Пред сѐ да му се исповедаме на нашиот добар судија, не само насамо туку ако ни заповеда и пред сите. Раните што се откриваат не само што не се влошуваат туку и полесно се лечат.

По доаѓањето во општежитието на добриот судија и пастир,(2) присуствував на едно страшно судење.

Имено, се случи, додека се наоѓав таму, еден разбојник да дојде да му се посвети на монашкиот живот. Оној одличен пастир и лекар заповеда разбојникот седум дена да ужива целосен одмор и само да гледа како во таа обител се живее.

Кога поминаа тие седум дена, пастирот го повика насамо и го праша дали му се допаѓа да живее со нив. И бидејќи виде дека овој се согласува со целосна искреност, повторно го праша што грешно сторил во светот.

Разбојникот веднаш, исповеда сѐ до најситно, а пастирот, штом го виде тоа му рече повторно да го искуша: „Сакам да го исповедаш тоа јавно, пред целото братство.“

А оној, бидејќи вистински го замрази својот грев и презре секаков срам, не колебајќи се го вети тоа и рече: „Ако сакаш и насред градот Александрија!“

Тогаш пастирот ги собра во црквата сите свои овци, а ги имаше околу триста и триесет, и за време на Божествената литургија ( беше недела ), а по читањето на Евангелието, нареди да се воведе тој непорочен осуденик, којшто со рацете врзани одзади, облечен во вреќа од кострет и посеан врз главата со пепел, некои браќа го влечеа и одвреме навреме го удираа.

Пред таа глетка сите се сепнаа и веднаш гргнаа во плач, зашто никој не знаеше што всушност се случува. И кога разбојникот се приближи до црковните двери, онаа свештена и човекољубива глава громко повика кон него:

„Стој! Недостоен си да влезеш ваму!“

Исплашен од гласот на пастирот што доаѓаше од олтарот (зашто му се чинеше, како што подоцна под заклетва нѐ уверуваше, дека слуша гром, а не човечки глас) во тој миг разбојникот падна ничкум, тресејќи се од страв и наполно збунет.

Додека лежеше така на земја и го облеваше подот со солзи, повторно му нареди чудесниот лекар (којшто сега тоа го правеше заради неговото спасение, покажувајќи им на сите како се спасува и какво е дејствителното смирение), пред сите подробно да каже сѐ што имал сторено.

И тој со трепет ги исповеда, еден по еден, сите свои гревови, соблазниви и за самото уво: не само природни туку и противприродни телесни гревови, со човечки суштества и со животни, па дури и магии, убиства и други злосторства за коишто не е ред ни да се слуша ни да се пишува.

Веднаш по таа исповед, пастирот нареди разбојникот да го замонашат и да го примат во братството.

А јас, восхитен од мудроста на овој преподобен, го прашав насамо зошто употреби еден толку необичен начин на лекување. Тој вистински лекар ми рече:

„Од две причини: прво самиот покајник со помош на сегашниов срам да го избавам од идниот. Така и се случи. Бидејќи тој не стана од подот, брате Јоване, дури не доби прошка за своите гревови. Не се сомневај во тоа.

Еден брат којшто се наоѓаше тука ме уверуваше говорејќи:

‘ Видов еден страшен човек кој држеше една испишана хартија и перо; и како кој грев покајникот ќе го изговореше така тој со перото веднаш го прецртуваше‘. А така е и право: …реков, ‘ ќе ги исповедам на Господа моите престапи‘, и Ти ми го прости гревот мој (Пс. 31, 5).

А второ, бидејќи во манастирот имам и некои коишто не ги исповедаат сите гревови, сакав со тоа да ги поттикнам на исповед, без која никој никогаш нема да добие прошка.“

1 Треба да се испита, вели Илија Критски, како тоа без послушание никој нема да Го види Бога. Што? Зарем Марија Египетска и некои други коишто никому не беа потчинети нема да Го видат Господа?

Мислиме дека Лествичник не зборува само за телесното послушание туку и за духовното. Зашто нема да најдеме ниеден светител којшто не му го покорил телото на духот, од што јасно произлегува дека Господа нема да Го види никој којшто при телесното послушание не го спроведува и ова (на телото кон духот).

Многумина коишто им се покоруваат на своите телесни татковци живеат како робови на сластите, па таквото послушание ништо не им користи (Схол. 14, col. 732D).

2 Тоа е веројатно еден манастир во Тиваида, близу Александрија (поточно, во предградието на Александрија наречено Каноп, денес Абукир). Врз основа на податоците од Лествица би можело да се заклучи дека тој манастир имал под себе две обители: лавра, уредена за тихување и манастир за покајници, којшто во Лествицата се нарекува Затвор.

Во Каноп навистина постоел манастир, како што и спомнува блажениот Јероним во својот предговор на Правилата на св. Пахомиј Велики и којшто според тие податоци се нарекува Μετανοια (Покајание) (в. Transl. Lat. Reg. Scti Pachomii, Praef., MPL, 23, 65).

Доколку Затворот е навистина тој манастир во Каноп за којшто блажениот Јероним слушнал од некој свет презвитер од Александрија, Силуан, тогаш тоа значи дека Затворот датира од многу одамна и дека постоел барем двесте години пред посетата на св. Јован Лествичник на таа необична обител.

Изворː ЛЕСТВИЦА, ТАБЕРНАКУЛ 2003.

Светланка Трајчева

Претходна статија“Не посакувај туѓ брачен другар” (Дозволено ли е да посакуваш туѓо…?)
Следна статијаДесетте плодови на горделивоста!