ГЛАВА ΙΙΙ

СИТЕ НЕСРЕЌИ И НЕВОЛЈИ СЕ СЛУЧУВААТ ПО БОЖЈА ВОЛЈА

Сè во светот, дури и она што изгледа како зло (освен гревот) се случува по Божја волја. Богословите тоа го објаснуваат на следниов начин.

Зачеток на злото е гревот.

Секој грев има своја причина и неговата неизбежна последица – поправање со казна.

Причина за гревот е лажливоста и своеволието на горделивиот грешник; казните како горки последици на своите причини се случуваат по Божја волја, заради исправување или искоренување на гревот.

Значи, ако од поимот грев ја отфрлиме неговата причина – лажливоста и своеволието, тогаш нема да има ниту една од неговите горки или зли последици кои не би се случувале по Божја волја.

Како неволјите на поединците така и природните непогоди, како што се: глад, суши, епидемии и слично на тоа, често немаат непосреден однос кон гревот на поединецот, туку се случуваат по Божја волја.

Затоа сите човечки неволји се случуваат по Божја волја заради достигнување на праведните цели на Божјата промисла; само гревот е спротивен на Бога (слично како што злото е спротивно на доброто или лагата на вистината), но Бог го допушта заради ненарушување на личната човечка волја или неговата слобода.

Злото, кое ни го прават луѓето, не е надвор од Божјата промисла!

Многумина се лажат од своето потполно незнаење мислејќи, дека само злото кое настанува поради природните причини (односно: поплави, земјотреси, неродни години, непријатни атмосферски појави, болести, ненадејна смрт итн.) настанува по Божја волја, бидејќи во најголем број таквите несреќи немаат директен однос кон гревовите.

Меѓутоа, злите дела, кои се последица на противзаконските човечки намери (како што се навредите, исмејувањето, лагите, лукавството, кражбите, убиствата итн.) се случуваат независно од Божјата волја и Неговата Промисла, ама благодарение на човечката злоба и развратната човечка волја, која самата им причинува и нанесува на ближните свои секакво зло.

И затоа не само во минатото, туку и денес, често се слушаат жалби: „Немањето на храна и неопходни средства за живот не потекнуваат од Бога, туку од лихварите“.

Тие жалби се жалби од луѓе кои не знаат за Бога: тие не се достојни за христијани.

Темата за која сега говориме, ќе ја појасниме со еден пример. Некој, кој намерил да му го одземе сиот имот на својот ближен и сакајќи да ги исполни своите намери во тајност, се прикрадува никој да не го забележи во неговата куќа, остава запалени предмети под неа и незабележано излегува од куќата.

Наскоро настанува пожар, пламенот се шири и се префрлува со помош на ветрот и на другата куќа, луѓе од сите страни трчаат да помогнат во гасењето на пожарот и да ја заштитат соседната куќа.

Пироманот исто така трча со нив за да помогне во гаснењето на пожарот, но тој има и друга намера: го користи пожарот и ги изнесува од запалената просторија предметите, за да наликува како да сака да ги спаси од пожарот, а всушност тој ги крие и го ограбува ближниот свој.

Иако сите овие дела кои ги причинил пироманот претставуваат непосредна причина за штетата која ја поднел домаќинот и одземањето на неговиот имот, доколку се разгледуваат исклучиво сами по себе, независно од злобната намера на пироманот, тие по ништо нема да се разликуваат од таканаречените физички непогоди.

Тие се од Бога: слично на тоа, како што по Божја волја гром убива човек, молњата ја пали куќата или дрвото, ураганот го разнесува сеното, така и пироманот: тој не може ниту да влезе, ниту да излезе од куќата, ниту да го подметне пожарот, без допуштање од Бога.

Самите тие дела се безразлични – не се ниту лоши, ниту добри, бидејќи можат да послужат како за зло, така и за добро. Ама злобната волја, лукавата намера, од која е раководен пироманот и чија причина веќе не е Бог, туку слободната волја на пироманот.

Тоа е негов, грев иако Бог му дозволил на дело да ја спроведе својата зла намера, бидејќи Бог можел и да го спречи тоа дело. Но Господ не го спречил остварувањето на таа зла намера, туку го допуштил тоа по Својот праведен Суд. За причините на таквото допуштање ќе стане збор подоцна.

Ако во Бога не е зачетокот на нашиот морален пад (кој е единственото вистинско зло), тогаш тоа не може ни да биде:

„Чистото око Негово не може да види зло“ (Авакум 1,13) и „ја засака правдата и го намрази беззаконието“ (Псал. 54,8), тогаш е потполно вистинито дека сите неволји кои се случуваат заради споредни причини, разумни или неразумни, без оглед на кој начин се случуваат, се случуваат по Божја волја, која се испраќа од Неговата цврста десница, по Негова Промисла.

Возљубен! Бог ја насочил раката за да те удри;

Бог го поттикнал јазикот на оној кој навредува или на клеветникот за да те навреди или наклевети;

Бог допуштил нечесниот да те совлада. Самиот Бог го потврдува тоа преку пророкот Исаија, велејќи:

„Јас сум Господ и нема друг; нема Бог освен мене; Јас те наоружив, иако не ме познаваше… Јас ја создавам светлината и ја правам темнината, создавам среќа и доведувам несреќа.

Јас, Господ го вршам сето тоа (Ис. 45,5,7).

Тоа уште појасно го потврдува пророкот Амос:

„Се случува ли во градот зло, што не го дозволил Бог“ (Амос 3,6)? Како да вели: нема ниедна неволја, која не се случува по Божјо допуштање, кое ја дозволува лошата намера, а притоа за нејзино остварување укажува на начинот и дава сила.

Па така Бог, сакајќи да го казни царот Давид, заради гревот на неговата прељуба со жената на Уриј и за убиството на самиот Уриј, со гревот на крвосмесништво на својот син со неговата жена, му говори на Давида преку пророкот Натан:

„Еве, Јас ќе подигнам зло против твојот дом, ќе ги земам твоите жени пред твоите очи, и ќе ги дадам на ближниот твој (Авесалом), и тој ќе спие со твоите жени пред очите на сите под ова сонце“.

„Ти го изврши тоа тајно (прељубата и убиството), Јас, пак ќе го извршам (крвосмесништвото) пред целиот Израил среде бел ден“ (2. Цар. 12, 11,12). Оваа мисла многу добро ја објаснил блажениот Августин, велејќи:

„На тој начин Бог ги поправа добрите луѓе преку лошите“.
……

Поради што е возможно „да се противиме“ на Бога во неволјите?

Некој може да нè запраша:

ако навистина сите неволји ни се случуваат по Божјо допуштање, тогаш значи попусто е да се противиме на Неговата света волја?

Попусто е да употребуваме лекови кога сме болни?

Зошто да водиме наоружани полкови против непријателскиот напад? Зошто доброволно да не му ги предадеме клучевите од нашите тврдини и не го пуштиме во нашата земја, а на наша погибел?

Зошто не го следиме блажениот архиереј Луп, кој го поздравил Атила со следниве зборови:

„Те поздравувам, Атила, камшику Божји“. Им одговарам на оние кои го поставуваат ова прашање дека разорните војни и сличните неволји не се случуваат без Божја волја, и тоа е јасно (како што покажавме погоре), ама оттука не следува дека не треба да се наоружаме против непријателот, ниту да го избегнуваме лечењето на нашите болести, сметајќи ги тие постапки спротивни на Божјата волја.

Меѓутоа на болниот му е непозната Божјата намера за периодот на траење на неговата болест, и затоа нему не му е забрането да тежи кон исцелување.

И кога веќе, по употребата на многу лековити средства не оздрави, тогаш може да биде уверен дека тоа е Божја волја да трпи долготрајна и тешка болест.

Така смирено расудувај дека на Бога му е угодно сè уште да бидеш болен. Но бидејќи не знаеш дали Бог има намера да страдаш до самата смрт, тогаш не е грев да тежиш кон средства за исцеление, заради олеснување или оздравување.

Безгрешноста на лечењето се докажува и уште со тоа дека доколку на Бог не му е угодно да ти го поврати твоето изгубено здравје, Он може да го лиши секое средство од неговата исцелителна моќ.

Така треба да се расудува и за непријателите и војните. Бог повеќе пати допуштал израилскиот народ да биде поробуван, за тој народ да не прави лоши дела и да не го заборави својот Бог.

И Израилците незнаејќи ја Божјата волја им се спротивставувале на непријателите. Но затоа поинаку постапиле кога пророкот Еремија им ја открил Божјата волја да му се покорат на царот Навуходоносор.

На ист начин, доколку пожарот со сето страдање на народот и пожарните бригади не може да биде изгаснат, тогаш е очигледно дека Божјиот суд одлучил дека таа куќа не само што треба да биде запалена, туку треба и да изгори поради испитувањето на трпението на Божјите пријатели и казнувањето на непријателите.

На сличен начин треба да се расудува и за сите други случувања во нашиот живот.

Поуки на блажениот Августин

„Видете, возљубени браќа – нè поучува блажениот Августин, никогаш не велите:

Ѓаволот ми го стори тоа (таа несреќа ми ја нанесе расипаниот непријател), туку сè што ти се случува, и добро и зло, припишувај му го на својот Бог, знаејќи дека ѓаволот не може ништо да ти направи, доколку Севишниот Бог, кој има власт над животот и смртта, не му го допушти тоа поради казна или твое поправање.

Казната Бог ја допушта за нечесните, кои свесно постапуваат против својата совест, јавно ја отфрлаат вистината итн. А поправањето го допушта на оние синови кои погрешиле во нешто:

„Го кара оној, што го прима“ (Евр. 7,6).

И не се надевај дека ќе останеш без казна доколку не мислиш да бидеш одвоен од небесното наследство:

„Го кара секој син, што го прима (го признава за наследник)“.

Дали е тоа така?

Дали секој? – Каде сакаше да се сокриеш од казна? Го казнува секој без исклучоци:

Нека ти биде јасно дека самиот Еднороден Син Божји, без никаков грев, не беше лишен од казна.

Оваа поука е навистина достојна на блажениот Августин.

ИЗВОРПремин Портал
Претходна статијаЗОШТО ПОСТИМЕ СЕКОЈА СРЕДА И ПЕТОК?
Следна статијаПоради тоа од сите свои гревови, овој грев ќе ти биде неопростлив…