ЃАВОЛОТ Е НЕМОЌЕН
Старче, помислата ми вели дека ѓаволот, особено во наше време, има голема моќ.
Гаволот има омраза и зло, а не моќ. Божјата љубов е семоќна. Сатаната се обидува да се покаже како семоќен, но не е многу убедлив во тоа. Делува силно, но целосно е немоќен. Многу негови уништувачки планови пропаѓаат пред да почнатда се остваруваат. Дали некогаш некој добар татко би допуштил „мангупи” да ги тепаат неговите деца.
Старче, јас се плашам од ѓаволот.
Од што се плашиш? Ѓаволчињата немаат никаква моќ. Христос е семоќен. Искушувачот е гнил. Не носиш ли крст? Оружјата на ѓаволот се немоќни. Нашиот Христос не’ наоружа со Својот крст. Непријателот има сила само тогаш кога ќе ги оставиме духовните оружја. Еден свештеник му го покажал крстето на некој бајач и демонот што тој го повикувал преку своите магии почнал да се тресе.
Зошто ѓаволот толку се плаши од крстот?
Затоа што кога Христос доброволно ги примил плукањето, шлаканиците и камшикувањето, тогаш паднале царството и власта на ѓаволот. Христос победи! Со трската се урна царството на ѓаволот, рече еден светител. Односно, кога му го нанесле последниот удар со трска по главата, се урнала власта на ѓаволот. т.е., трпението е духовна одбрана, а смирението најголемо оружје против ѓаволот.
Најголемиот мелем на Христовата крстна жртва е тоа што ѓаволот е срушен. После Христовото воскресение, станал како змија на која и’ е изваден отровот или како куче на кое му се извадени забите. Изваден е отровот на ѓаволот, извадени му се забите на кучето, демонот и сега се ненаоружани. Ништо, ништо не можат да му направат демоните на Божјото создание, кога тоа не им дава право на тоа. Само прават метеж; немаат власт.
Еднаш, во ќелијата посветена на Чесниот крст, имав многу убаво бдение! На таванот се собраа многу демони. Во почетокот силно удираа со големи чекани, потоа правеа бучава, како да тркалаа големи трупци. Го обележував таванот со знакот на чесниот крст и пеев На Твојот крст му се поклонуваме, Владико… Кога ќе завршев, трупците повторно започнуваа. „Сега”,- реков, – „ќе направиме две певници. Една вие со трупците, одозгора, и една јас одоздола!”
Кога почнував јас, тие престануваа. Еднаш пеев „На Твојот крст му се поклонуваме, Владико…”, а потоа „Господи, Својот крст си ни го дал како оружје против ѓаволот…” Така поминав една пријатна ноќ со пеење на псалми. Ако за момент престанев, тие продолжуваа со својата забава! Секогаш имаат нешто друго на програмата!
Кога првпат запеавте, не си заминаа?
Не. Кога завршував јас, тие почнуваа. Да, двете певници требаше до крај да го отслужат бдението! Тоа беше едно прекрасно бдение! Пеев со болка во душата; бев трогнат! Поминаа тие убави денови!..
Старче, каков е ѓаволот?
Знаеш ли колку е „убав”? Не прашувај! Само да го видиш! Божјата љубов не дозволува човекот да види ѓавол! О, повеќето луѓе би умреле од страв! Замисли, кога би виделе како работи, кога би го виделе… неговиот „сладок лик! Некои, пак, би имале најдобра забава! Знаеш каква забава? Како го нарелуваат тоа? Кино…? Но, ако некој сака да го гледа тој филм, треба многу да плати… и повторно, прашање е дали ќе може да го види!
Има ли рогови, опашка?
Да, комплетна опрема!!!
Старче, демоните станале толку грди кога паднале, а постанале од ангелите.
Секако!!! Сега изгледаат како да ги удрил гром. Ако громот удри во дрво, нема ли веднаш дрвото да постане црн трупец? Исто така и тие изгледаат како да ги удрил гром. Едно време му велев на ѓаволот:
„Дојди да те видам за да не паднам во твои раце. Сега, само кога те гледам, ми е јасно колку си лош. Колку ли зло ќе претрпам, ако ти паднам в раце?”
ГАВОЛОТ Е ГЛУПАВ
Старче, дали ѓаволот знае што има во нашето срце?
Уште тоа ни недостасува, да го познава и срцето! Само Бог е срцепознавач /односно само Бог знае што има во срцето/ и само на Божјите луѓе понекогаш Бог им открива, за наше добро, што има во нашите срца.
Ѓаволот знае за злобата и пакоста што ја насадува во оние што се негови; не ги знае нашите добри помисли. Само од искуството сфаќа по нешто, но и во тоа повеќепати греши. И ако Бог не допушти да го сфати тоа, постојано и во се’ греши, затоа што ѓаволот е помрачен; видливост – нула!!! Не знае, да претпоставиме, една моја добра помисла.
Ако имам некоја лоша помисла, таа му е позната на ѓаволот затоа што тој самиот ја засадил. Ако јас сакам сега да направам некое добро дело, на пример – да спасам еден човек, тоа не го знае ѓаволот.
Но, ако ѓаволот вметне во некого помисла, говорејќи му: „Оди да го спасиш тој човек”, а истовремено го поттикнува на гордост, оваа помисла ќе му биде позната. Но, со самото тоа што човекот прифаќа да се возгордее, му отвора врата на искушението. Тоа се многу чувствителни работи!
Се секавате ли на случката со ава Макариј? Еднаш се сретнал со ѓаволот кој се враќал од пустината што се наоѓала во близина, каде што бил да ги искушува браќата. Ѓаволот му рекол:
– Сите браќа се груби кон мене, освен еден мој пријател, кој ме слуша и кога ќе ме види се врти како вртелешка.
— Кој е тој брат? – го прашал ава Макариј.
– Се вика Теопемпт – му одговорил ѓаволот.
Преподобниот отишол и го нашол братот. На нему својствен начин го убедил да му ги открие своите помисли и му помогнал. Кога повторно го сретнал ѓаволот, го прашал за браќата, а ѓаволот му одговорил:
– Сите се многу груби кон мене. А што е најлошо, дури и оној што ми беше пријател, ни самиот не знам како, се смена, и сега е погруб од сите.
Не знаел дека ава Макариј отишол кај братот и дека го обратил кон доброто, затоа што тиј човек делувал смирено, од љубов и ѓаволот немал право на таа негова помисла.
Ако ава Макариј се возгордеел, Божјата благодат ќе се оддалечела, а ѓаволот ќе се стекнел со право. Тогаш на ѓаволот ќе му било се’ познато, затоа што тој самиот ќе го поттикнел на гордост. Ако човекот некаде ја каже својата добра помисла, може ли ѓаволот да го слушне и после да го искушува?
Како да го слушне кога нема „ѓавол”? Но ако зборува за да се гордее, тогаш се замешува и ѓаволот. Односно, ако постои склоност кон гордост и ако некој горделиво каже: „Ќе отидам да го спасам, ѓаволот се вмешува и тогаш тоа му е познато. Но ако делува и ако работи смирено, од љубов, тогаш тоа не го знае. Треба да се биде внимателен. Работите се многу чувствителни. Затоа отците велат дека духовниот живот е „наука над науките”.
Но како, Старче, кога некој бајач ќе каже за некои три девојки дека едната ќе се омажи, дека втората ќе биде несреќна, а третата ке остане немажена, така и се случува?
Ѓаволот има искуство. Како што еден инженер е во состојба да каже уште колку ќе издржи некоја куќа која е во опасност да падне, бидејќи се искривила или нешто слично на тоа, така и тој, гледајќи како некој живее, според искуството што го стекнал, говори како ќе заврши.
Ѓаволот нема памет; многу е глупав. Целиот е заплеткан; не можеш крајот да му го фатиш. Работи и паметно и глупаво. Се однесува незрело. Бог сето тоа така го устроил, за да можеме да го забележиме. Треба да си целосно помрачен од гордоста, за да не го забележиш. Кога сме смирени, можеме да ги забележиме замките на ѓаволот, затоа што преку смирението човекот се просветува и се ородува со Бога. Смирението го уништува ѓаволот.
Пренесено од книгата “Со болка и љубов кон современиот човек” од Старец Пајсиј Светогорец
ќе продолжи…
Подготви Мина Даниловска