ЃАВОЛОТ HE МУ СЕ ПРИБЛИЖУВА НА ЧИСТОТО БОЖЈО СОЗДАНИЕ
Старче, зошто сум поробена од страстите?
Ако човекот им ја отвори вратата на искушенијата, страстите го поробуваат. Она што го сака Бог, а што е корисно за тебе, тоа е да ги фрлиш сите свои страсти во лицето на ѓаволот.
Односно, против него да ги насочиш гневот, тврдоглавоста…
Или уште подобро, продај му ги страстите на ѓаволот, па co добиените пари купи камења и каменувај го за да не ти се приближи. Обично, ние луѓето, даваме повод или поради невнимание, или поради горди мисли, дозволувајки му на непријателот да ни прави зло.
Дури и една помисла или еден збор ѓаволот може да ги искористи. Се сеќавам на едно семејство во кое владееше љубов.
Одеднаш мажот почнал да и’ вели на жената: „Ќе те оставам”.
И жената му велела на мажот: „Ќе те оставам”.
Тие си го велеле тоа на шега. Но подоцна тоа го искористил искушувачот, создавајќи некоја мала тешкотија и биле подготвени да се разведат; не мислеле ни на своите деца, ниту на нешто друго.
За среќа, се нашол еден духовник, па разговарал со нив. „Зар поради овие глупости ќе се разведете?” – им рекол. И така се освестиле.
Ако човекот скршне од вистинскиот пат, од Божјите заповеди, страстите почнуваат да го напаѓаат. И ако некој им дозволи на страстите да го напаѓаат, ѓаволот нема потреба да го напаѓа.
И демоните имаат „своја специјалност”. Го удираат човекот за да откријат од која болест, од која слабост боледува, за да го нападнат. Треба да внимаваме да им ги затвориме вратите и прозорците на чувствата, да не им создаваме простор на искушенијата, па оттаму да влезе непријателот.
Тоа се чувствителните места. Ако оставиш макар една гребнатинка, може да влезе и да ти направи штета. Ѓаволот влегува во човекот кога во неговото срце има кал. He му се приближува на чистото Божјо создание.
Ако срцето се очисти од калта, непријателот заминува и повторно доаѓа Христос. Како што заминува свињата што нема да најде кал, така и ѓаволот не му се приближува на срцето во кое нема нечистотија.
Што би правел во чистото и смирено срце? Значи, ако забележиме дека нашата куќа – нашето срце – почнува да се распаѓа, и дека во неа престојува непријателот, треба веднаш да ја урнеме за да избега и нашиот лош потстанар, т.е. ѓаволчето.
Зашто кога гревот престојува некое време во човекот, ѓаволот, се разбира, стекнува повеќе права.
Старче, кога човекот ќе им ја отвори вратата на искушенијата, живеејќи невнимателно, а сака да се доведе во ред, да почне да внимава на себе, дали ќе го напаѓа ѓаволот?
Кога ќе започне co пресврт, од Бога добива сила, просветување и божествена утеха за да може да почне. Но штом ќе почне борбата, непријателот започнува против него жестока војна.
Тогаш е потребно малку истрајност. Инаку, како би се искорениле страстите? Како би се отфрлил стариот човек? Како би исчезнала гордоста? Така човекот сфаќа дека сам не може ништо да направи, па смирено бара Божја милост и така стекнува смирение.
Истото се случува и кога некој се обидува да отфрли некоја лоша навика, на пример цигари, дрога. Во почетокот чувствува радост и ги отфрла. Подоцна гледа други како пушат, или нешто слично на тоа, па има жестока борба.
Ако го надмине тоа, го свртува грбот без тешкотии. Треба малку да се потрудиме.
Ѓаволот ја извршува својата работа. Зар и ние не треба да ја извршуваме својата работа?
Пренесено од книгата “Со болка и љубов кон современиот човек” од старец Пајсиј Светогорец