Од беседата на Успение на Пресвета Богородица

О, како ли небото Ја прима Онаа што стана попространа од него?! Како ли гробот, во себе го смести Божјиот сад?!

Да, го прими; да го смести!

Затоа што нејзиното тело не стана пошироко од небесата, туку благодарение на благодатта тоа ја надмина секоја висина и ширина. Бидејќи Божјото е неспоредливо.

 

На светиот и прекрасен, и чесен, и почитуван гроб, кој сега го опкружуваат ангелите, со смирение и стравопочит му се поклонуваат многу; демоните треперат, а луѓето со вера му пристапуваат, со почит, поклонувајќи се, со очите и усните и душите љубовно го целиваат, црпејќи (од него) изобилие на богатства.

Како што, ако некој стави скапоцено миро не некое место, па потоа го тргне, ќе останат трагите на миомирисот, така и сега Твоето божествено и свето и сечисто и преполно со Божјо благоухание тело, изобилниот извор на благодат,

иако положено во гроб, и потоа повторно вознесено во подобро и повозвишено место, не го оставило гробот без дар, туку му ги остава Божјиот миомирис и благодатта,

и така гробот станува извор на исцеленија и на сите добра за оние што со вера му приоѓаат.

Тебе и денес Те почитуваме, о Владичице, Владичице, и пак ќе кажам:

Владичице! Богородице Дево!

Поврзувајќи ги своите души за надежта во Тебе, како за некое најјако и најсигурно сидро; умот, душата, телото, целосно предавајќи Ти ги Тебе, Те фалиме со „псалми, химни и духовни песни“ (Ефес. 5, 19), колку што можеме, бидејќи не сме достојни.

Бидејќи, како што светото слово (на св. Василиј) нѐ научи дека „оддавањето чест на оние кои како и ние се слуги (Божји) е доказ за почитта кон заедничкиот (наш) Господ“,

почитта кон Тебе, Која Него си Го родила, како тоа да не ни биде најважна?

Како да не ни биде поважна и од самото дишење, и од животот?

Затоа што така ќе покажеме поголемо усрдно внимание кон својот Господ. Зошто велам,  кон Господ?

Затоа што, навистина, на оние што побожно се сеќаваат на Тебе доволен им е најдрагоцениот дар на Твојот спомен, бидејќи тој станува основа за вечната радост.

Зашто, зарем радост не ги исполнува оние што својот ум го направиле ризница на Твоето сесвето име!

Оваа благодарна беседа е прва рожба на нашите зборови, врв на нашиот сиромашен разум, кој, поттикнат од љубовта кон Тебе, заборави на својата немоќ.

Но, прифати ја благонаклоно, знаејќи за љубовта што ги надминува силите.

Застапувај се за нас, добра Владичице, Родителке на добриот Владика, води нѐ каде што сакаш, и запри ги нашите страмни страсти, смири ја бурата, и води нѐ кон мирното пристаниште на Божјата волја, и удостои нѐ со идното блаженство, и слаткиот и личен блесок од Воплотениот од Тебе Бог Логос,

Кому заедно со Отецот и Сесветиот и Животворен Дух, Му доликува слава, сега и вечно. Амин.

Свети Јован Дамаскин