ЗНАЦИ, ДЕКА ВИДЕНИЈАТА СЕ ОД ДЕМОНИТЕ

Има доста знаци според кои човекот сам може да познае кои виденија се испратени од сатаната.

Еве ги поглавните од нив:

1) Ако некој пројавува незадржлива жед задолжително да прими дарба да гледа виденија ( тоа се подразбира и за примањето на други натприродни дарби! ) и како резултат на тие усилби прими таква дарба, тогаш неговите виденија сигурно се од лукавиот, затоа што Бог не дава виденија на горди и грешни луѓе, кои преку нив можат да загинат.

Значајно е тоа што , не постои ниту една црковна молитва каде што се вели:

„ Господи, дај ми дар да гледам виденија! “

2) Главоломно брзиот успех во духовниот живот и лесното примање на виденија се друг несомнителен признак, дека виденијата се од демоните.

Досега некој вршел најгнасни гревови, а вчера за нив се покајал, и одеднаш денес прима дарби. Јасно е дека таквите дарби се од ѓаволот и дека се базираат врз гревот.

Ѓаволот настојува преку тие виденија да го возгордее човекот и да го погуби. Кое јаболко најрано зрее? Црвливото! Здравите јаболка касно зреат.

Така и вистински добродетелните бавно ги достигнуваат високите духовни дарби. Бог не постапува како ѓаволот. Бог не ја исполнува секоја желба на човековото неразумно срце, затоа што е Премудрост и Љубов.

Една мудра и љубезна мајка зарем би му дала на двегодишното дете брич за да си игра?

Така и Бог не ни дава нам штетни нешта. А ѓаволот брза да ни ги даде.

3) Необичното често појавување на виденија е, исто така, јасен знак дека тие се од лукавиот.

Има такви христијани и христијанки кои секој ден или секоја ноќ имаат виденија. Штом ги затворат очите, им се отвара небесата.

Само што ќе посакаат, доаѓаат при нив „ ангели “! Штом ќе се помолат на некој светител, тој се јавува и е подготвен да им услужи!

4) При демонските виденија задолжително се јавува танка празнославна наслада ( гордост ).

„ Ете, и со ангелите контактирам! “ си вели оној кој е излажан од бесовите…

Кај таквиот човек се јавува неодолива желба да им раскажува на други за своите чудни мистични доживувања.

Тој сака да има почитувачи, да е заобиколен од поклоници. Тој не може да се стрпи, а да не се пофали.

5) При контактирање со демоните, кои се претставуваат за светли небесни жители, во душата се појавува смут, судрување на мислите, вриеж на страстите, смртни двоумења, омалаксување на душевниот мир, празнославна радост, самомислење и високоумие.

А при благодатните виденија во душата настапува мир, Божји страв, сознание за сопственат грешност и ништожност, длабоко смирение, умилност и тивка радост во Светиот Дух.

Извадок од книгата „ Болна и здрава мистика “ од архимандрит Серафим, 1994

Пренесено од фб профил на Љупчо Толевски

Претходна статијаШто е послушност? Свети Јован Лествичник
Следна статијаГрев ли е мојот гласно изнесен став…? (На ваши прашања одговори од свештеникот)