Светиот Дух е единосуштен со Синот и со Отецот, затоа што и трите Личности на Светата Троиица имаат заедничка суштина (природа) и заедничка енергија или слава.
Затоа каде што е Христос таму е и Духот, и каде што е Духот таму е и Христос.
Претходно нагласивме дека Личностите на Светата Троица не се разделуваат, ниту нивното дело се автономизира.
Светиот Максим Исповедник вели дека во сите дејствува Светиот Дух, но на различен начин во секого.
Дејствува без исклучок во сите луѓе, бидејќи се Божји созданија, како одржител, промислител и обновител на природните семиња.
Во оние кои се наоѓаат во периодот на законот дејствува како укажувач на престапувањето на заповедите и како просветлител на Христовото ветување.
Во оние кои живеат во Христа дејствува восиновувачки, бидејќи со дејството на Светиот Дух стануваат синови Божји.
Во обожените, т.е. во оние кои станале достојни за божественото живеење и за вселувањето на Неговата обожителна сила, дејствува творејќи мудрост.
Така, во сите дејствува Светиот Дух, но различно во секого, аналогно со духовната состојба во која се наоѓа.
Со оваа перспектива разбираме дека Светиот Дух дејствувал и во Стариот Завет, во Пророците, бидејќи со Неговите сила и дејство Пророците Го гледале невоплотениот Логос и пророкувале за воплотениот Логос, односно за Христа.
Од православната теологија многу добро знаеме дека сите Божји откровенија во Стариот Завет биле откровенија на Втората Личност на Светата Троица, односно на Невоплотениот Логос. Бидејќи присуството на Логосот не се случува независно од Светиот Дух, затоа Светиот Дух на Пророците им Го објавувал невоплотениот Логос и преку Него им се откривале идните тајни.
Светиот Василиј Велики вели дека Светиот Дух доаѓал во умот на Пророците и тие ги пророкувале идните блага.
Карактеристичен пример е случајот на Јован Крстител, кој се исполнил со Свети Дух, додека се наоѓал како шестмесечен ембрион во утробата на неговата мајка, и, како што вели светиот Григориј Палама, со Светиот Дух го прима совршенството на идниот век во утробата на својата мајка и богословствува за Христа.
И, секако, како што видовме на празникот Сретение, праведниот Симеон со Светиот Дух Го препозна Христа.
Следствено, Светиот Дух дејствува и во Стариот Завет на различен начин од она како дејствува во Новиот Завет, односно во Црквата.
Затоа што, како што рековме претходно, во Стариот Завет на Пророците им укажувал на престапот на заповедите и им го откривал Христовото доаѓање, а во Новиот Завет ги прави луѓето синови Божји и енови на Телото Христово, и ги воид во обожување.
Јеротеј Влахос: ГОСПОДОВИТЕ ПРАЗНИЦИ