САБОТА ОД ПЕДЕСЕТНИЦА
УТРЕНА
Тропар:
Господи, Кој со длабока мудрост човекољубиво управуваш сѐ, и на сите им даваш сѐ што е полезно, единствен Создателу, душите на Твоите слуги упокој ги, зашто сета надеж ја положија на Тебе – Творецот и Создател и наш Бог.
Слава, и сега, богородичен. Истиот глас:
Тебе те имаме за пристаниште и заштита и молитвеница благопријатна пред Бога, Кого си Го родила, Богородице, безневесна, спасението на верните.
Тропари мртвени:
Припев: Благословен си Господи, научи ме на Твоите заповеди.
Соборот на светите го најде изворот на животот и рајската врата: да го најдам и јас патот со покајание. Јас сум загубената овца, повикај ме Спасителу, и спаси ме.
Припев: Благословен си Господи, научи ме на Твоите заповеди.
Свети маченици, кои Го проповедавте Јагнето Божјо, и бевте заклани како јагниња, и кои во вечниот живот се преселивте, Него молете Го да ни даде прошка на гревовите наши.
Припев: Благословен си Господи, научи ме на Твоите заповеди.
Сите вие кои одевте по тесен и тегобен пат, кои во животот го зедовте Крстот како јарем и со вера по Мене одевте, насладете се со почестите што ви ги приготвив и со венците небесни.
Припев: Благословен си Господи, научи ме на Твоите заповеди.
Образ сум на Твојата неискажлива слава, иако ги носам раните на гревовите: смилувај се на Твоето создание, Владико, и очисти ме со Твојата добрина, и посакуваната татковина дај ми ја, правејќи ме повторно жител на рајот.
Припев: Благословен си Господи, научи ме на Твоите заповеди.
Ти, Кој одамна од ништо ме создаде, и ме почести со Твојот божествен образ, Кој поради прекршување на заповедта пак ме врати во земјата, од која бев земен, врати ме сега кон Твоето подобие и обнови ја мојата првобитна убавина.
Припев: Благословен си Господи, научи ме на Твоите заповеди.
Упокој ги Боже Твоите слуги, и во рајот всели ги каде што е соборот на Твоите свети, Господи, и каде што праведниците светат како светила: починатите слуги Твои упокој ги, превидувајќи ги сите нивни согрешенија.
Слава:Тројната светлина на едното Божество благочесно ја пееме, викајќи: Свет си Отче беспочетен, собеспочетен Сине, Божествен Душе: просветли нѐ нас кои со вера Ти служиме, и од вечниот оган ослободи нѐ.
И сега: Радувај се, Чиста, кој Го роди Бога по тело за спасение на сите, со која родот човечки најде спасение: со тебе да го најдеме рајот, Богородице чиста, благословена.
Алилуја, алилуја, алилуја, слава Ти Боже. (трипати)
Седален, глас 5, за покој:
Упокој ги, Спасителу наш, Твоите слуги, заедно со праведните, и всели ги во Твоите дворови, како што е напишано, проштавајќи им ги, како добар, нивните прегрешенија, волни и неволни, направени со знаење и со незнаење, Човекољупче.
Слава, и сега, богородичен:
Христе Боже, Кој на светот му засветли од Дева, и преку неа нѐ покажа синови на Светлината, помилуј нѐ.
Седален, глас 5.
Спасителу, Кој заради нас си претрпел Крст и смрт, и адот си го умртвил, и со Себе мртвите си ги воскреснал, починатите од нас упокој ги како Човекољубец Бог, и при Твоето страшно пришествие, Животодавче, удостој ги за Твоето Царство, како Оној што има милост голема.
Слава, исто. И сега, богородичен:
Брзата твоја заштита, помош и милост покажи ги на твоите слуги, и брановите на суетните помисли скроти ги, Чиста, и паднатата моја душа крени ја, Богородице; зашто знам добро, Дево, дека можеш сѐ што ќе посакаш.
Кондак, глас 8:
Со светите упокој ги, Христе, душите на Твоите слуги, каде што нема болка, ни тага, ни воздишка, но живот бесконечен.
Икос: Само Ти си бесмртен (Господи), Кој си го створил и создал човекот; а ние земните од земја сме создадени и пак во таа земја ќе појдеме, каде што ќе одат сите луѓе, наместо надгробно редење, пеејќи ја песната: Алилуја.
Егзапостилар.
Извршувајќи го поменот на сите починати во Христа, да помислиме и на крајниот ден, верни, молејќи Го Христа и за нас и за нив постојано.
Слава, и сега, богородичен:
Сладост на ангелите, радост на тажните, заштитнице на христијаните, Дево Мајко Господова, застапи се за нас, и избави нѐ од вечните маки.
ЦВЕТЕН ТРИОД
Подготви: Светланка Трајчева