Спомен на свети Григориј Богослов, архиепископ Константинополски
ГОЛЕМА ВЕЧЕРНА
Отче Григорие, гробот кој заборав носи не ги покри ни твојот глас, ни твоите усни, зашто се покажа како уста на богословието, проповедајќи ги и сега догматите на верата. Затоа моли се, да им дарува на душите наши мир и милост голема.
Оттче Григорие, ти мудро ги отстрани непријателските завери против телото и, откако седна на четирикоњска колесница од добродетели, која води кон небото, одлета кон неискажливата убавина. Наситувајќи се од неа, сега на душите наши им даваш мир и милост голема.
Преподобен отче Григорие, ти преку благодатта стана верен зстапник за луѓето пред Бога. И сега, откако со твоите смели молитви Го умилостиви Христа, не престанувај да Го молиш Господа да им дарува на душите наши мир и милост голема.
Други стихири, глас 2.
Дојдете, со свештени песни да го восфалиме красноречивиот Григорија, кој е око на благодатта и семудра уста на Светиот Дух, светол светилник на вселената, голем учител на Црквата, слава на православието, сечудесен поток на богословието, непресушна река на божествените догмати, извор кој постојано излева божествени води на нераспадливоста (2-пати).
Со духовна љубов денес да го воспееме свештеноначалникот, кој е рамен со апостолите и бранител на верата, поплава од красноречивоста, мошне сладок поток на учителството, сигурност на високоумни зборови, небогромовна уста, јазик што со оган дише, ризница на премудроста, проповедник на Словото и украс на верните.
Со должни песни сите да го восфалиме Богословот, стражата на Христовата паства, ловецот на волците и семудриот истребител на непотребните плевели, а сечудесен сејач на правите догмати, мошне силниот изгонител на еретиците, кој со божествена будност вистински ги умножи Христовите таланти сосема добро, и со светлината на Божјата наука ја просвети вселената.
Слава, глас 8ː
Твојот буден јазик за поучување, кој одекнува во ушите на срцата, ги крева и душите на мрзеливите, а во твоите богогласни зборови наоѓаат скала што од земјата кон Бога ги води. Затоа, Григорие Богослове, не престанувај да се молиш на Христа, да ги спаси од неволи душите наши.
И сега, Богородиченː
Царот небесен, од човекољубие се јави на земјата и со луѓето поживеа, бидејќи, Оној што прими тело од чиста Дева и со применото мина низ неа, Тој е единствениот Син, двоен по природа, но не и по ипостаси.
Затоа, вистински проповедајќи дека е Он совршен Бог и совршен човек, Го исповедаме Христа нашиот Бог. Него моли Го, Мајко незаневестена, да ги помилува душите наши.
Литиски стигхири на храмот. Потоа стихири на светителот, глас 4, самогласни.(Анатолиеви)
Откако својата уста ја отвори за Словото Божјо, ти Го привлече Духот на премудроста и, полн со благодат, ти загрме со божествените учења, трижблажени Григорие! Потоа, придружен на ангелските сили, ја проповедаше Троичната и неразделна Светлина.
А, и ние самите, просветлени со твоите божествени објаснувања, се поклонуваме на (Света) Троица, спознавана во едно Божество, за спасение на душите наши.
Со твојот богоглаголив и огнен јазик, Григорие, ти ги изгоре богоборните еретички хулења. Тогаш навистина се јави како божествена уста која, преку Духот, ги говореше Божјите величија и писмено ги изложи скриените тајни на едносуштна Троица.
Па, откако светот на земјата го осветли со Трисолнечната Светлина, се молиш непрестајно за душите наши.
Слава, истиот гласː
Откако телото и душата си ги очисти, според законот, со божествени дела, ти ги мина пределите на богословието, каде што се учат тајните за Бога, отче Григорие, и, откако влезе во незаодниот мрак, го прими од Бога напишаниот закон за едносуштна Троица. Нејзе поклонувајќи ѝ се заедно со тебе, пеејќи говоримеː Троице разбрана во Единица, помилуј нѐ.
И сега, Богородиченː
Погледни на молитвите од твоите слуги, Сенепорочна, скротувајќи ги лутите напади против нас, избавувајќи нѐ од секаква неволја, бидејќи тебе те имаме за единствена цврста и сигурна поткрепа, и твоето застапништво го здобивме. Да не се посрамиме, Владичице, ние кои те призиваме, побрзај да ги примиш молбите на оние што верно ти викамеː Радувај се, Владичице, помош на сите, радост и покрову, и спасение на душите наши.
Стиховни стихири, глас 5.
Радувај се, боговдахновен (Григорие), извору на богословието и живеалиште на врвното богосозерцавање! Зашто, откако со набожниот ум ја испита врвната бездна, на сите јасно им го покажа единството на едната Светлина во Три Сонца, соединета во единство на истото Божество, а Троица поради одделните Ипостаси. ж
И со чистотата на твоето живеење, и со светлината на зборовите учејќи нè да Ја чествуваме Сесвета Троица, Моли се, од Неа да ни биде испратена милост голема за душите наши.
Стихː Устата моја ќе кажува мудрост, а мислата на срцето мое – поука.
Со зракот на твоето богословие си го разурнал мрачното лудило на ересите, зашто со твојата набожна и богомудра мисла, Богослове, си стигнал до Изворот на озаренијата, и си ги пресретнал тамошните светлости; а кога твојот ум го направи светол како огледало, си ја примил, отче, Троичната и неразделна светлина на Божеството, и во себе си го сместил единствениот Зрак изобилно. Него сега моли Го, да им дарува на душите наши милост голема.
Стихː Устата на праведникот кажува мудрост, а јазикот негов изговара правда.
Радувај се, реко Божја, зашто во секое време си полна со водите на благодатта која го радува секој град на Царот Христа со божествени зборови и учења! Сладосен потоку, бездно неисцрпна, сигурен и законски чувару на догматите, најревносен бранителу на (Света) Троица, на Светиот Дух органу, буден уме, богогласен јазику, кој ја предаваш длабочината на Писмата! Моли Го сега Христа, да им дарува на душите наши милост голема.
Слава, глас 8ː
Со твојот јазик, Григорие, обработувајќи ги срцата на верните како земја, во нив си израснал плодови кои вечно цутат за Бога, сечејќи ги од корен трнливите ереси, и давајќи им ја на мислите нивната најчиста убавина.
Затоа, Богослове, божествен кавалу, будно око, пастиру над пастирите кој ги бркаш волците од своето стадо, примајќи ги нашите похвали, моли се на Словото, за душите наши.
И сега, Богородиченː
Безбрачна Дево, која неискажливо Го зачна Бога по тело, Мајко на вишниот Бог, прими ги молбите на твоите раби, Сенепорочна, давајќи им на сите очистување на гревовите; примајќи ги и сега нашите молења, моли се, сите ние да се спасиме.
Тропар, глас 1ː
Пастирскиот кавал на твоето богословие, ги победи трубите на реторите; а кога бездната на Духот ја испита, и убавината на говорот ти се даде изобилно. Но, моли Го Христа Бога, отче Григорие, да се спасат душите наши.
Изворː ИЗБОР на месечни и празнични богослужби. Прв том, Септември – јануари (препев и превод од црковнословенски јазик протојереј – ставрофор Јован Таковски).
Подготви: Светланка Трајчева