ЗА ЉУБОВТА

…Љубовта се познава преку Светиот Дух. А душата Го препознава во мирот и во сладоста.

О, колку сме должни ние да Му благодариме на Бог за тоа што многу нè љуби.

Размислете, возљубени браќа: Господ ѝ го дава Светиот Дух на грешната душа, и ѝ дава да ја познае Неговата милост.

За да Го познаеме Бог не ни треба богатство. Треба само да го љубиме ближниот и да го имаме смирениот дух, воздржание и послушание, и за тие добри дела Господ ќе ни даде да Го познаеме.

А што може да биде на светот поскапоцено од тоа познание? Да се знае Бог, и колку Он нè љуби и на кој начин духовно нè воспитува?

Каде ќе најдеш таков татко што би умрел на крстот заради престапите на своите деца?

Обично на таткото му е тешко и го сожалува синот што треба да биде казнет заради своите престапи. Но, дури и ако го сожалува синот, сепак ќе му рече:
„Ти постапи лошо, и за своите лоши дела праведно си казнет”.

Господ пак, никогаш нема да ни каже такво нешто. Он и нам ќе ни каже како на Апостолот Петар:

„ Ме љубиш ли?”

Така и во рајот ќе ги праша сите:

„Дали ме љубите?”

И сите ќе одговорат:

„Да, Господи, ние Те љубиме.
Ти нè спаси со Своите страдања на крстот, а сега ни го подари и Небесното Царство”.

И никој на небото нема да се срами така како што се срамеа Адам и Ева по падот. Но, ќе има само кротост, љубов и смирение.

Не смирение онакво какво што го гледаме сега, кога се смируваме себеси, и трпиме кога нè укоруваат, или се сметаме за полоши од сите.

Туку сите ќе го имаат Христовото смирение, коешто е недостижно за луѓето, освен за оние што го познаа преку Светиот Дух.“

(Од преданието на св. отци)

Претходна статијаКако уште ја губиме благодатта?
Следна статијаБлагослови оче! (Свештеникот ви одговара на прашањата од вас)