Детето сака да има во своја близина луѓе кои топло му се молат на Бога. Не треба мајката да се задоволи само со тоа што со раката ќе го помилува своето дете, туку истовремено треба да му пружи милување и преку молитва.

Детето во длабочината на својата душа го чувствува духовното милување со кое зрачи личноста на неговата мајка и затоа таа го привлекува.

Детето чувствува безбедност и сигурност кога мајката тајно, но постојано, го прегрнува преку истрајната и топла молитва и така го ослободува од сѐ што го притиска.

Мајките умеат да се плашат и грижат, да советуваат и многу да зборуваат, но, не научиле да се молат.

Многу совети и упатства нанесуваат и многу зла. Не им упатувајте на децата многу зборови. Зборовите одѕвонуваат во ушите, а молитвата оди во срцето.

Потребна е молитва со вера, без немир и нервоза, но со добар пример.

Еден ден, дојде тука, во манастирот, извесна мајка, очајна заради синот по име Јоргос. Тој младич беше многу потиштен. Скитал по цела ноќ наоколу со лошо друштво. Неговата состојба се влошувала од ден на ден. Мајката очајувала и плачела.

Ѝ реков:

– Ништо не зборувај, ни збор! Само, моли се на Бога!

Се договоривме, секоја вечер од десет, до десет и петнаесет, заедно и истовремено да се молиме на Бога.

Ѝ реков ништо да не му зборува на синот, туку да го пушта да излегува во кое време и да сака. Исто така, да не го прашува во колку саат се вратил и на тоа слично, само да му каже – и тоа со многу љубов:

„Јади, Јорго мој! Во фрижидерот ти оставивме јадење.“ Ништо друго да не му зборува.

Воопшто, ѝ советував спрема синот да се однесува со љубов, а притоа да не ја остава молитвата.

Мајката почна да го применува тоа што ѝ реков. Поминаа така дваесетина дена, за синот да ѝ рече:

– Мајко, зошто не разговараш со мене?

– Јорго мој, како не разговарам со тебе?

– Мајко, ти имаш нешто против мене. Не разговараш со мене.

– Многу чудни работи ми зборуваш, Јорго! Како не разговарам со тебе? Зарем сега не разговараме? Што сакаш да ти кажам?

Јоргос не одговори ништо.

Кога повторно дојде во манастирот, мајката ме запраша:

– Старче, што сакаше мојот син со тоа да ми каже?

– Нашиот метод успеа! – одговорив.

– Каков метод?

– Па тоа што ви реков ништо да не му зборувате, туку само скришно да се молите, па младичот ќе дојде при себе.

– Мислиш дека е тоа тоа?

– Тоа е тоа! – и велам јас . – Тој сака да му упатиш прекор, да го прашаш каде бил, што правел, а тој да почне да вика, да пркоси и да доаѓа уште подоцна.

– О, о! Какви сѐ тајни се кријат во човекот!

– Дали разбра? Тоа произлегува од оваа состојба.

Тој те измачуваше, зашто сакаше да го караш, за тој да ги изведува своите ќефови. Штом не го караш, нему му е жал.

Наместо да се ожалостуваш ти, додека тој ги изведува своите „вештини“, сега, кога ти престана да се жалостиш и кога покажуваш рамнодушност, сега се жалости тој.

Еден ден Јоргос им соопши на сите дома дека заминува. Ја напушта работата и заминува за Канада. И на својот газда веќе му рекол:

– Заминувам. Најди некој друго да ме замени на работа.

Јас, пак, во меѓувреме им реков на родителите:

– Ние ќе му се молиме на Бога за него.

– Но, тој е спремен! Јас ќе му дадам ќотек! – рече таткото.

– Немој, не го допирај! – му реков.

– Ама, тој заминува, старче!

Јас реков:

– Нека оди! Вие препуштете се на молитвата, а и јас заедно со вас.

По два-три дена осамна неделата. Рано утрото, Јоргос им соопштува на родителите:

– Јас заминувам! Одам на излет са пријателите.

– Добро, како сакаш – одговорија тие.

Тој отиде. Со него тргнаа и неговите пријатели, две девојки и двајца младичи. Изнајмија некој автомобил и тргнаа кон Халкидики.

Се возеле таму – ваму.

Потоа отишле до Свети Јован Руски, оттаму се упатиле во Мандули, Света Ана и натаму до Василика. Таму се капеле во водите на Егејското море, јаделе, пиеле, се веселеле.

Потоа тргнале назад. Веќе се стемнувало. Возел Јоргос.

На патот, некаде околу Света Ана, колата удрила во аголот од некоја куќа. Многу се оштетила. Што сега да прават?

Ја покренале некако и со мака ја довеле до Атина. Доцна во ноќта, подобро речено, рано утрото, стигнал дома.

Родителите ништо не му рекле. Тој легнал и заспал. Кога се разбудил и станал, тој рекол:

– Татко, се случи тоа и тоа. Сега треба да ја поправиме колата, а тоа ќе чини многу пари.

Таткото му одговори:

– Дете мое, ти знаеш. Јас имам и долгови, а морам да се грижам и за твоите сестри. Шта ќе биде со нас?

– Па што да правам, татко?

– Прави што сакаш! Возрасен си, мозок имаш, оди во Канада, заработи пари, па плати.

– Не можам – вели. – Морам веднаш да ја поправам колата.

– Не знам – одговори таткото. – Среди го тоа некако.

Значи, гледајќи како таткото реагира, тој замина. Дојде до својот газда. Му вели:

– Газда, настрадав така и така. Нема да заминам. Не земај друг.

Тој му рече:

– Добро, добро, дете мое.

– Да, ама ми требаат пари!

– Да, но, ти сакаш да си одиш. Најпрвин нека ми потпише твојот татко дека ќе ми ги врати парите доколку заминеш.

– Јас ќе потпишам. Мојот татко во тоа не се меша. Веќе ми го рече тоа. Јас ќе работам и сѐ ќе ти вратам.

Зарем ова не е чудо Божјо?

Кога мајката повторно дојде ѝ реков:

– Начинот со кој се послуживме успеа и Бог ја услиша нашата молитва. И онаа сообраќајна несреќа беше од Бог. Сега, вашиот син ќе остане дома и ќе се опамети.

Така и беше, благодарејќи на нашата молитва. Се случи чудо.
Родителите постеа, се молеа, молчеа и успеаја.

По некое време синот дојде во манастирот и ме побара, иако никој од неговите ништо не му зборувал за мене. Јоргос подоцна стана многу добар младич и сега е во авијацијата.
Стекна добро семејство.

Старец Порфириј
Подготви М.Д.

Претходна статијаСв. Нектариј Егински – Лицето не го врти од сиромашните
Следна статијаУНИНИЕ (Oчајување)