ОДГОВОРНОСТА НА ЖЕНАТА

Свети Апостол Павле вели:

Вие, жените, покорувајте им се на мажите свои, како на Господа…Но, како што Црквата Му се покорува на Христа, така и жените да им се покоруваат на своите мажи во сè (Ефес. 5, 22 – 24).

Денешново општество, особено овде во Америка, како и во јавното мнение – филмовите, телевизијата, весниците, книгите – ја презира доблеста на послушноста.

Наместо тоа, на секој агол сме поттикнувани да „правиме по свое“, да се грижиме „под број еден“ да ги задоволиме сите наши каприци и желби.

Но, Православниот брак не е, како што спомнавме претходно, дел од ова световно или посветовено општество. Неговата цел и целите на општеството не се само различни; тие се потполно спротивставени.

Целта на христијанскиот брак е вечниот живот на Небесата, заедно со Господа Исуса Христа; целта, пак, на световното општество е задоволството, уживањето овде и сега, и особено самоугодувањето и самоволието.

Светото Писмо и Светото Предание, ни открива дека послушноста всушност е предводник кон христијанското совршенство – и дека послушноста и покорувањето само помагаат да се забрза борбата за достигнување на доблесниот живот.

Од друга страна, пак, самоволието само ја зголемува страста на гордоста и го оддалечува поединецот од христијанскиот начин на мислење и живот.

Митрополитот Антониј Храповицки пишува:

„Ако сакате да бидете добра и мудра личност, а не една глупава овца, само уште една во стадото, тогаш не се согласувајте со своите современички, кои пропаѓаат духовно и телесно; не одете по патот на самоволието, туку по патот на послушноста.

Само тогаш ќе бидете личност.

Тогаш, веројатно…самите вие…ќе ги сочувате својата вера и своето срце неповредени, душата чесна, и нема да ве кршат ветровите и бурите како парче лим, онака, како што тоа се случува со вашите современички“.

Самиот Господ е најсовршен пример за послушност, зашто со Својата послушност на волјата на Отецот, Он заради нас се предаде на смрт и страдања, и од гревот нè изведе на слобода и во спасение.

Сите ние, во некоја прилика сме виделе пример на семејство, каде што жената раководи, каде што таа „носи пантолони“.

И што подразбираме под тој несмасен израз?

Се мисли на тоа дека сопругата ја презела раководната положба во семејството и дека се обидува да биде глава на својот маж.

Ова може да се случи, затоа што сопругот е слаба личност – или, пак, е многу себичен и презафатен за да ги преземе своите вистински одговорности; или, може, жената има некаков духовен или емоционален проблем, кој ја тера да бара власт и моќ.

Во таквите случаи, жената често е жестока и лута личност, што се одразува и на нејзиното однесување надвор од семејството. На таквата жена и недостасуваат основните доблести на женственоста – нежност, кротост, добрина.

Онаму каде што е така, таму постои чувство на очајание, незадоволство, разочарување, па дури и гнев меѓу членовите на семејството.

Една од првите работи што свештеникот мора тогаш да ја направи, е да се обиде да го убеди мажот да почне да ја презема улогата на глава на семејството, а исто така мора да ја наговори и жената, да препушти еден дел од власта, која всушност не ѝ припаѓа.

Треба да се каже дека ваквите ставови не се исклучителни: постојат моменти кога е потребно жената треба да ја покаже својата јачина, или, пак, мажот да ја послуша својата жена.

Во многу зрели, духовно развиени бракови, поврзаноста меѓу мажот и жената прераснува во взаемна послушност…

прв дел: https://pokajanie.mk/2019/09/06/22511/

 

Претходна статијаБРАКОТ Е ВРСКА НА ЕДНАКВИТЕ!
Следна статијаПОКАЗАТЕЛИ НА УСПЕШНИОТ БРАК (трет дел)