За ИСУСОВТА МОЛИТВА – Преподобен Варсануфиј Оптински

Христовиот Крст и Исусовото име далеку ги прогонуваат демоните и затоа е важно, толку неопходно, да се кажува Исусовата молитва: „Господи Исусе Христе, помилуј ме грешниот“.

Кај светите луѓе таа е непрестајна.

На одредено растојание од манастирот на препoдобен Паисиј Величковски имало келија во која монасите се подвизувале во осамеништво (тихивајќи).

Еднаш на Паисиј му се јавиле демони и му рекле:

„Отстарни ги тие своеволни монаси, зошто да живеат одвоено, нека живеат заедно со вас во манастирот“.

Тој ги прашал: „А зошто ви сметаат тие?“

– „Тие нѐ горат (печат)“ – одговориле демоните.

Ги гореле, не сетилно, туку со непрестајната Исусова молитва, која е огнен пламен за непријателите.

Неопходно е секогаш да се победува непријателот со тоа оружје како што песот, кога го удираат со стап по главата, на крајот, отстапува од човекот.

Така и демонот, горен со камшикот на Исусовата молитва, ќе побегне од нас, ако ние ја кажуваме оваа молитва.

Со кажување на Исусовта молитва, ние може да не чувствуваме свесна возбуда во овој живот, но затоа, целосно ќе ја почувстуваме во идниот живот.

Исусовата молитва се дели на три или четири степени.

Првиот степен – усна молитва,

кога умот често бега и човекот мора да вложува голем напор за да ги собере расеаните мисли.

За оваа молитва е потребен труд, но истата на човекот му дава покајничко расположение.

Вториот степен е умносрдечната молитва,

кога умот и срцето, разумот и чувствата се едно; тогаш молитвата се извршува непрестајно, без разлика што и прави човекот – јаде, пие, одмора – молитвата си тече!

Третиот степен – тоа е веќе дејствителна молитва, која е способна со еден збор да вознесува горе. Таква молитва имал, на пример, преподобниот пустиножител Марко Трачески.

Еднаш, кај него дошол монахот Сава Серапион. Во разговорот, Марко го прашал:

„Дали кај вас сега има такви молитвеници кои можат и планини да поместуваат?“ (Мат. 17, 20).

Кога го кажал тоа, планината на која биле, се затресла. Преп. Марко, обраќајќи ѝ се како на жива, ѝ рекол:

„Биди мирна, јас не зборувам за тебе!“

Преподобен Варсануфиј Оптински

 

Претходна статијаЗА БОГОРОДИЦА! (…над сè ги сака смирените!)
Следна статија„…Во болестите – Лекар; во опасностите – Избавител…’