ЗА МОЛИТВАТА

 

Молитвата е основното средство кое ги соединува сите разумни созданија со Бог Творецот. Таа и во новиот живот ќе биде нивна основна дејност и обврска.

Молитвата е непосредна врска и непрекинато средство за општење на ангелите и луѓето со Бога.

Молитвата е излез од нашите минливи окови во весконечноста, таа нѐ изведува надвор од жалните предели, со кои сме ограничени, и ни дава чувство на безграничност и натприродност.

Станува простор, место, начин, и ние го чувствуваме дејството на Божјите својства.

Ако сакаме да ја опишеме природата и суштината на тој натприроден дар, сфаќаме дека тој труд ги надминува нашите сили. Ќе се ограничиме само на тоа како во нас делуваат резултатите и плодовите од неа.

Тој Божји дар е толку величествен, така што и Самиот Дародавец прибегнувал кон молитва кога претстојувал во нашиот минлив свет.

Апостолот Лука вели дека Господ „ја поминувал целата ноќ во молитва“.

Понекогаш Неговата молитва била во вид на исповед, а понекогаш како вистинско молење или благодарење и молба кон Отецот, Создателот; со самото тоа Господ сакал да ја покаже неопходноста и значењето на тој најголем дар.

„Оче! Ти се заблагодарувам што Ме слушна“,

„Свети Оче! Спаси ги заради Своето име… оние кои ми ги даде ги сочував, и никој од нив не загина…

Не се молам само за нив, туку и за оние кои поверуваа во Мене поради нивните зборови“.

Најдобар и најпотресен пример е гетсимаската молитва во која Тој трипати Го моли Отецот откако врз Себе го прими исцелението на целиот свет.

Каде и да го насочиме нашето внимание: од моментот на создавањето и потоа, молитвата е секогаш присутна. На тој начин, молитвата е врска и единство на сите созданија со Бог и Творецот и нивната проекција во вечноста.

Колку молитвата им е блиска на разумните созданија, може да се види од тоа што таа почнува самата од себе во случаи кога е потребна и посебно во моментите на опасност, раздвижувајќи ги членовите неосетно и несвесно.

Таа е нејсовршениот инструмент, кој му дава на човекот можност за вистинско општење со неговиот Творец.

Со нејзина помош човекот може да моли и добива она што му е потребно, да влијае на промена на казната, која Божјата правда ја подготвила за него, да добие преизобилен благослов, да дознае нешто што не знае, да го поддржи ближниот молејќи Му се на Бога за тоа, и воопшто преку молитвата човекот може да стане причесник на многуте својства на нашиот Бог и Отец.

Впрочем, невозможно е да се опише резултатот и предимството на оваа добродетел наречена молитва, во однос на другите.

Дојдете сите, изморени и обременети, кои живеете во местото на општото прогонство, во прегратката на мајката на сите добродетели – молитвата, и таа ќе ви подари мир, и повеќе од тоа за што сте се молеле или очекувале.

Старец Јосиф Ватопедски

 

Претходна статијаБолничката постела често станува место на богопознание!
Следна статијаПотсетување за потребата од постот – Отец Гаврил Галев