Архмандрит Лазар Витански

Поуки на светите отци за покајанието

КАКО ТРЕБА ДА СЕ КАЕМЕ

Сега се поставува прашањето: како треба да се кае човекот?

– Како оној што е свесен за своите гревови и искрено ги признава, а признавајќи ги, поради нив чувствува скрушеност и ги оплакува, и кој има цврста намера повеќе да не го навредува Бога со своите гревови и, накрај, кој во ова расположение смирено ги исповедува сите свои гревови пред духовникот за да добие разрешување на гревовите и да се појави пред чашата Господова оправдан и чист пред очите Божји (св. Теофан Затворник).

– Вистинското покајание се состои во следново:

а) треба да се откажеме од претходните гревови и да се гнасиме од нив како од ужас;

б) поради тие гревови треба да жалиме, Бога да го умилостивуваме и пред духовникот да се исповедуваме и на секој начин да се чуваме од други гревови;

в) да им ги простуваме на ближните гревовите, за да ни ги прости и Бог нашите;

г) да искажуваме љубов и милост кон секого за и ние да добиеме милост;
д) да се смируваме;

ѓ) никого да не осудуваме и да не клеветиме;

е) секогаш да се молиме на Бога за да не паднеме во ѓаволско искушение” (св. Теофан Затворник).

Свети Василиј Велики вели:

– Не го исповедува гревот оној што рекол: згрешив и после тоа останува во гревот, туку оној што, како што се вели во псалмот, го препознал својот грев и го замразил.

Каква корист ќе му донесе, на болниот, грижата на лекарот кога оној што страда од болеста цврсто се држи до она што е погубно за животот?

Така, нема никаква корист од простувањето на неправдата оној што и понатака прави неправда и од извинувањето за ра-звратот оној, што и понатака живее развратно.
..
Премудриот Домостроител на нашиот живот сака оној што живее во гревови, а потоа дава завет дека ќе почне да живее здрав живот, дека ќе прекине со минатото и после направените гревови се да почне од почеток за да го обнови својот живот преку покајанието.

Исповедта треба да биде искрена и отворена.

„Оние што ги исповедуваат помислите пред своите духовни отци, мораат да се исповедуваат искрено, со скрушено срце како пред самиот Бог и тогаш можат да добијат милост.

Исповедта, пак, што се извршува несериозно (без грижа), не само што не донесува ко-рист, туку служи и за осуда.”

„Човечкиот грев се уништува со исповедување на гревот, а самиот корен на гревот се истребува со борба против гревовните помисли и повторување на исповедта кога помислите почнуваат да го надвладуваат човекот.”

„Како што гледањето на своите гревови е особен дар Божји, такво е и искреното исповедување, и Бог го дарува после усрдна молитва.

Моли го милосрдниот Господ да ти го дарува овој дар – залог на спасението и самиот себе принуди се на отвореност зашто непријателот на човечкиот род го мрази тој пат и на сите начини се обидува да го оттргне слугата Божји што сака да ја добие милоста Божја со често исповедување на своите гревови.

„Победувај го лажниот срам на земјата и нема да се посрамотиш на Небото!” (св. Игнатиј Брјанчанинов).

Какви помисли треба да исповедуваме и за кои не е потребна неодложна исповед?

– Гревовните помисли и чувства потекнуваат од нашата падната природа, но кога грешните помисли и чувства почнуваат постојано, во позасилена мера, да доаѓаат, тоа е показател дека ги донесува нашиот непријател, паднатиот ангел или дека тој ја принудува нашата падната природа позасилено да ги произведува.

Таквите помисли и чувства треба да се исповедуваат пред духовникот се додека тие досадуваат, макар духовникот да е простодушен човек без светителска слава…

Твојата вера во светата тајна исповед ќе те спаси.

За почетниците нема подобро оружје против засилените и зачестени гревовни напади на помислите од исповедта.

Исповедта, за почетниците, е речиси единствено оружје во текот на борбата. Таа е најјако и најделотворно оружје. Што е можно почесто прибегнувај му во време на демонски напади: прибегнувај му додека ѓаволот и неговиот напад не отстапат од тебе…

За помислите, дури и гревовните, но минливи, што душата тешко ги прифаќа не е потребна неодложна исповед.

Отфрлај ги, не обрнувај им внимание, загушувај ги, потсетувајќи се на нив со спротивните евангелски заповеди: спомнувај ги воопштено, не прифаќај ја бесмислената грижа да ги набројуваш: на исповед, пред причестувањето со Светите Христови Тајни, кажи дека, покрај значајните гревови (што треба точно да се изложат), си згрешил со разни помисли, зборови и дела во знаење и незнаење (св. Игнатиј Брјанчанинов).

При имање на свест за својата гревовност, треба да се избегнува вознемиреноста и очајанието што произлегуваат од нечистите сили.

Заради спасението е потребно сознавање на својата грешност, но е многу опасно строго да се осудуваш себеси и прекумерно да се грижиш заради својата гревовност.
Се што е неумерено е од демонот, рекол преподобен Пимен Велики.

Ако ти се случи да паднеш во некој опростлив грев со дело или збор, односно ако те вознемири некоја случајност, или ако осудиш или слушнеш други како осудуваат,
или ако заради нешто спориш, или ако почувствуваш нетрпеливост кон некого
или го понижуваш, или ако си бил невнимателен кон нешто, нема потреба многу да се вознемируваш или да патиш и на тоа да додаваш болни мисли за себе, дека, најверојатно, никогаш нема да се ослободиш од таквите слабости и дека твојата желба да се иотрудиш за Господа е слаба, или дека не чекориш по патот Божји онака како што треба, оптоварувајќи ја, при секој сличен случај, својата душа со илјада други стравови заради малодушноста и тагаа.

Зашто, што произлегува оттаму?

Тоа да се срамиш храбро да застанеш пред Бога како оној за кого се утврдило дека не Му е верен, дека залудно го трошиш времето на размислување колку време си поминал во секој грев, дали си го прифатил него, дали си го посакал или не, дали таква и таква помисла си отфрлил или не и слично.

И што повеќе така се мачиш, со тоа се повеќе се зголемува твоето растројство на духот, тагата и немањето на желба да се исповедуваш. Но, и кога ќе појдеш на исповед и се исповедуваш со страв и збунетост, ниту после исповедта не наогаш мир зашто ти се чини дека не си рекол се.

И така живееш горчлив живот, неспокоен и јалов, залудно трошејќи многу време. А сето тоа произлегува од тоа што забораваме на својата природна немоќ и испуштаме од вид како треба душата да се однесува кон Бога, и дека кога ќе паднеме во некој опростлив грев што не е смртен, треба со смирено покајание да му се обраќаме на Бога, а не да се измачуваме со претерана болка, тага и горчина заради тоа.

Овде им се обраќаме на оние што живеат духовен живот и активно, во него, бараат напредок, избегнувајќи ги, на секој начин, смртните гревови. За оние, пак, што не живеат строго, туку безгрижно, што не се грижат дека го навредуваат Бога со своите смртни гревови, потребни се други зборови.

Тие треба длабоко да патат и горко да плачат, секогаш строго и од сите страни да ја испитуваат својата совест и без самосожалување да ги исповедуваат сите свои гревови, и не треба да се лишуваат од никакви средства што се потребни за нивно лекување и спасение.

Покајанието секогаш треба да биде поттикнато и проникнато со надеж во Бога и при секојдневните лесни падови, а уште повеќе при тешките гревови, во кои паѓа понекогаш ревносниот Божји слуга по Божјо допуштање.

Зашто покајничката скрушеност што само го мачи и гризе срцето никогаш не раѓа во душата добро расположение, ако не е соединета со цврста надеж во милоста и благоста Божја.

Таква надеж треба непрестано да ги исполнува срцата на оние што тежнеат кон достигнување на највисоките степени на христијанското совршенство. Таа ги оживува и ги доведува во готовност сите сили на душата и духот (Никодим Светогорец).

Штетно е сеќавањето на поранешните телесни гревови/ На оној кому му се простени  гревовите во светата тајна исповед, обврзан е да не ги повторува овие гревови и тоа е се. Сеќавањето на поранешните телесни гревови е многу штетно и светите отци го забрануваат.

Овде се изразува неверие, недостаток на почитување кон светата тајна исповед, лажно сфаќање на добродетелите, опрелестена ревност и измислена лажна духовност.

Откривањето на своите гревови на некој од блиските (не на духовникот) повторно значи покажување на недоверба кон светата тајна исповед, во која дејствува семоќниот Свети Дух, решително и потполно исцелувајќи ги човечките гревови.

Зошто сметаш дека она што е уништено постои?

Да не се осудуваш да ја допираш големата света тајна! Ништожна трошко!

Да не се осудуваш да ја дополнуваш големата света тајна, која има своја полнота од Бога и не и е потребно човечко дополнување.

Не повторувај ги грешките: тоа е се што бара Бог од тебе и единствено тоа е потребно за твоето спасение.

Плаши се од недовербата затоа што таа во човечките мисли ја намалува моќта и благоста Божја. Многу треба да се чуваме од лажните мисли и лажната верност, затоа што човек, мислејќи дека прави добро, може да направи многу зло и за себе и за ближните.

Многу е опасно да го оставаме за подоцна исповедувањето на своите гревови и да го одложуваме своето поправување

„Сега е време да се сее, да се бара и моли, да се чука на вратата на милосрдието Божјо кога Бог вети дека ќе слушне и помогне: и слуша и помага.

Зашто вели: во благопријатно време те слушнав и во денот на спасението ти помогнав. Сега е благопријатно време, сега е денот на спасението. Денес секој што бара ќе добие и на оној што чука ќе му се отвори, вели Христос.

Подоцна ова нема да биде.

„Па, јас, и пред смртта можам да се покајам,” некој одговара. Со такво покајание можеш да влезеш и во пеколот.

О човеку, сакаш да се каеш тогаш кога престанува времето на покајанието и настапува времето на судот и маките?

Сакаш да се покаеш пред Бога тогаш кога те вика да Му дадеш одговор?

Сакаш да бараш тогаш кога времето веќе изминува?

Неоспорно е дека треба и пред смртта да се каеме и усрдно да го повикуваме Бога зашто тогаш е најголем подвигот на душата, но да се одложува покајанието до смртта е лажење на умот, негрижа за спасението и замка на ѓаволот, кој ја наметнува таквата мисла, и учи, без страв, да се нарушува законот Божји, чи човекот да го разгневува Бога и од ден за ден да го одложува покајанието за така, со измама, да го уништи човекот.

Затоа, ако сакаш блажено да умреш, биди и сега таков, каков што сакаш да бидеш пред крајот на животот. Расудувај за светските работи: честа, славата, богатството и раскошот, денес, онака како што расудуваат луѓето пред смртта, што тогаш оставаат се” (св. Тихон Задонски).

Оној што згрешил не смее да се вознемирува, ако духовникот со строги зборови ги гледа неговите рани

„Оној што грешникот го разгалува со лажно ласкање, само повеќе го наведува на грев и не ги загушува престапите, туку ги храни.

А оној што со строги совети го разобличува и воедно го поучува својот брат, тој му помага за негово спасение.

Кои јас ги сакам, вели Господ, нив ги карам и ги казнувам (Откр. 3, 19).

Така и свештеникот Божји, не треба вреникот да го разгалува со ласкави совети, туку да размислува за спасоносни лекови.

Неискусен е оној лекар што лесно ги допира гнојните отоци и го остава отровот што се наоѓа внатре, во длабоките шуплини на раните.

Тој, со тоа, само ја зглоемува силата на гнојниот отров. Раната треба да се отвори, да се расече и, очистувајќи ја од гнојот, на неа да се стави вистинскиот и најјакиот лек.

Болниот нека вика, нека се жали на неиздржливата болка: подоцна ќе се заблагодари кога ќе почувствува дека оздравел” (св. Кипријан Картагински). Амин, дај Боже!

Извадок од книгата:

ПОКАЈАНИЕТО- ПАТ КОН ВЕЧНОСТА

Издавач: Канео ,Охрид, Дебарско- кичевска епархијa

Претходна статијаСв. КИРИЛ И МЕТОДИЈ -македонски и сесловенски просветители (…Или Сонцето не свети за сите, исто така?)
Следна статијаНЕДЕЛА ТРЕТА ПО ВЕЛИГДЕН Евангелие за чудото во Витезда