ОД ЧОВЕКОТ ЗАВИСИ САМО ЖЕЛБАТА, НО НЕ И ДЕЛОТО
Дозволи ми да те прашам, љубен мој брату христијанин, чии жалби многу често одекнуваат на небото и земјата.
Што те растажува толку – дали волјата, или намерата на човекот кој сака да ти нанесе болка, или само неговата власт, можноста да ја оствари својата замисла или и едното и другото?
Ти одговараш:
„Ме растажува и едното и другото заедно“.
Како одговор ќе ти кажам дека ниту злонамерната волја, ниту нејзиното исполнување (власта) не можат да ти нанесат болка:
злобната намера (волја) е ништожна без власт, и не може да ти нанесе никаква штета, а нејзиното исполнување зависи од допуштањето, односно од Божјата волја, која е праведна и света.
Познато ти е дека секоја власт е од Бога – зошто тогаш тагуваш и се жалостиш на оној кој ти нанесува болка, кога тој не направил
Ништо друго, туку она што Бог му го дозволил?
Во спротивно, без Божјо допуштање, тој не би можел да ти нанесе болка.
Велиш:
„Мојот противник ми ја нанесе најголемата навреда“
– „Кажи каква?
Бидејќи Бог те казнува за твоите гревови, или те учи на трпение, или ја зголемува твојата награда за невино претрпената навреда (болка) – и ти се сметаш за навреден“?
– „Го мразам тој лукав човек, ќе речеш, – и неговата злобна волја“.
– „Но ти секогаш го насочуваш своето внимание кон делата на другите луѓе, а јас те советувам, дека подобро е својот поглед да го насочиш кон Бога и кон својата совест.
Што би можела да ти направи човечката волја, па да е злобна и нечесна?
Во што е нејзиниот успех?
Ти не се жалиш, толку на тоа што твојот противник сакал да ти наштети, колку на тоа што ти наштетил и можел да ти наштети!
Од кого потекнува тоа, и зошто тој може да ти наштети? Не ли тоа е под власт и волја Божја?
Ако е така тогаш тоа секогаш е праведно и свето.
Значи, или замолчи или насочи ги своите жалби кон Божјото допуштање – и цврсто врежи си во својата душа дека Бог никогаш не би допуштил туѓата зла волја да ти нанесе било какво зло, кое не би ти послужило на корист, доколку ти самиот себеси не си наштетиш.
Поуки на блажениот Августин