„Да бидеме исполнети со Светиот Дух.
Тука лежи суштината на духовниот живот.
Тоа е уметност. Уметност над уметностите.
Да ги отвориме рацете и да се фрлиме во Христовата прегратка. Кога ќе дојде Христос, сме добиле се`…“
„ Не станувате свети со гонење на злото. Пуштете го злото. Гледајте кон Христос и Он ќе ве спаси.
Наместо да стоите пред врата и да го гоните непријателот, вие игнорирајте го.
Значи, ако дојде злото да ве нападне, вие вашата внатрешна сила дајте му ја на доброто, односно на Христа.
Помолете се: „Господи Исусе Христе, помилуј ме“.
Он знае како и на кој начин да ве помилува.
А кога ќе се исполните со доброто, тогаш веќе не се вртете кон злото. Самите, со помош на Божјата благодат, станувате добри.
Тогаш, каде ќе држи место злото? Исчезнува!
Со Христа се` е можно.
Каде се трудот и напорот за да бидеш добар?
Работите се едноставни.
Ќе го повикувате Бога и Он ќе ги претвори нештата во добро.
Ако му го дадете срцето Нему, тогаш нема да остане простор за друго.
Кога ќе се облечете во Христос, тогаш нема да вложувате никаков напор за стекнување на добродетелта. Он ќе ви ја даде.
Ве фаќа страв и очајание?
Насочете се кон Христос. Возљубете го едноставно, смирено, без побарувања и Самиот Он ќе ве ослободи.
Насочете се кон Христос и со смирение и надеж кажете како апостолот Павле: „кој ќе ме избави од телото на оваа смрт“.
Значи, ќе се придвижите кон Христос и Он веднаш ќе дојде.
Веднаш ќе продејствува Неговата благодат!“
(Извадок од книгата „Животот и словата на старец Порфириј Кавсокаливит“, Скопска православна епархија 2015, поглавје
„За Божјата љубов“, стр. 228
Превод од грчки : јеромонах Атанасиј Арсоски)