Светиот маченик Бонифациј

Мачеништвото за Христа од грешникот прави светител.

Тоа го покажува примерот на Свети Бонифатиј.

Тој најпрво ѝ беше слуга на некоја богата и развратна жена во Рим, Аглаида, со којашто имаше нечиста и незаконска врска. Обајцата беа незнабожци.

Еднаш Аглаида посака да има во куќата маченички мошти и да ги чува како амајлија што штити од зло. Затоа го прати својот слуга во Азија, за да најде и да ѝ купи мошти.

Бонифатиј зеде со себе неколкумина робови и доста богатство, а при разделбата ѝ рече на својата господарка:

„А ако не можам да најдам никаков маченик и ако ти го донесат моето тело, госпоѓо, пострадано за Христа, ќе го примиш ли со чест?“

Аглаида се насмеа и го нарече пијаница и грешник. Така се разделија.

Кога дојде во градот Тарс Бонифатиј виде мнозина христијани на маки:

едни со отсечени нозе, други без раце, трети избодени, четврти на бесилки итн.

Нему му се измени срцето, се покаја за својот грешен живот и заплака.

И сред христијанските маченици возвикна:

„И јас сум христијанин!“

Судијата го подложи на маки, нареди и грозно го биеја, потоа му истурија врело олово во устата и бидејќи тоа не го повреди – му ја отсекоа главата со меч.

Робовите го зедоа неговото тело и го однесоа во Рим.

Ангел Божји ѝ се јави на Аглаида и ѝ рече:

„Прими го оној што некогаш ти беше слуга, а сега ни е брат и сослужител; тој ти е чувар на душата и заштитник на животот“.

Ужасната, Аглаида излезе во пресрет, го прими телото на Бонифатиј, му изгради црква и во неа ги положи моштите на маченикот.

Таа потоа се покаја, им го раздаде сиот свој имот на бедните, а самата се повлече од светот и поживеа уште петнаесет години во горко покајание.

Свети Бонифатиј пострада во 290 година.

 

Тропар на светиот Христов маченик Бонифациј

Бонифацие свети мачениче,

покајанието кон Љубовта Христова те поведе,

напоен со молитвите на мачениците,

ти за себе простување и венец од Господа измоли,

а за Аглаида, твојата придружничка солзи кои

ја мијат секоја нечистотија на човековата душа.

Моли се свети мачениче по твоето застапништво

да добиеме простување на гревовите.

 

СПОМЕН НА СВЕТИОТ МАЧЕНИК БОНИФАЦИЈ

УТРЕНА

Тропар, глас 4.

Маченикот Твој, Господи, Бонифациј, во страдањето свое прими венец нераспадлив од Тебе – нашиот Бог; имајќи ја, пак, Твојата поткрепа, ги порази мачителите и ја скрши немоќната дрскост на демоните. По неговите молитви, спаси ги душите наши.

Седален, глас 4.

Испратен да донесеш мошти од маченици, и ти си станал вистински маченик, блажен и сефален Бонифацие, зашто се ослободи од бремето на онаа којашто те испрати. Но, грижливо моли се, сите да примат целосна прошка на гревовите.

Песна 4.

Ирмосː Поради љубов кон Твојот образ, си застанал на Твојот Крст, Штедре, и незнабошците се растопија, зашто Ти си мојата крепост и пофалба, Човекољупче.

Славејќи го трпението на мачениците, ти си станал сличен ним, подражавајќи ги нивните чесни страдања, богомудар и пребогат маченику.

Одејќи со вера да ѝ донесеш мошти маченички на онаа којашто те испрати, ти си наредил да ѝ биде вратено твоето (маченичко) тело, богомудар и блажен Бонифацие.

Очистен како злато во огништето на маките, ти се покажа уште почист, маченику, носејќи го печатот на страдањата на Создателот.

Богородиченː Дознавајќи дека девството останало запечатено по раѓањето, Отроковице, верно си Го величала Словото Кое неискажливо се роди од твојата утроба.

Кондак, глас 4.

Ти се приведе доброволно самиот себе како непорочна жртва, на Оној Којшто благоволи да се роди заради тебе од Дева, свет венценосецу, премудар Бонифацие.

Песна 8.

Ирмосː Избавителу на сите, Сесилен, кога слезе среде пламенот, ги ороси набожните (момчиња) и ги научи да пеатː Сите дела, благословете Го Господа, и пејте Му.

Овозможувајќи ти спасение тебе, Бонифацие, којшто бараше мошти од добропобедни маченици, Христос те крепеше за да станеш тоа што го бараше со вера.

Заради среќа на твојата господарка, блажен маченику, ти ѝ се даде како блажено сокровиште. Откако се збогати со него, таа пееше со весело срцеː Сите дела, благословете Го Господа, и пејте Му.

Славната жена (Аглаида), со брзање ти изгради свет храм, и те положи во него тебе, којшто беше храм на Света Троица, страдалнику Христов, Бонифацие.

Откако се умртви од љубов кон Создателот, Којшто ги умртвува кобните страсти, оживотвори ги, со твоите молитви, оние што јасно извикуваатː Сите дела, благословете Го Господа, и пејте Му.

Богородиченː Откако Севишниот Бог слезе во тебе, Чиста Дево, и се воплоти како што Самиот Он знае, ги обожи луѓето коишто пеатː Сите дела, благословете Го Господа, и пејте Му.

Песна 9.

Ирмосː Ева, поради болеста на непослушноста, ја всели клетвата; а ти, Богородице Дево, со процутувањето на Плодот во твојата утроба, на светот благослов му процвета. Затоа сите ние те величаме.

Кога ги виде твоите свети мошти, секогаш споменуваната (Аглаида) извикаː Јас те испратив како слуга тебе, блажени, а те примам како вистински господар, којшто ме избавуваш од ропството на злото, со твоите благопријатни молитви.

Како крин си процветал во духовните ливади на мачениците, Бонифацие, како палма се издигна, како благомирисен кедар се позна, и како избран кипарис се покажа, намирисувајќи ги душите наши.

Твојот спомен, страдалнику, денес ни блесна како сонце со сјајот на божествените дарови, просветлувајќи ги душите на оние што те воспеваат, и растерувајќи ја маглата на страстите, богомудар и себлажен маченику.

Богородиченː Озари ме со твојата светлина, Сенепорочана, мене којшто сум држан во гревовната темнина, Богородице, и дај ми да одам во денот на божествените заповеди, Богоневесто, за да те воспевам тебе, Сепеана.

Изворː ИЗБОР на месечни и празнични богослужби. Прв том, Септември – јануари (препев и превод од црковнословенски јазик протојереј – ставрофор Јован Таковски).

– Битолаː Преспанско-пелагониска епархија, 2008.

Претходна статијаПостот има подлабоки корени од новогодишните лумпувања!
Следна статијаУМОТ ЗАСТАНА… (За молитвата – Архимандрит Софрониј)