Роден е во селото Кампсада во Фригија од сиромашни родители. Во детството беше чувар на гуски. И уште од детството врз него беше голема Божја благодат и можеше да исцелува болести кај луѓето и кај животните и да изгонува бесови.
Во годината 225-та со Римското Царство завладеа Гордијан. Иако беше идолопоклоник, тој не ги прогонуваше христијаните и Бог го милуваше заради тоа. Гордијан имаше многу убава ,паметна и умна ќерка по име Гордијана.
Кога стаса за мажење, поради нејзината убавина и памет многу големи и славни кнезови започнаа да ја бараат за своите синови.
Но, по допуштање Божјо, во девојката влезе ѓаволот и непрестано многу ја мачеше, та од маки таа се фрлаше во оган и вода. Поради тоа нејзините родители многу тагуваа и горко плачеа.
Ги доведуваа најпрочуените лекари, но без успех. Најпосле останаа без надеж и се убедија дека за неа нема лек. Еден ден самиот ѓавол, по Божја наредба, повика со зборовитеː
– Никој не може да ме истера одовде, освен момчето Трифун!
Нејзините родители не им посветија внимание на тие нејзини зборови, но вака безнадежни, не знаејќи што да прават, императорот нареди да се провери насекаде по империјата дали постои таков човек по име Трифун.
И доведуваа многумина со тоа име, но ниту еден не можеше да го истера демонот од царевата ќерка. Тогаш во Фригија, во селото Кампсада, го пронајдоа седумнаесетгодишниот Трифун, како чува гуски крај езерото и го поведоа во Рим.
Ѓаволот, насетувајќи ја близината на светителот,започна немилосрдно да ја измачува девојката, викајќиː
– Не можам повеќе да живеам овде се приближува Трифун, и за три дена ќе пристигне! Не можам повеќе да поднесам! – така викајќи злиот дух излезе од девојката. На третиот ден во градот пристигна свети Трифун.
И доведен во царскиот дворец со љубов беше примен од царот, зашто тој го препозна според зборовите кои ги изговори ѓаволот, излегувајќи од неговата ќеркаː „По три дена ќе пристигне“.
Пресреќен и бескрајно благодарен што неговата ќерка е повторно здрава, царот го замоли светителот ако е возможно да им го покаже ѓаволот, за да го видат со своите очи.
Свети Трифун се согласи и откако помина шест дена во пост и молитва, одозгора доби голема и силна власт над нечестивите духови. На седмиот ден, царот заедно со Сенатот дојде кај блажениот, сакајќи со своите телесни очи да го види ѓаволот.
А слугата Божји, свети Трифун, исполнет со Дух Свети и гледајќи го со духовните очи невидливиот дух, речеː
-Тебе ти велам, духу нечист, во името на мојот Господ Исус Христос, јави им се на очигледен начин на присутните, покажи им го својот наказен и бесрамен лик и исповедај ја својата немоќ!
Во истиот момент ѓаволот се појави пред очите на сите присутни во облик на црно кучеː очите му беа како пламен, а главата му се влечеше по земјата.
Светителот го прашаː
– Демоне, кој те испрати ваму да влезеш во девојката? И, како си се дрзнал да влезеш во боголико створение ти, кој самиот си безобличен, немоќен и исполнет со секаква нечистотија?
Ѓаволот одговориː
– Испратен сум од мојот отец, сатаната. Тој е поглавар на секое зло и седи во пеколот. Тој ми заповеда да влезам и да ја мачам оваа девојка.
Повторно го праша светителотː
– Кој ви даде власт да истапите против Божјите створенија? А демонот гласно ја кажа вистината, говорејќиː
– Ние немаме власт над оние кои го познаваат Бога и веруваат во неговиот Единороден Син, Исус Христос, за кого Петар и Павле умреа овде. Ние со страв бегаме од нив, освен кога ќе ни биде допуштено да нападнеме некого однадвор со помош на лесни искушенија.
Оние пак кои не веруваат во Бога, и во Синот Божји, а одат по своите желби – над нив добиваме власт да ги мачиме. А дела кои нам ни се пријатни се овиеː идолопоклонство, богохулство, прељуба, баење, гатање, завист, убиства, гордост…
Со вакви и слични дела, зафатени како во мрежа, луѓето се отуѓуваат од Бога, својот Творец, и доброволно стануваат наши пријатели, и заедно со нив ќе примиме вечни маки.
Кога го слушнаа тоа, и гледајќи го овој ужасен призор, царот и присутните беа запрепастени; и многумина се одрекоа од незнабожтвото и поверуваа во Господ Христос, а верните се утврдија во верата и го прославија Бога.
Свети Трифун му нареди на демонот да оди во местото огнено, во пеколот. И демонот исчезна. А, царот му подари на светиот многу дарови, и го отпушти со мир во домот негов.
Но светителот, сѐ што доби по патот го раздаде на сиромаси. Кога се врати во Кампсада продолжи со своите вообичаени подвизиː исцелуваше болни и Му угодуваше на Бога со својот свет и непорочен живот.
Тропар, глас 4.
Маченикот Твој Трифун, Господи, во своето страдање прими нераспадлив венец од Тебе – нашиот Господ; имајќи ја, пак, Твојата поткрепа, ги порази мачителите и ја скрши немоќната смелост на демоните. По неговите молитви, спаси ги душите наши.
Кондак, глас 8.
Поткрепен од Света Троица, ти го разруши култот на мноштвото богови, чесен Трифуне, славен во Господа; а кога ги победи мачителите, благодарение на Спасителот Христа, ти го прими венецот на твоето мачеништво како непобедлив, и даровите на божествените исцеленија.