Бидејќи Петар покажал дека не отпаднал од љубовта кон Него и дека кон тоа го додал и смирението, Господ отворено го исполнува ветувањето кое некогаш му го дал, и вели:
„Напасувај ги Моите овци“. И навистина, кога (Христос) посакал соборот на оние што веруваат во Него да го нарече здание, Тој тогаш ветува дека ќе го постави неговиот темел, и вели:
„Ти си Петар, и на тој камен ќе ја соѕидам Својата Црква“ (Матеј 16, 18).
Кога се зборувало за риболовот, му рекол дека ќе биде ловец на човечки души (Лука 5, 10), а кога, пак, Своите ги нарекува овци, Петар го поставува за пастир:
„Напасувај ги Моите јагниња, напасувај го Моето стадо“.
Од ова, браќа, можеме да сфатиме колку Господ го посакува нашето спасение, затоа што од оние што Го љубат Тој не сака ништо, освен да нѐ насочат кон пасиштето и трлото на спасението.
И ние да го посакаме сопственото спасение, и со зборови и на дело да покажеме послушание кон оние што таму нѐ водат.
Навистина, доволно е секој од нас да посака да стапне на патот кон спасението и ќе се појави учителот кој ни го пратил заедничкиот Спасител, раководителот кон спасението кој, бидејќи е исполнет со човекољубие, подготвен е да одговори на нашиот повик.
Трипати Христос го прашал Петар, за овој, одговарајќи трипати, да принесе добра исповед и преку трикратното исповедање да го поправи трикратното одрекување.
Трипати Христос го поставил за пастир на Своите јагниња и овци, потчинувајќи му ги и трите чинови на оние што се спасуваат:
ропството, наемништвото и синовството, односно: девственоста, целомудреното вдовство и чесниот брак.
Бидејќи неколку пати бил прашуван дали Го сака Христос, Петар се нажалил поради тоа, мислејќи дека не му верува. Но, не знаејќи дека Оној што го прашува подобро го познава отколку тој самиот себеси, и чувствувајќи се како притеснет од сите страни, исповедал, не само дека Го љуби, туку и објавувил дека Оној што Го љуби е Бог на сите созданија, велејќи:
„Господи, Ти знеш сѐ, Ти знаеш дека те сакам“, затоа што сезнаењето Му е својствено единствено на Богот на сите созданија.“
Свети Григориј Палама