ВЛАДИКА НИКОЛАЈ ДУХОВНИ ПОУКИ
ХИГИЕНА НА ДУШАТА
Под хигиена се подразбира науката за телесното здравје или поточно речено: наука за тоа како да се предупреди болеста на телото. Хигиената на телото е само слика на хигиената на душата. Па доколку душата е поважна од телото, дотолку и хигиената на душата е поважна од хигиената на телото.
Во секоја телесна хигиена се истакнуваат три главни потреби, без кои телото не може да биде здраво.
Тоа се: светлината, воздухот, храната.
И во хигиената душевна три се главни потреби, без кои душата не може да биде здрава. Тоа се: Бог, молитвата, Словото Божјо.
Бог е за душата она што е светлината за телото. Молитвата е за душата она што е воздухот за телото.
Словото Божјо за душата е она што е храната за телото.
Светлината на душата
Бог е светлината на душата. Колку што е душата повеќе изложена на таа светлина, тоа е поздрава, повесела, посилна. Бог е разумна светлина, која ги гледа сите твари и ги согледува сосема. Бог ги гледа и ги знае сите мисли човечки, сите желби, сите намери.
Бог гледа. Кога човекот е свесен за тоа дека Бог гледа , тој тогаш се срами од лудите помисли, грешните желби, неправедните намери. Така, се појавува во човекот стравот Божји , кој што ја чисти душата. Почеток на мудроста – стравот Господов.
Бог гледа.
Неговото гледање, појасно е и од Сонцето. Не може ништо да се сокрие од погледот Негов. Па и за што да се крие?
Да се крие од Бога значи – да се скапува.
Учителите на науката за телесното здравје ги советуваат луѓето болежливи што повеќе да се сончаат. За сончевата светлина што повеќе да продре во телото и да ги согори различните отрови во него.
Православната наука отсекогаш ги советува луѓето да ја отворат душата своја кон Бога, да ја разголат и да ја сончаат пред Бога и од Бога. Од Светлината Божја, согорува се` што е болно во душата, се` што е нечисто и грешно.
Бог гледа.
Aко си наумил да излажеш, сети се, Бог гледа.
Бог гледа.
Ако си одлучил да преземеш, или да запалиш, или да отруеш, или убиеш, сети се, Бог гледа.
Бог гледа.
Ако се радуваш на туѓото зло, или ако си немилостив спрема бедните, сети се: Бог гледа.
Бог гледа.
Ако во тебе се јавила похота прељубодејна или среброљубива, знај, дека Бог гледа.
Бог гледа. Секогаш мисли на тоа.
Што и да смислуваш, или посакуваш, или имаш намера, сети се, дека, Бог гледа. Од тој поглед не бегај, туку сета своја душа изложи ја на тоа вечно гледање. И тоа ќе ги согори сите гревови твои во тебе и нечистотијата твоја на самиот почеток.
Така, душата твоја ќе биде здрава. Таа постојано ќе се капе во Светлината Божествена. И ќе биде топла од таа светлина божествена, та на неа, како на добра земја ќе се раѓа секој божествен посев. А божествен посев е оној, кој не се плаши од светлината на Божјото гледање, туку му се радува и го бара и се свртува кон него, како сончоглед по Сонцето.
Воздух на душата
Тоа е молитвата кон Бога. Со она темпо со кое што дишеме, треба и да се молиме на Бога. Така со молитва дишеа и најсветлите и најсовршените луѓе.
А ти, додека не дојдеш до ова совршенство, вежбај во се` почеста молитва. Господ им заповеда на своите ученици да се молат непрестајно. (Лука. 18,1; 21,36) . И вистинските негови ученици отсекогаш дишеле со молитвата.
Додека е детето во утробата на мајката своја, тоа не дише, а штом ќе се роди, тоа почнува да дише. Се` додека човекот духовно не се роди од Христа, тој не дише со молитва, ниту чувствува потреба за молитва. А штом духовно ќе се роди, тој почнува да дише со молитва. А без молитва не може да живее, како што ни телото без воздухот.
Исто така, детето во утробата на мајката своја, девет месеци живее без светлина и не чувствува потреба за светлината, а штом ќе се роди, тоа ја чувствува светлината и има потеба од светлина.
Така и човекот, духовно неродениот, непрепородениот, не чувствува потреба за светлината Божја, ниту ја чувствува таа светлина, иако таа го осветлува и грее. А кога човекот ќе се роди во Духот од Христа, тој не може да живее без светлината Божја. Тој го чувствува непрестајното гледање Божјо и оттука има страв Божји, кој што го очистува.
Според науката за броевите, бројот девет означува претпоследен број, а десет, последен. Девет месеци поминати во мракот на мајчината утроба без светлина и дишење, ги означува оние луѓе, кои што поголемиот дел од својот век го поминуваат без Божествена светлина и молитвено дишење.
Бројот десет го означува последното време на животот човечки на земјата. Кој во тоа време, пред крајот на животот ќе се освести, покае и ќе му пријде на Христа, тој сепак, ќе го почувствува божественото гледање и сладоста на молитвеното дишење.
Храна на душата
Со лебот се храни телото, со зборот душата Божја. Од сите јадења во светот, лебот е најздравата храна за телото. Само од леб може да живее телото човечко, а душата може да живее само од зборот Божји.
Под збор Божји се подразбира оваа наука Божја, откриена на луѓето преку Господ Исус Христос. Накратко речено: под Словото Божјо се подразбира Самиот Господ Исус Христос, а дека е Он тоа Слово Божјо преку кое душата се храни, Самиот Тој потврди кога рече:
Ја сум живиот леб што слезе од небото; кој јаде од овој леб, ќе живее вечно (Јов. 6,51).
Оние, кои го хранат телото свое со различни посластици, го расипуваат и паѓаат во различни болести. Една потполно здрава и потполно доволна храна за душата човечка е Господ Исус Христос, предвечното Слово Божјо, овоплотено од Светата Марија Дева и во светот јавена како Богочовек.
Од оваа храна, душата никогаш не се прејадува, колку и да јаде. И таа храна, не само што никого не разболува, туку, таа лечи од сите болести.
И така, значи, хигиената на душата ја сочинуваат три главни услови: Бог, молитва и Словото Божјо, што прави: светлост, воздух и храна духовна на секој православен христијанин.
СПАСЕНИЕ НА ДУШАТА
Кога многу народ се беше собрал околу Господа нашиот Исус Христос, го рече Господ овој збор: Што му користи на човекот ако сиот свет го задобие, а душата своја ја загуби?
И уште ова го рече:
Што може човекот да даде за откуп на својата душа?
Тоа значи дека душата човечка има поголема цена од целиот видлив свет. А кога човекот душата ќе ја загуби, тогаш со што ќе може да ја плати, со што може повторно да ја купи?
Со ништо на светот. Ниту целиот свет да го даде , не ќе може душата изгубена да ја купи.
Блажен е оној, кој ова го знае и кој ја чува душата своја како најголемо богатство свое.
Блажен е оној, кој што секој ден стражари над душата своја и не дозволува ни малку душата да му се оштети.
Зашто, кој душата ќе ја спаси, ќе спаси се`; а кој душата ќе ја зазгуби, ќе загуби се`.
Во еден мал град живеел голем богаташ. Живеел во мала, разурната куќа. Не сакал да прави нова куќа, туку богатството свое го штедел и го чувал.
Но, се случило една вечер и неговата куќа се запалила и изгорела. А тој, скокнал од постелата, па така, необлечен, брзо го побарал своето сочувано богатство и избегал од куќата.
Куќата негова сета во пепел се претворила, а тој нималку не зажалил за неа. Со своето богатство се преселил во голем град, и во тој голем град направил прекрасен дворец и таму проодлжил да живее весело и безгрижно.
Што означува оваа приказна?
Малото гратче го означува овој свет, во кој што луѓето како гости живеат кратко време.
Малата и трошна куќа го означува телото човечко, домот на душата човечка.
Богаташот го означува разумниот христијанин, кој ги чул и ги разбрал и во срцето ги вметнал овие Христови зборови:
Што ќе му помогне на човекот, ако и цел свет го задобие, а душата своја ја изгуби?
Големото богатство на богаташот ја означува богатата душа на разумниот христијанин, кој што целиот век се труди и според законот Хрристов живее за да ги наполни во душата сите оние добродетели кои сјаат повеќе од златото и среброто и скапоцените камења.
Тоа духовно злато и сребро, тоа големо богатство духовно се: верата и надежта во Бога и љубовта спрема Бога, молитвеноста и милоста и добрината и мирот и братољубието и кротоста и чистотата.
Што означува пожарот на куќата?
Изненадниот пожар во ноќта ја означува изненадната смрт телесна, за која ниту еден смртник не го знае денот ни часот.
Будењето на богаташто од сонот за време на пожарот и преселбата во големиот град го означува ослободувањето на душата од телото во часот на смртта и преселбата во другиот свет.
Големиот град, го означува вечното царство Христово, во кое што живеат само ангелите и праведниците.
Прекрасниот дворец во големиот град, го означува обвиталиштето на секоја праведна душа во оној свет, во царството вечно и бесмртно.
Оваа приказна е јасна и поуката е прекрасна. Кој има уши да чуе, нека чуе.
Никој нека не се надева во овој минлив век, кој брзо поминува како облак што ветерот го гони од Пелистер до Облаково.
Никој нека не се гордее со телото свое, зашто, секое тело човеково е трошна куќа, која што смртта денес – утре ја претвора во пепел.
Но, секој христијанин и христијанка, непрестајно нека мисли за душата своја, за тоа единствено богатство, кое може да се спаси од смрт и пропаст.
А оној за душата своја што мисли, тој ги слуша зборовите Христови и ги извршува заповедите Негови.
Нему, благиот Христос му помага, непрестајно му помага .
И бдее над него како мајка над детето во колевка.
И го храни и го пои со Духот Свој Свет дење и ноќе.
И му дава Ангел чувар за да го чува на сите патишта од животот и во часот од смртта да му ја земе душата и да му ја однесе во Царството Небесно.
На нашиот Бог слава и фала.
Амин
Превод Мина Даниловска