САМО КОГА БИ ГО ИМАЛЕ ЦАРИНИКОВОТО ПОКАЈАНИЕ!

Кои се, значи, одликите на Светителот?

Најпрво би рекол дека Светителот постои и може да постои исклучиво во Православната Црква. Надвор од Православната Црква, навистина, може да има многу добри луѓе, но не и Светители, онака како што ние ги сфаќаме.

Бидејќи Светител не е човек кој просто поседува добродетели или кој, низ аскетско восовршување, научил да се контролира себеси и својата психосоматска моќ.

Светител е, како што веќе рековме, оној кој има органска врска со Христос, кој е крстен во името на Отецот и Синот и Светиот Дух; кој живее подвижнички живот со истрајно долготрпение; кој напредува од покајанието кон чистотата, и од чистотата кон совршеното смирение. ..

Што е тогаш обожение?

Обожението е цел и смисла на човековиот живот.

Човекот нема друга причина за постоење освен светоста. Денеска има многу дискусии за различни филозофии и за она што луѓето сакаат да станат:

економски човек, модерен човек, пост-модерен човек, пре-модерен човек…

Но, која е целта на тоа што е човекот модерен или пост-модерен ако сите нас нѐ чека смртта која ќе нѐ проголта?

Работата е во тоа смртта да биде совладана, а поточно тоа е она што е обожението. Токму заради тоа Бог го создаде човекот според Својот образ и подобие.

Токму заради тоа Бог, после човековиот пад во грев, се грижеше за човекот и го чекаше неговото враќање.

И ние треба да Ѝ бидеме благодарни на Мајката Божја која ја воздигна човечката природа на тој степен на кој таа природа можеше не само да Го прими Бога и да Го понесе во Себе, туку и да Го зачне Бога и да Го роди на овој свет.

Да го погледнеме примерот на цариникот: цариникот имаше многу гревови, но само кога би го имале цариниковото покајание!

Aрхимандрит Василиј Гондикакис

Претходна статијаПравославен календар за 12/08/2019
Следна статијаБлажен е оној кој ќе се напие од тоа вино! – Преподобен Исаак Сирин