„Светото Крштение дава совршено разрешување од ропството на гревот, како впрочем и покајанието.
Да се сврзеш себеси повторно со пристрасност или да пребиваш разрешен преку исполнувањето на заповедите – е работа на своевласна одлука.
Причината за задржувањето на помислите во гревовна наслада се наоѓа во самовласната пристрасност, а не во принудата. Ние, според Писмото, имаме власт да ги отстрануваме помислите (2. Кор. 10, 4).
Отстранувањето на лукавите помисли во внатрешноста е знак на љубов кон Бог, а не на грев, бидејќи грев не е појавувањето на помислата, туку пријателската беседа на умот со неа. Ако не ја сакаме, зошто се задржуваме на неа?
Не е можно нешто што од сѐ срце го мразиме долготрајно да разговара со нашето срце. Доколку тоа сепак се случи, значи дека е присутно нашето лошо учество…
Оној што искрено спознал дека – според зборовите на апостолите – во себе од Крштението Го има сокриено Христос, ги остава сите светски нешта и пребива во своето срце чувајќи го со полна претпазливост (Изрек. 4, 23)…
Добрата што верните ќе ги добијат по Воскресението се наоѓаат горе, но нивниот залог и првина веќе отсега духовно дејствуваат во нивните срца за, уверени во идното, да го презреме сето сегашно и да Го засакаме Бог до смрт…
Имено, од светото Крштение сите ние станавме способни за тоа, иако на тоа се удостојуваат само оние кои цврсто веруваат и кои секој ден умираат заради љубовта Христова, т.е. оние што стојат над секоја мисла за сегашниот живот и помислуваат единствено на тоа како да ја достигнат совршената љубов Христова…
ава Марко Подвижник