НАЈВОЗВИШЕН ИДЕАЛ ЗА СЕКОЈА ЖЕНА – БОГОМАЈКАТА!
„Па така, последувајќи го Богородичниот живот, многу жени низ христијанската историја се издигнале толку многу, што светејќи од тие духовни височини им помогнале и на многу други да го спознаат Бога.
И навистина, жената е стожер на семејството, коешто, пак, е животворна клетка на човековата заедница.
Семејството е црква во мало, а мајчинското воспитание е нешто што е најсуштинско и најсилно во животот на личноста.
Хранета со православното предание, и поткрепувана од примерот на Богородица, жената и во нашата татковина некогаш била вистински образ, икона Божја.
Украсувајќи се со благочестивост, целомудреност и чистота, таа низ нашето минато била налик на жива книга, од која можеше да се научи многу повеќе, отколку што ние денес учиме од безбројните пишани книги.
Зашто иако, можеби, неписмена, таа била верен чувар и исполнител на светото православно предание; била носител на Светиот Дух, во Кого е содржана секоја премудрост.
И така, исполнета со силна душевна топлина и способност да трпи, и имајќи ја во своето срце вистинската наука, таа како мајка знаела да им ја пренесе оваа највозвишена наука на своите чеда;
знаела да одгледа духовно здрави деца;
да однегува вистински херои и родољубци кои своите животи си ги полагале за верата и татковината.
Но, за жал, духовниот терор што атеизмот го изврши над нашиот народ во времето на комунизмот, ја прекина таа нишка, во која мајката го воспитувала своето дете во најсветите вистини.
Настана едно поколение, кое беше запознаено со светото предание, но го практикуваше некако по инерција, само формално, поради што кај него олади евангелската љубов и ревноста за верата и тоа повеќе не беше во состојба да го пренесе преданието на своите потомци.
Резултат на ова беше обезбожување на народната душа и површно почитување на традицијата од страна на малкумина.
Ваквото наше христијанско општество, развенчано од светото предание во времето на тоталитаризмот, денес стана лесен плен на погубните влијанија што доаѓаат од западната т.н. постхристијанска „култура“, за којашто, според христијанското поимање за цивилизација, може слободно да се каже дека е паганска и антикултурна.
Пред некој ден многу се разжалостив, кога во еден од дневните весници прочитав, како во Канада, поради тоа што имало многу силувања, некој обичен полицаец предложил како превентивна мерка – жените да се облекуваат поскромно и попристојно.
Наместо да ја поздрават ваквата добронамерна изјава на благочестивиот полицаец, голем број жени на тоа изреагирале така, што марширајќи по канадските улици, бесрамно ги раслекле своите тела, носејќи вулгарни транспаренти во рацете и правејќи, така, општа соблазна.
Според испревртениот светоглед на искривени морални вредности, денешната жена, наместо да се пронаоѓа себеси во скромноста, нежноста, љубовта, милоста и добрината, таа за жал, се наоѓа себеси во нескромноста, бесрамноста, развратноста.
Се поставува прашањето, дали покрај вакви жени и мајки, ќе може да се создаде нормално семејство, кое е способно да воспита и израсне здрави личности?
Очигледно жените во денешната постхристијанска антикултура се откажаа од светоста и целосно си го изгубија своето достоинство, како што беше некогаш во неморалните општества пред Христа.
Денешната жена, наместо примерот на Пресвета Богородица, за образец во својот живот ја зеде бесрамната танчерка Саломија, ќерката на развратната Иродијада.
Дали им доликува на денешните жени да го осудуваат општеството заради моралниот распад, без да го насочат своето внимание кон себеси, и без да се преиспитаат самите себе и да се запрашаат:
не носат ли, можеби, и тие значителна одговорност за оваа сеопшта состојба на духовна ерозија?
(преземено (извадок) – Бигорски манастир)