„…Таквите души, коишто во себе имаат пламена и ненаситна љубов кон Господа, се достојни за вечен живот.
Затоа се удостојуваат со избавување од страстите и во полнотата на благодатта совршено го примаат озарувањето и учеството во Светиот Дух, т.е. неискажливото и таинствено општење.
А душите што не се храбри и се ослабнати, коишто, бидејќи се уште се наоѓаат во плот, не се грижат овде преку трпението и великодушноста во себе да примат, не делумно, туку целосно осветување на срцето, не се надеваат совршено, со целосно чувство и несомненост, да бидат во општење со Духот Утешител, поради таквата нивна состојба не примиле од Духот избавување од штетните страсти или, ако и се удостоиле со Божјата благодат, но привлечени од порокот, и се предале на некаква безгрижност и неактивност.
Душите како овие, коишто ја примиле благодатта на Духот и нашле за себе благодатна утеха во успокојувањето, желбата и во духовната сладост, па се потпреле на ова, се превознесуваат, се предаваат на безгрижност, не понижувајќи се со срцето, не смирувајќи се во мислите и не достигнувајќи ја совршената мерка на бестрасноста, не здобивајќи го тоа, преку усрдноста и верата, целосно да се исполнат со благодатта, се задоволиле со тоа и се успокоиле и останале на малечка благодатна утеха, откако напреднале повеќе во превознесувањето, отколку во смирението, ако и се удостоиле за некаков дар, го губат, поради негрижата и небрежноста и поради суетната надуеност на нивното субјективно мислење.
Вистински богољубивата и христољубивата душа, макар и да извршила илјадници праведни дела, поради својот ненаситен стремеж кон Господа, за себе мисли како се уште ништо да не направила.
Макар и да го истоштила своето тело со постови и бдеења, во неа останува чувството како се уште да не започнала да се труди за добродетелите.
Макар и да се удостоила да стаса до различни духовни дарови, или до откровенија и до небесните тајни, поради неизмерната и ненаситна љубов кон Господа, самата во себе наоѓа како се` уште ништо да не стекнала.
А од друга страна, катадневно гладна и жедна, со вера и љубов престојувајќи во молитвата, не може да се насити од благодатните тајни и од доброто изградување на себеси во секоја добродетел…`
Св. Макриј Велики