ЗА СТРАСТИТЕ (Свети Теофан Затворник)
Свети ап. Павле вели:
“Оние, пак, кои се Христови, го распнаа телото свое со страстите и похотите” (Гал 5:24).
– Го распнаа? Значи имало крст на кој што ги распнале тие страсти и похоти.
Каков е тој крст?
Тој крст е крстот на борбата со страстите и похотите. Да се распнат страстите, значи да се обезсилат, да се задушат, да се искоренат.
Ако човек започне да се бори со некоја страст, тој ќе ја обезсили; доколку продолжи постојано со борбата, ќе ја задуши и со Божја помош сосема ќе ја искорени.
Поради тоа што таа борба е навистина тешка, тешка и мачна, затоа се јавува како крст, длабоко вроден во нас.
Кај оној, кој што се бори со страстите, честопати рацете како да се заковани, во главата му се впива трнлив венец, срцето му го прободува болката. Толку е тешка и болна таа борба.
Борбата не може да биде лесна и без болки, поради тоа што страстите се неприродни за нашата природа и придојдени од надвор.
Но, и покрај тоа, тие се длабоко вкоренети во нас и нивното откорнување и отстранување не може да биде безболно.
Ако пробаш да ги отстраниш – боли.
Но таа болка е спасителна, и тоа спасение доаѓа само преку болка.
На пример, при заболување од полипи (израсток во грлото): се појавува некое страно тело расте и пушта корени. Ако не ги пресечеш – нема да се излекуваш. А ако ги пресечеш – боли.
Нека боли, но таа болка го враќа здравјето.
Ако ги оставиш и не ги пресечеш, исто така боли, но таа болка не е за оздравување, туку ја засилува болеста и може до смрт да доведе.
На пример, како се лекува Сибирскиот чир?
Се пресекува израстокот и се гори местото. Кога го мачкаат – боли пеколно, но затоа пак дејствува оздравувачки.
Ако не се лекува, болката си останува и може да доведе до смрт.