Светиот Архангел Гавриил

Овој голем Божји архангел се празнува на 26 март.

На денешен ден пак, се слават и чествуваат неговите чуда и јавувања низ целата историја на човечкото спасение.

Се смета дека оваа слава е востановена најпрво на Света Гора во 9 век, за време на царевите Василиј и Константин Порфирородните и на патријархот Никола Хрисоверг, а по повод јавувањето на овој архангел во една келија близу до Кареја, каде што со прст на камен ја испиша песната кон Пресвета Богородица „Достојно ест“.

Заради овој настан таа келија и денес се нарекува келијата „Достојно ест“.

Во оваа прилика се приспомнуваат и останатите јавувања на архангелот Гавриил:

кога му се јави на Мојсеј кој во свое време го чуваше стадото Јоторово, а нему архангелот како на Божји избраник му соопшти како е создаден светот, кое Мојсеј подоцна и го запиша во Книгата на Постанокот;

кога му се јави на пророкот Даниил и му ја објави тајната за идните царства и за доаѓањето на Спасителот;

јавувањето на Света Ана кога ѝ благовестеше со ветувањето дека ќе Ја роди преблагословената и Пречиста Дева Марија;

многукратното јавување на Пресветата Дева додека Таа пребиваше во храмот ерусалимски;

кога му се јави на првосвештеникот Захариј и го извести за раѓањето на Св. Јован Предвесник и за казната на немост што ќе го постигне Свети Захариј затоа што не им поверува на зборовите на архангелот;

кога повторно ѝ се јави на Пресветата Дева во Назарет и ѝ благовестеше за зачнувањето и раѓањето на Господ Исус Христос;

јавувањето на праведниот Јосиф;

јавувањето на пастирите кај Витлеем;

Му се јави и на Самиот Господ во Гетсиманската градина, кога Господ како човек беше поткрепуван од овој архангел пред страдањето;

кога им се јави на жените Мироносици итн.

Тропар, глас 4.

 

Водачу на небеските војски, ние недостојните секогаш те молиме, со твоите молитви да нѐ оградиш под кровот на крилјата на твојата слава бестелесна, пазејќи нѐ нас, кои грижливо ти се приклонуваме и повикуваме: Од неволи избави нѐ, како началник на вишните сили.

Кондак,глас 2.

На небесата гледајќи ја Божјата слава, а на земјата давајќи благодат од висините, началнику на ангелите, мудри Гавриле, на Божјата слава служителу, и на светот божествен бранителу, спасувај и чувај ги оние што ти повикуваат: Самиот ти биди ни помошник, и никој ништо не ни може.

Икосː Во Твоите ( Свети ) писанија, Човекољупче, си рекол дека радоста на мноштвото ангели на небесата е голема, кога еден (човек) се кае, Бесмртни. Затоа ние, кои сме во беззаконија, секогаш се осмелуваме да Те молиме Тебе, единствен непогрешлив срцепознавачу, како милосрден, да нѐ помилуваш и да ни испратиш умиление нам – недостојните, давајќи ни прошка, бидејќи за сите нас се моли началникот на бестелесните (сили).

Песна 9.

Ирмосː Секој роден на земјата, со Духот просветлен, нека се радува; нека торжествува природата на бесплотните умови, која го почитува свештеното торжество на Божјата Мајка, и нека пееː Радувај се, Богородице себлажена, секогаш чиста Дево.

Свети Гаврииле Архистратиже, ти стоиш пред престолот на благодатта служејќи, надумно озаруван од Светлината и свештено обожуван, и виден како светлина, и кој ги просветлуваш оние што те почитуваат со вера.

Ти сјаеш како небо украсено со ѕвезди, со божествени светлости и, како војвода, држиш пресветол скиптар и ја обиколуваш сета земја, исполнувајќи ја постојано волјата на Господа, и од злото ослободувајќи ги верните.

Смири ја опасната варварска бура, која постојано се крева против твоите слуги; запри ги црковните раздори; на тие што ти пеат, дај им избавување од гревовите, а на народот – дарувај му победа со твоето топло застапништво, Гаврииле.

Предобра и преславна двојко Михаиле и Гаврииле, стоејќи пред престолот на Божјата слава, барајте за сите прошка на гревовите и отстранување на злото, како заштитници кои ја подражавате во сѐ благоста на Господа.

Богородиченː Богородице Пречиста, со твоето раѓање огреа светлината на благодатта, и просветли сѐ што е под сонцето, и го погуби кнезот на темнината; похвало на ангелите и спасение на сите луѓе, чиишто гласови те слават непрестајно.

Светилен.

Војводо Божји, откако застанав под кровот на твоите крилја, огради ме мене, кој ти приоѓам тебе и, на умирање, избави ме од лутите мачители, и спаси ме со твоите молитви.

Слава, глас 5.

Каде што осенува благодатта твоја, архангеле, оттаму се прогонува ѓаволската сила, бидејќи отпаднатиот Деница не поднесува да ја види твојата светлина. Затоа те моламː Неговите огнени стрели, против нас насочени, згасни ги со твоето застапништво, избавувајќи нѐ од неговите соблазни, многуславен војводо Гавриле.

Подготви С. Трајчева