ЗА ПОСТОТ
При определувањето на телесниот пост треба многу да се внимава. Не е можно секој човек, секоја конкретна личност да си наложува и да се оптоварува со иста тежина.
Во Црквата живеат, се спасуваат и деца во развој (од кои до нивната седумгодишна возраст воопшто не се бара телесен пост како подготовка за Света Евхаристија) и изнемоштени, остарени луѓе, потоа луѓе болни или оптоварени со тешка физичка работа, како и жени, бремени или со доенчиња.
На сите овие духовниот отец, свештеникот ќе им определи пост според нивните телесни сили или ако треба и сосема ќе ги ослободи од него.
Затоа и Христос вели: „Овој род се истерува само со пост и со молитва“ (Матеј 17, 21).
Па тогаш, штом е постот толку страшен за нашите непријатели и ги прогонува, потребно е да го сакаме и радосно да го примиме, а не да се плашиме од него.
ДУХОВЕН ПОСТ
Телесниот пост е неразделно поврзан со духовниот пост.
Нема вистински пост без покајание и плач, без смирение, без молитва, без трпение, без љубов и милост кон ближните и без другите Свети Добродетели.
Од телесниот пост духовниот отец може да не разреши, но од духовниот пост – никој, па дури ни ангел од небото.
Духовниот пост е самата суштина на христијанското живеење и постоење во Црквата. Сепак и телесниот пост многу го помага духовниот.
На пример, многу помага за да се вежба трпението, смирението и молитвата, да владее во дух на покајание, а покрај тоа, од она што би се заштедило постејќи, може да им се даде милост и помош на сиромасите.
Кога вака правилно би се разбрал постот, не би постоел христијанин кој би можел да се оправда ако не го држи постот.
Оние пак, што побожно и редовно го запазуваат постот, секогаш треба да го почувствуваат како подготовка за Света Причест со Телото и Крвта Христови..
Помошник и причина за целомудреноста е безмолвието, а постот го гаси огнот на телесните страсти.
Долгото спиење произлегува, понекогаш од презаситеност, понекогаш од постот – кога тие што постат се гордеат со него.
Стомакоугодувањето наведува на разрешување од постот, аславољубието наговара да се покаже сопствената добродетел.
Кога стомакот гладува, срцето станува смирено.
А кога му се угодува на стомакот, мислата станува горделива.
Знај дека демонот често седи покрај желудникот и не му дозволува на човекот да почувствува ситост, дури и цел Египет да го изеде и цел Нил да го испие.
Постот кај суетниот човек останува без награда и неговата молитва без плод, затоа што и едното и другото го прави заради човечка пофалба.
св. Јован Лествичник
Постот е зауздување на страстите, а молитвата со милостина е умртвување на истите. Пази се од она што е спротивно на добродетелите, затоа што, ако постиш но и безумно се смееш, лесно ќе се сплеткаш.
Од мноштвото храна умот станува груб, а доброто воздржување го очистува. Оној што му угодува на стомакот, се труди да го наполни, а кога ќе се прејаде се мачи со варењето.
Воздржувањето, пак, го придружуваат здравјето и бодроста. Молитвата и постот се прекрасни. Нив ги крепи милостината, бидејќи е речено:
„Милост сакам, а не жртва“.! – Св. Ефрем Сирин
Постот сметај го за оружје, молитвата за ограда, а солзите за бања.
Плашливиот војник трепери од звукот на трубата која ја најавува борбата, а стомакоугодникот од најавата за постот. Добар е лебот на постот затоа што во него го нема квасецот на сластољубието.
Св. Нил Синајски
Ние не треба да веруваме дека за постигнување на совршенството во срцето и чистотата на телото, нам ни е доволен само постот кој се состои од воздржување од видливите јадења.
Не, нему треба да му се придодаде и постот на душата.
св. Јован Касијан