Свети Јован Златоуст

Беседи на Евангелието според
Светиот Апостол и Евангелист Јован Богослов

БЕСЕДА 77.

Ова ви го реков, за да остане радоста Моја во вас, и радоста ваша да биде исполнета. Ова е моја заповедː да се љубите еден со друг, како што ве возљубив Јас (Јован. 15, 11-12).

4. И ние треба за ова да си спомнуваме во време на искушенија. Кога поднесуваме нешто од злобни луѓе, тогаш, угледувајќи се на нашиот Началник и Совршителот на верата, да знаеме дека трпиме од злобни луѓе, дека трпиме заради добродетел и заради Него.

Ако на овој начин за ова размислуваме, тогаш сѐ ќе биде лесно и подносливо

.Ако, пак, секој човек дури и се фали со тоа, што страда зарди возљубените, тогаш ќе чувствува ли скрб оној, кој поднесува нешто заради Бога?

Ако Христос заради нас го нарече слава она, што беше најсрамно од сѐ – крстот, тогаш уште повеќе ние треба така да мислиме. Ако, пак, ние можеме толку да ги презираме страданијата, тогаш уште повеќе – богатството и лакомоста.

И така, кога ни претстои да претрпиме нешто непријатно, ние не треба да мислиме само на тешкотиите, туку и на венците. Како што трговците не размислуваат само за загубата, туку и за добивката, така и ние треба да размислуваме за небесата и за смелоста кон Бога.

Ако ти се чини пријатна лакомоста, – сети се, дека Христос тоа не го благоизволил, и таа во истиот миг ќе ти постане одбивна. Исто така, ако ти е тешко да му дадеш на сиромав, тогаш не задржувај се на мислата за трошокот, туку во истиот миг помисли на жетвата од тоа сеење.

И кога ќе ти биде тешко да се воздржиш од страсната похота кон туѓа жена, тогаш помисли на венецот за тој подвиг – и лесно ќе го извршиш подвигот. Ако човечкиот страв те воздржува од срамни дела, тогаш уште повеќе – љубовта кон Христа.

Тешка е добродетелта, но да си ја претставуваме облечена во величјето на идните ветувања. Луѓето со возвишена душа ја наоѓааат неа и без тоа, сама по себе, прекрасна, и затоа се стремат кон неа, живеат добродетелно на заради наградите, туку за да Му угодат на Бога, и високо го ценат целомудрието не заради тоа, да ја избегнат казната, туку бидејќи така повелал Бог.

Оној, пак, кој е понемоќен, нека размислува за наградите.

Така да постапуваме и кога е во прашање милосрдиетоː да бидеме милосрдни кон сродниците и да не ги презираме оние што умираат од глад.

Не е ли крајно несообразно, всушност тоа, што самите ние седиме на трпеза со смеа и наситување, а минувајќи по улица и слушајќи, како другите плачат, не само што не го обраќаме вниманието на нивниот плач, туку уште и негодуваме против нив и ги нарекуваме измамници?

Што велиш, човеку? Зарем некој и за еден леб би се градел себеси измамник?

Да, ќе речеш ти. Во тој случај, уште и поскоро би требало да се сожалиме над него, уште поскоро треба да го избавиме од неволјата.

Ако, пак, не сакаш да дадеш, – во краен случај, барем не отфрлај го во пропаст.

Размисли, како ќе го молиш Бога за помош, кога го презираш ништиот кој доаѓа при тебе. Со каква, речено е, мерка мерите, со таква и ќе ви се мери (Матеј. 7, 2).

Размили, со каква скрушеност тој заминуваː ниско ја наведнал главата, плаче, покрај сиромаштијата добил и нова рана од потценувачкиот однос кон него.

Ако просењето милостина го сметате за крајна несреќа, тогаш размислете, каква бура преживува оној, кој проси, но не добива ништо, и уште си заминува исмеан.

До кога ќе им се уподобуваме на бесловесните ѕверки и ќе си ја забораваме сопствената природа заради лакомоста?

Многумина од вас воздивнуваат заради ова, но јас би сакал, не само сега, туку секогаш да го имате тоа сочувство. Размислувај за денот, кога ќе застанеме на судот Христов, кога ќе започнеме да бараме опростување за себе и Христос, поставувајќи ги сиромашните пред лицето на сите, ќе ни каже, – за еден леб и за една најситна паричка вие возбудивте таква бура во овие души. Што ќе одговориме?

Со што ќе се оправдаме?

А дека Он ќе ги постави нив пред лицето на сите, тоа можеш да го разбереш од овие зборовиː доколку не сте го направиле тоа на еден од овие најмали браќа, ни Мене не сте Ми ги направиле (Матеј. 25, 24).

Нема тие да се обратат со зборови кон нас, туку Бог ќе нѐ разобличи за нив. Кога и богатиот го видел Лазара, – Лазар ништо не му рекол, туку Авраам за него зборувал. Така ќе биде и со сиромашните, кои ние ги презираме.

Не ќе ги видиме тогаш нажалени, и со испружена рака, – туку во спокојство; а самите ќе се најдеме во нивната поранешна состојба.

И, о, кога само би се нашле во нивната состојба, а не подложени на уште ппотешка казна! Зашто богатиот таму не посакувал барем од трошките да се насити, туку страдајќи во пламенот, се мачел и слушалː ти си го доби своето добро додека беше жив, а Лазар – злото (Лука. 16, 25).

И затоа, да не го сметаме богатството за нешто велико. Тоа може да нѐ доведе до маки, ако не бидеме внимателни; а ако бидеме внимателни, тогаш и сиромаштијата ќе ни причини и наслада и спокој. Ако ја поднесуваме со благодарност, тогаш и од гревовите ќе се ослободиме, и ќе стекнеме голема смелост пред Бога.

5. И така, да не бараме секогаш спокојство, за да таму се насладуваме со спокој.

Да се подјармиме со трудови заради добродетел, да го отфрлиме бесполезното, да не бараме ништо повеќе, туку сето она, што го имаме, да го раздадеме на оние на кои им е потребно.

Инаку, какво оправдание ќе имаме, кога Бог ни го ветува небото; а ние Нему не Му даваме ни леб?

Он го заблескал сонцето за тебе и ја предназначил сета твар тебе да ти служи; а ти не Му даваш ни облека, ниту сакаш домот свој да го споделиш со Него?

Он ти го дал Своето тело и ти ја дарувал чесната крв; а ти не Му даваш ни чаша вода?

Велиш – си дал еднаш? Но тоа не е милост; зашто ако не даваш додека имаш, сѐ уште сѐ не си исполнил.

Спомни си дека и девојките со светилките, имале елеј, но не во доволно количество. Дури и тогаш, кога би давал од своето, не би требало да се стегаш; но ти даваш од она што Му принадлежи на Господа, – зошто тогаш си скржав?

Ако сакате, ќе ви ја кажам причината за таквата нечовечност?

Таквите луѓе со лакомост го стекнуваат имотот и затоа се скржави за милостина. Кој се навикнал така да стекнува, тој не умее да раздава. Тоа е исто како оној, кој се навикнал да краде, да се убеди себеси на спротивното?

Како ќе го даде на други своето, оној кој го зема туѓото?

И песот, штом се научи да јаде месо, тој веќе не може да ги чува овците, и затоа пастирите таквиот пес го убиваат. За да и со нас не се случи нешто такво, да се чуваме од таквата храна, зашто знај, со плот (месо) се хранат и оние, кои се причина за смртта на гладните.

Зарем не гледаш, дека Бог сѐ за нас создал заедничко?

Ако и допуштил некои да живеат во сиромаштија, тогаш тоа го сторил за да им помогне на богатите, за да тие, давајќи им милостина на бедните, се ослободат од своите гревови.

А ти и во тоа си постанал жесток и нечовечен. Од ова се гледа, дека кога би имал и уште поголема власт, би извршил мноштво убиства и би ги одбил сите и во светот и во животот.

За ова да не се случи, (Бог) во богатството ставил граница на твојата ненаситност. Ако вам ви е тешко да го слушате ова, мене ми е уште потешко кога истото го гледам на дело.

До кога ќе бидеш богат, а тој беден? До вечерва – не повеќе. Животот е краток и сѐ е веќе до пред –врата, така што на сѐ треба да се гледа, како на најкраток миг.

Зошто ти е полниот амбар, множеството слуги и управители? Амбарот не испушта никаков глас, и уште привлекува кон себе мноштво разбојници; а она што се чува за бедните, тоа се вознесува кон Самиот Бог, и го умилува сегашниот живот, и ги разрешува сите гревови, и Му донесува слава на Бога и чест на луѓето.

Зошто ти самиот за себе не поскуваш такви блага? Зашто, кога добротвориш, не им чиниш толку добро на бедните, колку на самиот себе.

Заради нив, ти ќе си ја подобриш сегашната состојба, а самиот на себе ќе си ја приготвиш идната слава и смелост, со која и да се удостоиме сите ние, по благодатта и човекољубието на нашиот Господ Иисус Христос, Кому нека Му е слава и чест во сите векови.

Амин

(превод од рускиː М.З)

Изворː ДОМОСТРОЈ, РОЖДЕСТВО ХРИСТОВО ’95 бр. 11/12

Подготви Светланка Трајчева

Претходна статија „Затоа оној што мисли дека стои нека внимава да не падне“! (Свети Јован Златоуст)
Следна статијаБожикен пост ! ( Која храна да ја јадат христијаните за време на постот?)