Собор на Пресвета Богородица

УТРЕНА
Седален, глас 1.

Кога се роди Исус во Витлеем јудејски, тварта се просвети, откако Го позна Создателотː ангелските хорови се восхитија, гледајќи Го Господа на земјата како прима облик на слуга и пак неразделен од Отецот останува. Слава Му на Бога Кој се воплоти! Слава на Родениот на земјата! Слава Му на Оној што благоволи родот наш да го спаси.

Седален, глас 4.

Зошто се чудиш Марија? Зошто те плаши тоа што е во тебе? Затоа што безвремениот Син Го родив во времето, рече таа, без да бидам поучена во зачнувањето на детето. Ете, јас сум немажена, и како ќе родам Син? Кој видел бессемено раѓање! Но, каде што сака Бог, ги победува природните закони, како што пишува. Христос се роди , за порано паднатиот образ да го обнови.

Кондак, глас 6.

Оној што пред ѕвездата Деница се роди од Отецот без мајка, денес на земјата се воплоти од тебе без татко. Затоа ѕвездата им благовести на Мудреците, а ангелите со пастирите го воспеваат твоето неискажливо раѓање, Благодатна.

Икосː Тајно лозје, откако Го израсна неораниот Грозд, Го носеше во прегратките како на гранки, и говореше: Ти си мојот Плод; Ти си мојот Живот, Ти си мојот Бог! Од Тебе дознав дека останувам она што бев порано. Глаедајќи дека печатот на моето девство не е скршен, проповедам дека Ти си Словото Кое прими тело. Не го знам семето, а Те знам Тебе – Уништителот на распадливоста. Чиста сум, зашто Ти, откако мина низ мене, мојата утроба ја остави онаква каква ја најде, гледајќи ја цела. Поради тоа, целото создание ликува со мене и вика: Радувај се, Благодатна.

Канон на празникот.

Величај ја, душо моја, Чистата Дева и единствена Богородица, која Го роди Царот Христа.

Песна 9.

Припев: Величај ја, душо моја, Дева Пречиста Богородица, која е почесна и пославна од горните воинства.

Ирмос: Гледам необична и преславна тајна: небото (станува) пештера; Дева (го заменува) херувимскиот престол; јаслите се сместувалиште, во кои легна несместливиот Христос Бог, Кого, пеејќи Го величаме.

Величај Го, душо моја, Бога Кој по тело се роди од Дева.

Величај Го, душо моја, Царот Кој се роди во пештера.

Гледајќи го чудното движење на новата необична светла ѕвезда, која ги осветлуваше небесата, Мудреците по тој знак Го препознаа Царот Христа, Кој се роди на земјата во Витлеем, заради наше спасение.

Величај Го, душо моја, Бога Кому се поклонуваат Мудреците.

Величај Го, душо моја, Оној што од ѕведите им е навестен на Мудреците.

Мудреците се распрашуваа: Каде е новороденото дете Цар, Кого ѕвездата ни Го јави. Дојдовме да Му се поклониме. Ирод богоборецот, пак, се исплаши и сакаше да Го убие Христа.

Величај ја, душо моја, Чистата Дева и единствена Богородица, која Го роди Царот Христа.

Мудреците и пастирите дојдоа да му се поклонат на Христа, Кој се роди во градот Витлеем.

Ирод се распраша за времето на ѕвездата, која ги доведе Мудреците во Витлеем да Му се поклонат на Христа, со нивните дарови. Но, водени од неа назад во нивната татковина, го оставија исмеан свирепиот убиец на децата.

Втор канон.

Припев: Дева денес Го раѓа Господа во пештера.

Ирмос: За нас би било полесно и побезбедно со стравопочит да молчиме, отколку со љубов грижливо да ти составуваме сложени песни. Но ти, Мајко, дај ни сила според нашата добра намера.

Припев: Денес Господ се раѓа како Младенец од Мајка Дева.

Ирмос: За нас би било полесно и побезбедно со стравопочит да молчиме, отколку со љубов грижливо да ти составуваме сложени песни. Но ти, мајко, дај ни сила според нашата добра намера.

Денес пастирите Го гледаат Спасителот повиени во пелени, и како лежи во јасли.

Денес недопирливиот Господ, како дете, е окружен од бедни пелени.

Денес секоја твар се весели и се радува, зашто Христос се роди од Дева Отроковица.

Откако ги созерцававме несветлите образи и тешко описливите сенки на Словото Кој, како новороден се јави од заклучената врата, и бевме удостоени за Светлата Вистина, достојно да ја благословиме твојата утроба, о Мајко Пречиста.

Небесните сили на светот му Го објавуваат родениот Спасител Господ и Владика.

Наместо Слава: Величај ја, душо моја, силата на Триипостасното и неразделно божество.

Наместо И сега: Величај ја, душо моја, Онаа што нѐ избави од клетвата.

Откако го добија предметот на својата желба, и Христољубивите луѓе се удостоија за доаѓањето на Бога, сега тие се утешуваат со бањата на повторното раѓање, зашто ти, Дево, ја даваш живоносната благодат да се поклониме пред славата Божја.

Припев: Величај ја, душо моја, Дева Пречиста Богородица, која е почесна и пославна од горните воинства.

Ирмос: Гледам необична и преславна тајна: небото (станува) пештера; Дева (го заменува) херувимскиот престол; јаслите се сместувалиште, во кои легна несместливиот Христос Бог, Кого, пеејќи Го величаме.

Припев: Дева денес Го раѓа Господа во пештера.

Ирмос: За нас би било полесно и побезбедно со стравопочит да молчиме, отколку со љубов грижливо да ти составуваме сложени песни. Но ти, Мајко, дај ни сила според нашата добра намера.

Светилен.

Нѐ посети од висините нашиот Спасител: Он е Сонцето Кое изгрева и е посветло од секое сонце; а ние, кои сме во темнина и смртна сенка, ја најдовме Вистината, зашто Господ се роди од Дева ( 3-пати).

Хвалитни стихири, самогласни на 4. Глас 4.

Веселете се, праведници; небеса, радувајте се, зашто Христос се роди. Дева седи слично на херувимите, носејќи Го во прегратките воплотениот Бог Слово. Пастирите Му се восхитуваат на Родениот; Мудреците Му принесуваат дарови на Господа; ангелите пеат, говорејќиː Недостижен Господи, слава Ти.

Богородице Дево, која Го роди Спасителот, ти ја уништи првата клетва Евина, зашто по благоволение на Отецот стана Мајка, носејќи Го во прегратките воплотеното Слово Божјо. Оваа тајна не трпи испитувањеː само со вера сите ние ја славиме, викајќи со тебе и говорејќиː Неискажлив Господи, слава Ти.

Пријдете да ја воспееме Мајката Спасителова, која и по раѓањето се покажа Деваː Радувај се, жив граде на Царот и Бог, во кого Христос поживеа и спасението го изврши. Со Гавриила да запееме, со пастирите да прославиме, викајќиː Богородице, моли Го воплотениот од тебе, да се спасиме.

Отецот благоволи, Словото стана тело, и Дева Го роди Бога Кој се вочовечи; ѕвездата навестува, Мудреците се поклонуваат, пастирите се чудат, а тварта се радува.

Слава, глас 6ː

Денес невидливата природа што излезе од Дева се соединува со луѓето. Денес Неизмерното Суштество во Витлеем се повива во пелени. Денес Бог, преку ѕвездата, ги приведува Мудреците да Му се поклонат, навестувајќи го Своето тридневно погребение, преку златото, темјанот и смирната. А ние му пеемеː Христе Боже, Кој се воплоти од Дева, спаси ги душите наши.

И сега, глас 2ː
Денес Христос се раѓа во Витлеем од Дева; денес Беспочетниот влегува во времето и Словото се воплотуваː силите небесни се радуваат и земјата со луѓето се весели; Мудреците Му принесуваат дарови на Господа, и пастирите Му се восхитуваат на Родениот, а ние непрестајно викамеː Слава на Бога во висините и на земјата мир, меѓу луѓето добра волја.