На претходните страници зборувавме за тоа дека само во Христијанскиот брак се врши соединување на битијата на две личности: духовно, душевно и телесно. Од сите односи помеѓу луѓето, само односите помеѓу мажот и жената се споредуваат со односот помеѓу Христа и Црквата (Ефес. 5,23-25).

Светоста на бракот, онака како што ја претставуваа апостолските посланија, ги опфаќа и интимните односи помеѓу мажот и жената, бидејќи се работи за две личности кои се дополнуваат една со друга и се сакаат: „и двајцата ќе бидат едно тело”. Тој најинтимен момент во животот на сопружниците може да биде свет, само ако е резултат и символ на нивната потполна духовна блискост и телесна усогласеност. Тоа е посебна етапа во нивните заемни односи. Понекогаш може да се забележи како очите на новобрачниците блескаат од новооткриениот вид на љубов и радост. За тоа треба да Му се заблагодари на Бога, зашто „се’ Божјо е добро и Бог, создавајќи го човекот, ги создаде маж и жена” (51 одлука на Светите Апостоли).

 

Сопружничките односи бараат трпение и нежност, исклучително голем заемен такт и слога. Жената не смее да доживее траума, туку треба да почувствува радост заради новооткриената страна на лич носта на мажот, заради неговата љубов кон неа и нејзината кон него.

Само умереноста и воздржаноста, духовната и душевна блискост на мажот и жената и нивната сеопфатна љубов, можат да направат моментот на нивното телесно соединување да биде свет и радосен. Само тогаш нивната телесна блискост ќе стане израз и најдлабок символ на нивната заемна љубов и потполна блискост. „Не забранувајте се еден на друг” пишува апостол Павле (1. Кор. 7, 5), „освен по договор за некое време, за да и’ се посветите на молитвата и пак да бидете заедно за да не ве искушува сатаната, поради вашето невоздржување”.

Новиот Завет, кој го востанови Исус Христос, го измени односот помеѓу Бога и човекот, а со тоа и односите помеѓу луѓето, пред се’, помеѓу мажот и жената. Ова треба да се има на ум кога го читаме Стариот Завет и кога го набљудуваме семејниот живот на светот околу нас. Нашиот, Христијански брак мора да биде новозаветен.

Пренесено од книгата “СВЕТА ТАЈНА БРАК – Поуки на Православната црква за бракот и семејството”

Претходна статијаЗА ОНИЕ КОИ САКААТ ДА СТАПАТ ВО БРАК…
Следна статијаСВЕТИ СТЕФАН, МОЛИ ГО БОГ ЗА НАС…