Младите луѓе денес раснат многу бавно. Инфантилноста на тинејџерите е вкоренета во нашето животно устројство и во вообичаените представи за децата. Порано животот ги принудуваше децата отприлика веќе на 4 години да се навикнуваат на работа.
Почнувајќи од 7 години, сите деца почнуваа да се исповедуваат, односно веќе учеа да прифатат одговорност за секоја своја постапка. На детето прилично рано се гледало како на човек, кој се подготвува да биде возрасен. Тоа плански било подготвено за пораснување.
Навистина, на детето треба да се гледа како на мал возрасен човек; Меѓутоа, принципот на воспитување во наше време многу јасно може да се формулира со зборовите на една модерна песна:
„Играј додека си млад.”
Додека детето е мало, многу му се дозволува. Ова доведува до тоа, дури и дваесетгодишникот, мамичка и понатаму да го гали и чува. Сега скоро е незамисливо дете од 4-5 години да се натера да работи:
„Се’ уште е мало!”
Кога пак стручњаците одеднаш ќе се сетат на сеопштото заостанување на децата, одненадеж почнуваат вештачки да го развиваат детето.
Измислуваат разни развојни програми, игри, итн. Сето ова е знак дека дури и во нормалните семејства децата се лишени од нешто. Тие се лишени од елементарното комуницирање со возрасните: ним не им е потребно детско комуницирање, туку токму комуницирање со возрасните.
Не треба родителите да се спуштаат на ниво на детето и да трчаат, да скокаат и да прескокнуваат, да прават кули и градови; треба возрасните да ги примат децата во својот возрасен живот.
Ако детето е вклучено во животот на возрасните, тоа ќе биде развиено! Напротив, современото дете е вклучено во животот на своите врсници, а не во животот на возрасните.
Во наставничката канцеларија во едно училиште во Талдом е закачена убава плаката со зборовите:
„Раскажи ми и ќе заборавам, покажи ми и ќе запаметам, работи со мене и ќе научам”.
Ми се чини дека овие зборови сите родители треба да ги напишат со големи букви во своите домови. Навистина, ако детето само знае дека мајка му работи некаде во фабрика и дека е ударник, воопшто не значи дека ќе израсне како вредно.
Добро е ако тоа со свои очи постојано гледа дека мајка му постојано работи, мие садови, го чисти домот, пере алишта, но тоа се’ уште не значи дека и тоа ќе биде вредно.
Наместо тоа, треба заедно со детето да се мијат садовите, со него да се чисти домот, да се навикнува на перење (односно да се направи учесник во својот возрасен живот), тогаш постои надеж дека и детето ќе биде вредно.
Детето веќе на З години може да мие садови.
Тоа се радува што учествува во животот на возрасните. Сите деца постојано ги имитираат возрасните, само треба да им се овозможи да ја остварат својата желба во вистинска работа.
Имаме една познаничка, чии деца доаѓаат кај нас понекогаш на гости. Еднаш на овие деца им дадовме ножеви во рацете за заедно со нас да лупат компири и на детското воодушевување му немаше крај.
Тие отсекогаш сакале да научат да лупат компири вешто како мама, но, според зборовите на истата оваа мама, се’ уште се мали за оваа работа. Овде, пак, им овозможија малку да работат како возрасни.
Тие намерно почнаа почесто да доаѓаат кај нас и да не’ молат во нешто да ни помогнат.
Се чини дека родителите не се плашат да ги пуштат своите деца во различни секции за развој на деца од три-четири години, а страшно им е ако на дете од три години му се даде нож кој не е толку остар и со кој, на пример, ќе исецка печурки за чорбата.
Се’ зависи од устројството на семејството – родителите треба постојано да бидат насочени кон воспитување на свои помошници. Современите мајки и татковци воодушевено се смеат кога ќе видат како нивната мала ќеркичка игра, имитирајќи ги поп-музичките ѕвезди што ги гледа на телевизија.
Јасно е дека во овој случај родителите се расположени да воспитуваат естрадна „ѕвезда”, а не своја помошнничка. Децата многу добро чувствуваат што им се допаѓа на родителите и што треба да прават за да им угодат.
Дедо ми се оженил со баба ми кога таа имала 14 години. Ја однел далеку на југ, бидејќи служејќи таму војска, видел дека во тој крај земјата е добра. Со 14 години таа веќе била вистинска домаќинка.
При правилно воспитување, девојките на оваа возраст веќе се сосема способни самостојно да го водат целото домаќинство, како што и внатрешно се подготвени за мајчинство. Патем речено, и денес девојките на село веќе на 12-13 години се одлични домаќинки.
Родителите на девојчињата треба да се стремат да ги воспитуваат девојките на 14 години да бидат потполно самостојни домаќинки.
Како да се оствари ова? Ми се чини дека е многу важно да не се пропушти времето. На секој родител му се потребни некои најелементарни знаења.
Во развојот на детето постојат одредени фази, кога во него се формираат вакви или онакви способности. На психолозите тие добро им се познати.
За жал, во училиштата не се предава ниту за елементарните знаења за детската психологија, иако овие знаења практично на сите ќе им бидат од голема корист, бидејќи огромен број од денешните ученици еден ден и самите ќе станат родители.
На пример, ако тренерот ја води кошаркарската екипа, мора да знае дека прецизноста на шутот зависи од прецизната координација на движењето. Ваквата координација се формира на 12-14 години.
Ова значи дека детето, ако дошло во екипата кога веќе има 15 години, никогаш нема да има добар шут, бидејќи времето, кога му се формирале мускулите и нервните завршетоци кои се одговорни за прецизноста на шутот, веќе е пропуштено.
Патем речено, токму на оваа возраст започнува работната пракса во училиштата . Важно е на оваа возраст детето да се научи во рацете да држи чук, тесла, шрафцигер.
Иако детето уште од порано требало да научи да работи, токму на оваа возраст кај него се развива способноста за прецизни работи и токму на оваа возраст може да се воспитува „мајсторот на својот занает”, кој ќе има „златни раце”.
Токму на оваа возраст – 12 години – децата се запишуваат во уметнички училишта, бидејќи тогаш: стануваат способни, со префинето движење на моливот или четкичката, да ја пренесат својата замисла.
Оваа способност не е поврзана само со разво]от на мускулите, туку и со развојот на душевните способности, со појавата на сп
Во развојот на децата постои и одредена етапа кога се вкоренува и навиката за работа. Ова е отприлика возраста од 4 до 6 години. Токму на оваа возраст човекот треба да го навикнува детето на работа.
Тоа се’ уште не е способно за долготрајна, упорна и темелна работа. И покрај тоа, детето веќе треба да знае што е работа.
Тоа мора да има одредени задолженија во домот. Ако се пропушти оваа возраст, практично ќе биде бескорисно да се навикнува детето на работа. Тоа веројатно ќе може и да направи некоја работа, но самата работа нема да ја сака и нема да посака да направи слични убави работи.
На пример, се’ уште е рано да се испраќа детето во продавница да купи леб, ако тоа има само две или три години. Тоа едноставно не може да управува со своите чувства.
На пример, ако на патот наиде на мачка, се’ е готово: ќе потрча по неа и ќе заборави на продавницата. Ако детето сака да рита во креветот, не можете да го натерате да не рита. Тоа нема каде да ја потроши енергијата и не управува со себе, дури и ако го казнувате и ако го тепате.
Една минутка по казната, нозете пак ќе почнат да му ритаат; меѓутоа, по три години, кај детето се појавува способност да управува со своите желби.
Кај него ќе се појави желба да потрча по мачката, но тоа веќе може да совлада една своја желба и да ја исполни другата – да дојде до продавницата. Кај детето постепено се покажува одговорност за работата што му е доверена.
Оваа нова способност треба да се развива и затоа детето веќе на четири години треба да се навикнува на некои постојани обврски дома. Во спротивно, времето кога му се вкоренуваат внимателноста и одговорноста, ќе биде пропуштено.
Кога детето малку ќе порасне, можно е и треба да се направи заедничар во правилното планирање на својот живот. Еднаш слушнав приказна од една жена, која се’ уште не беше во одминати години, за тоа како таа ја учи својата внука.
Кога внуката долго време ја моли бабата да и купи нешто поголемо (касетофон, облека и сл.), бабата постапува на следниов начин: ја купува посакуваната работа, но на кредит. Кога по извесно време кај внуката ќе се појави нова желба да купи нешто, бабата и одговара:
„Причекај. Се сеќаваш, купивме касетофон? Уште не сме го отплатиле. Сега штедиме пари за да го отплатиме, а кога ќе го отплатиме, ќе купиме друго”.
Вака внуката уште од детството се учи да ги планира своите трошоци и да ги споредува своите желби и можности.
Оваа внука од детството е посветена во животот на возрасните и учествува во него, при тоа стекнувајќи навики за донесување на одлуки и одговорност за нив.
Пренесено од книгата “СВЕТА ТАЈНА БРАК – Поуки на Православната црква за бракот и семејството”
Подготви Мина Даниловска
ТАГОВИ
Деца