СВЕТ Свети Игнатиј Брјанчанонов

Зборот Свет има две значења во Светото Писмо.

 

1) Во следниве изрази на Светото Писмо како и на нив слични со зборот – свет се означува целиот човечки род:

 

„Зашто Бог толку го возљуби светот, што Го даде Својот Единороден Син, та секој што верува во Него да не погине , но да има живот вечен.

Оти Бог не Го испрати Синот Свој во светот, за да му суди на светот, туку светот да го спаси преку Него“ (Јован 3, 16-17).

Со зборот свет се означуваат оние луѓе кои водат гревовен живот спротивно на волјата Божја и кои живеат за светот, а не за вечноста.

Така треба да се сфаќа зборот свет, во следниве и на нив слични изрази:

„Ако светот ве мрази, знајте дека светото Мене уште пред вас ме замрази. Да бевте од овој свет, тогаш светот ќе го љубеше своето, но бидејќи не сте од светот, туку Јас Ве избрав од светот – затоа светот и ќе ве мрази“ (Јован 15, 18-19).

„Не сакајте го светот и се што е во него. Ако некој го сака светот, во него нема љубов од Отецот. Зашто, се што е во светот – похота на телото, желбата на очите и гордоста на животот, не е од Отецот, туку од овој свет. А светот поминува и похотите негови, а Оној, што ја извршува волјата Божја останува до века“ (1 Јов. 2, 15-17)

Блажен Теофилакт Охридски вака го одредува светот:

„Светото Писмо со зборот „свет“ вообичаено го нарекува животот на грешните луѓе и на оние кои пребиваат во него мудрувајќи телесно: затоа Христос и им рекол на Своите ученици: не сте од светот.

Тие биле дел од луѓето кои живееле „во светот“, но бидејќи не пребивале во грев, не биле од светот.

 

Повеќето од луѓето воделе и водат гревовен живот, омразен од Бога, непријателски на Бог; заради тоа што бројот на Божјите непријатели е многу поголем од бројот на верните Божји служители, повеќето во Светото Писмо се нарекува свет; она што се однесува на повеќето му се припишува на целиот човечки род.

Свети Исак Сирин светот вака го одредува:

„Свет е заеднички назив за сите страсти!

Ако човекот најпрвин не дознае дека постои светот, тој нема да успее да го дознае ниту тоа , со кои органи се одалечил од светот, а со кои е приврзан за него.

Постојат многу луѓе кои со два или со три органа се одделиле од светот и во нив се откажале од него, па мислат дека со својот живот му станале туѓи на светот.

Тоа им се случило бидејќи не сфатиле и мудро не согледале, дека за светот умртвиле само два органа, а другите нивни органи живеат во рамките на телесното мудрување кое му припаѓа на светот.

Впрочем, тие не биле во состојба ниту своите страсти да ги почувствуваат; а бидејќи не ги почувствувале неможеле да се погрижат, како да се исцелат од нив. Според истражувањето на духовниот разум, како општ назив кој ги опфаќа сите поединечни страсти, се употребува зборот – свет; кога пак, имаме намера да ги распоредиме според нивните поединечни називи, тогаш ги нарекуваме страсти.

 

Секоја страст претставува поединечно дејствување според начелата на светот (Ко. 2, 8) Каде што страстите престануваат да дејствуваат, начелата на светот остануваат неостварени.

 

Страстите се следниве:

желба за богатство, за собирање на разни работи; телесна наслада од која доаѓа блудната страст, желба за почести од која потекнува зависта;

желба за власт, фалење со сјајот на власта, украсување на себе со раскошна облека кои ги бара суетата; човечката слава која служи за злопаметење; телесен страв.

Каде што овие страсти престануваат , таму светот умрел. И во која мерка тие старсти се оставени, во таа мерка подвижникот престојува надвор од светот, кој во иста мерка е уништен бидејќи е лишен од сите составни делови. Некој за светииите рекол дека тие живеејќи биле мртви: бидејќи живеејќи во тело, тие не живееле за телото.

Загледај се и ти во себе, па кажи за кои од гореспомнатите страсти си жив?

Тогаш ќе спознаеш колку си жив за светот, а колку си умрел за него. Кога ќе сфатиш што значи свет тогаш од горенаведените поединечни примери ќе сфатиш во што си се врзал за светот, а во што си се откажал од него.

Накусо речено, светот е телесниот живот и телесното мудрување. Светот е блудница која ги привлекува со својата љубов, оние, кои погледите го насочуваат кон неа, желни за нејзината убавина.

Оној , кој макар и малку и заљубен во светот и врзан за него, не може да се избави од неговите раце, се додека светот не го лиши од вечниот живот.

Кога светот потполно ќе го разголи човекот и ќе го изнесе од неговиот дом, на денот на смртта, тогаш човекот сфаќа дека светот е измамник.

Оној кој се подвизува да излезе од темнината на светот, се додеја се наоѓа во него не може да го види.

Светот ги држи во окови не само своите ученици, своите деца и затвореници, туку дури и подвижниците кои се воздигнале над него, почнал на разни начини да ги лови за своите дела, да ги гази и да ги фрла под нозете“.

Ако овој век е темнина, тогаш да бегаме од него имајќи наум дека немаме ништо заедничко со Божјиот непријател. Оној кој сака да биде пријател со светот, станува непријател на Бог (Јак. 4,4), а оној кој ќе му стане непријател на Бог, кој ќе му помогне?

Затоа да го подржуваме нашите отци и како нив да се позанимаваме, со пронаоѓањето на ризницата која што се наоѓа во нашите срца, а кога ќе ја најдеме да ја држиме цврсто и добро да внимаваме на неа: такво е нашето назначување од почетокот.

Што значи тоа?

 

Во светот се чувствува здив на некаква пустина, дали затоа што јас живеам во пустина, или затоа што многубројното општество кога ќе се отуѓи од Словото Божјо поприма својство на пустина.

Да го презреме светот и нивното мислење, бидејќи Спасителот вели:

„Кој ќе се посрами од Мене и од Моите зборови во овој прељуботворен и грешен род, и Синот Човечки ќе се посрами од него кога ќе дојде во славата на Својот Отец со Светите Ангели.

Заради угодување на светот се губи смелоста пред Бога, додека од презир кон светот, христијанинот му станува свој на Бог и со голема смелост се свртува кон Неговиот дом, верувајќи на Неговиот збор , како на Збор Божји, а не со дволичност, од која слабее дејството на Зборот Божји, заради неверувањето кое е поврзано со дволичноста и лицемерието.

Пренесе:
М. Д.

Претходна статијаВо срцето на Синајската пустина – Манастирот Света Екатерина (втор дел)
Следна статијаНа пример, грев ли е пушењето? Грев ли е пиењето? Митрополит Лимасолски Атанасиј: