35. Едно е да зборуваме лошо за нашите ближни, а друго е да ги осудуваме.
Да кажеме нешто лошо за нашите ближни значи да речеме за некого: тој излагал, направил блуд или направил некој друг грев.
Тој рекол нешто страсно за гревовите на својот грев. А да го осудиме ближниот значи да речеме: тој е лажец, блудник и гневлив, зашто таквиот ја осудил самата расположба на неговата душа, велејќи за него дека е таков и таков, а ова е многу потежок грев.
36. Фарисејот, молејќи се и благодарејќи Му на Бога за своите добродетели, не лажел, туку ја кажувал вистината, и не бил осуден за тоа, зашто сме должни да Му благодариме на Бога кога сме удостоени да направиме некое добро, затоа што Он ни помогнал и ни содејствувал во него.
Па затоа не бил тој осуден за тоа и не за тоа што рекол:
„Што не сум како другите луѓе“ (Лука 18, 17), туку затоа, што свртувајќи се кон митарот рекол:
„Како овој митар“ (Лука 18, 11).
Тогаш потпаднал под осуда – затоа што го осудил ближниот, зашто го осудил самиот човек, неговата човечка личност и расположението на нејзината душа – целиот нејзин живот. Затоа митарот излегол пооправдан од него (сп. Лука 18, 14).
37. Само на Бога Му припаѓа правото да оправдува и да осудува, затоа што Он ја знае и душевната расположба на секого, и неговата сила, и стремежот, и дарбата, и неговата телесна градба и способностите, па сообразно со тоа, Он секого го оправдува или осудува. Зашто кој друг може да го знае сето ова, освен Него, Кој создал сѐ и знае сѐ.
38. Некогаш ние не само што го осудуваме, туку го и понижуваме нашиот ближен, едно е осудувањето, а друго е понижувањето.
Понижувањето е не само кога осудуваме некого, туку и кога го презираме, кога се гнасиме од него, како од нешто што е одвратно. Затоа е ова полошо од осудувањето и многу погубно.
39. Оние што сакаат да се спасат не го свртуваат своето внимание на недостатоците на своите ближни, туку секогаш ги гледаат своите слабости и преуспеваат.
Таков бил и оној, кој, откако видел дека неговиот брат згрешил, воздивнал и рекол:
„Тешко ми мене, како што тој згреши денес, така јас ќе згрешам утре!“