За гревот на лагата и лицемерието

Bo името на Отецот и Синот и Светиот Дух!

Браќа и сестри, денес Црквата го празнува сеќавањето на свештеномаченикот Антим, епископ Никомидиски. Зa време на едно од гонењата на христијаните епископ Антим по молба на својата паства се оддалечил од градот и живеел, непознат за сите, во село, како прост селанец.

Римската власт го барала епископот за да го предаде на суд и погубување. Одред војници влегол во селото, каде што се криел Антим, и, среќавајќи го токму него, војниците го прашале дали знае каде се крие Никомидискиот епископ.

Антим им одговорил дека знае и дека ќе им каже, но ги замолил, уморни од патот, да наминат во неговата колиба и да се одморат. Војниците се согласиле. Антим ја поставил на маса скромната трпеза, сѐ што имал, и почнал co радост да ги гости „гостите” и да им служи.

После трпезата тој рекол: „Јас сум Антим. Фатете ме!”.

Војниците биле трогнати од гостопримството на старецот. Договарајќи се меѓу себе, тие рекле: „Антим, ќе се вратиме назад и ќе кажеме дека не те најдовме, а ти за тоа време, скриј се оттука”.

Но епископот одговорил:

„Сиот живот ги учев луѓето на вистина и сега ли, на старост, треба да ве вовлекувам во грев? Секоја лага е – страшен грев, уште повеќе лагата пред својот император. Затоа исполнете го својот долг”.

Војниците го повеле Антима во Никомидија. По патот тој ги учел на верата. Примерот на старецот и неговите зборови толку им ги трогнало срцата на војниците, што тие го замолиле да ги крсти и кога дошле до една река, што им се нашла на патот, примиле крштение од старецот.

Браќа и сестри! Ако се прашаме себеси кој е денес најраспространетиот грев, страшна рана, епидемија, што го зафатила целиот свет, одговорот ќе биде: лага и лицемерие.

Како што разлиената вода за време на потоп ја прекрива земјата, проникнува во секоја нејзина пукнатинка и ја исполнува co себе секоја длабнатинка и бразда и постепено ја претвора земјата во кал, во блато, мочвара, што го голта човека, така и лагата и лицемерието го исполниле нашиот живот.

Тоа е грев кој станал обичен во нашата секојдневност: грев во кој ние сме речиси целосно потопени; грев кој престанавме да го гледаме, смрдеа кoja веќе престанавме да ја чувствуваме.

А многумина дури ја сметаат лагата за духовна мудрост. Браќа и сестри, велат дека е полесно човек да се спаси од оган отколку од вода: огнот може да се изгасне, може да се скокне од зградата што гори, но кога се разлеваат реки, каде да бега човек?

A лагата и лицемерието во наше време се слични на потоци нечистотија што се разлиле по цела земја. Ако внимателно се следиме себеси макар еден ден, ќе видиме колку лага и лицемерие сме покажале во тој еден ден.

Порано зборовите „артист” и „актер” звучеа како укор. А денес велат „артист” кога сакаат да пофалат некој човек, да го покажат мајстор на своето дело.

A тоа е така затоа што и самите се претворивме во артисти на лагата и лицемерието, самите се навикнавме да носиме на своето лице маска. Еве, на пример: се сретнува човек co своите претпоставени, и што станува?

На неговото лице се појавува некоја понизна насмевка, некој израз на восхит.

Ho, само што ќе се размине co својот началник, истиот тој човек ќе каже некоја гадост или ќе каже валкана сплетка. А ако се сретнува co луѓе кои му се потчинети, тогаш лицето ќе му земе изглед на непристапен, како на некој кој ги поседува сите добродетели, како да станал натчовек.

Ако ни е потребен некој човек, како се однесуваме кон него?

Го гледаме љубезно, се додворуваме, се распрашуваме за неговиот живот, се известуваме кога е неговиот роденден итн. Сретнуваме човек кој сака да нѐ замоли нешто и ние се трудиме да поминеме, ако може да протрчаме покрај него, а кога тоа нема да ни се даде, гледаме на тој човек како на непријател.

Значи, браќа и сестри, на лицето вечно како да имаме некоја маска.

Зошто така? Затоа што сме заборавиле дека човекот е – образ и подобие Божјо, ја изгубивме почитта кон човекот, гледаме на нашиот ближен како на прост предмет. И затоа такво отуѓување владее меѓу луѓето, меѓу своите блиски роднини.

Бичот на нашето време, како некоја страшна болест – тоа е студенилото на човек кон човека, тоа е отуѓување на луѓето еден од друг. Човек како да се бори против сите, и сите – против него; и како што на војна на сите им се потребни лукавост и маскирање, така и во нашиот живот – непрестајни се лагата и лицемерието.

Браќа и сестри, таа лага го суши човечкото срце, постепено го превратува во камен, го прави неспособно за духовно. И ние го носиме срцето во градите како труп во гроб. Тоа срце, кое не може никого да љуби.

Заборавивме да ја зборуваме вистината и, најстрашно, – дури и не го забележуваме тоа. И ако некого од нас наречат плашливец, фарисеј, лицемер, се навредуваме и не разбираме во што е работата. Браќа и сестри, за тоа човек да стане вистински верен, треба да се научи да ја кажува вистината.

Како што човек после парализа co труд, co болка го прави секое движење, секој чекор, така и ние, како после духовна парализа, нужно co болка, co страдание, co принуда се учиме да ja кажуваме вистината.

Зборот го разликува човекот од сите останати живи суштества на земјата. Кај Светите Отци човекот често се нарекува „словесно суштество”.

Co збор тој општи co Бога, во неговиот збор има големо достоинство и предност пред другите суштества. А излегува така дека животното стои повисоко од човекот затоа што не лаже, а ние лажеме.

Господ ни дал збор – ние сме го искривиле. Господ ни го дал зборот за молитва, за општење еден co друг, збор, како меч против сатаната, а ние го свртивме против себе самите.

Знајте, ниеден наш збор не исчезнува, туку останува. Браќа и сестри, адот – не е само во задгробното постоење, адот не е само таму каде што се мачат грешниците; и тука е силата на адот, адот на земјата е – страшно, невидливо царство на злото.

Секоја лага, секој лажлив и лицемерен збор не исчезнува во воздухот без трага, како што ни се чини, туку зборовите се зачувуваат како во некој невидлив склад или ризница, во тоа страшно царство на злото.

И нашите гревови, нашата лага, собирајќи се, се претвора во некоја уривачка сатанска сила и енергија, која потоа се пројавува на земјата во вид на страшни катастрофи и искушенија, a ние не знаеме од каде сето тоа.

Затоа, запомнете, браќа и сестри, дека е големо значењето на човечкиот збор.

Преку зборот човекот може да го подигне својот ум над земјата, преку зборот тој може во молитвата да му се приближи на Бога, но преку збор тој може да му служи на демонот и затоа секој лажлив и лицемерен збор невидливо го шири тоа страшно царство на грев и зло.

Амин.

Пренесено од книгата “Патот на христијанинот” од архимандрит Рафаил (Карелин)

Подготви: Мина Даниловска

Претходна статијаНајбогато наследство што родителите го оставаат на своите деца е – среќното детство!
Следна статијаТој прво подигна три прсти, раздвоено, еден по еден, па потоа ги склопи во едно…(Свети Мелетиј архиепископ Антиохиски)