полесно од суеверен човек да направиш верник, отколку да направиш верник од атеист. Тоа барем би требало да е лесна задача за свештенството – со актуелното ниво на духовен развој.
Во што се состои разликата помеѓу верата и суеверието?
Верата секогаш подразбира правилно (црковно-православно) верување во Отецот и Синот и Светиот Дух; личен подвиг (себежртвување) при исполнувањето на Божјите заповеди; учество во Светите Тајни на Црквата (Крштевање, Исповед, Причест итн.) и градење на личносен однос со Бог.
Суеверието е неправилно (магиско) верување; личен подвиг (или себежртвување) скоро да нема – особено не за исполнување на Божјите заповеди; учество во Светите Тајни на Црквата скоро да не постои, а и да постои во некој случај, тоа се практикува пак како магиски чин и никогаш (при суеверието) не се работи за градење на личносен однос со Бог, туку чинот се извршува исклучиво заради некаква среќа, некое здравје или некоја друга добивка и интерес.
Суеверниот човек повеќе се плаши да не ги погреши или да не ги направи своите суеверни постапки, а не се плаши или не помислува дека со тоа што го прави ги прекршува заповедите на Живиот Бог. Суеверието е најпримитивен начин на верување.
Уште една битна разлика што треба обврзно да се спомне е тоа што во подвигот според верата секогаш содејствува и Божјата благодат, додека демонските застрашувачки помисли, влијанија и поттикнувања се постојани следбеници на суеверието.
Дејството на Божјата благодат е такво што човек никогаш не се чувствува осамен, несигурен и уплашен; и не само тоа, туку секогаш се чувствува заштитен, радосен или утешен, храбар и полн со надеж и животна светлина – и тоа не само кога му е добро, туку и во најголемите несреќи што можат да го снајдат.
Суеверниот човек најчесто се чувствува осамен, несигурен и уплашен (од демонските помисли – немој нешто да не згреши од тоа што му рекол бајачот или од тоа што налага народниот обичај или хороскопот, и сѐ да тргне наопаку) и го карактеризираат разни видови на забележливи невротични манифестации – нема контрола над своите помисли, чувства, а секако и над своите зборови и дела (да не говориме за растројства на личноста и психози како последици, ако и за тоа има психичка подлога).
Суеверниот човек е најчесто несреќен и незадоволен, како и склон кон разни зависности. Наголема „радост“ му е еуфоријата, а најчесто е депресивен.
Верата е живот со смисла и цел, а суеверието е бесмислен и бесцелен живот.
За очигледното суеверие, какво што е одењето кај бајачи и слични, заради правење бели или црни магии, како и за верувањето во одлучувачкото влијание на ѕвездите, нема ни потреба од зборување.
За суеверието во народните обичаи кои најчесто се случуваат при разни радосни настани (венчавки, крштевки, празници, градби, почетоци на некој бизнис итн.) или тажни настани (погреби, болести и разни други несреќи – од кои човек бара избавување),
како и за суеверието што се пројавува во црквите, треба посебно и постојано да се говори и да се потсетува затоа што е уште многу присутно во народот.
Тоа е, како што спомнавме погоре, должност на свештениците кои постојано и непосредно се среќаваат со тие појави на терен. Посебно што суеверието е толку раширено и опасно што целиот наш народ го остава без Божјата благодат и постепено но сигурно го предава во рацете на неговите непријатели.
Важно, кај сите четири вида на суеверие принципот е ист:
ако човек направи нешто – дали ќе жртвува животно (таканаречен курбан),
или ќе исполни нешто што бајачот ќе му нареди (дали ќе носи некоја амајлија или кое било друго дејствие),
или ќе исполни нешто што е согласно со народниот обичај за соодветното случување,
или ќе постапи според хороскопот – тој „верува“ дека доследното извршување на обичајот (или правилото) ќе му донесе здравје, среќа или некоја друга корист или интерес.
Човек, значи, „верува“ дека на некој автоматски (магиски) начин, без Бог, само преку некакво одредено чинење или (поретко) нечинење, без никаква мака или со малку пари, ќе си ги оствари своите желби и интереси.
Бидејќи, во целиот тој магиски пристап кон животот, личен однос и заедница со Бог скоро да не постои како опција, а за личен подвиг, покајание и исповед, како и Причест со Светите Христови Тајни најчесто не станува ни збор, се поставува следното нормално прашање за оние кои тоа го прават:
Ако на Бога не Му служите и ако со Бога не заедничарите, сте се запрашале ли чии слуги сте вие и кој ви помага при остварувањето на вашите очекувања?
Затоа што демонот е лажго и човекоубиец од почеток и може да исполни некои ваши магиски барања (ако заради вашата упорност во гревот на суеверието Бог тоа го дозволи) колку да ја улови вашата душа, а откако ќе му паднете во раце, секако ќе ве повлече со себе на патот по кој тој тргнал.
Ама тој пат не е вистински Пат, Живот и Вистина – не е вечната љубов и слобода на Богочовекот Исус Христос, туку е вечна погибел и на душата и на телото.
Затоа, заради Богородица, Боже, биди милостив кон нас и дарувај ни покајание и просветлување за да можеме да го препознаеме и да отстапиме од секое демонско суеверие, кое нѐ одделува од Тебе и Твоето Царство.