МОЛЕБЕН КАНОН НА СВЕТИ ТЕОДОР ТИРОН

ПО ЗААМВОНА МОЛИТВА

Служба за благословување на коливо (варена пченица), со пеење на молебниот канон на св. Теодор. Псалм 142: Господи, услиши ја молитвата моја: Потоа Бог Господ:

Тропар, глас 2.

Колку се совршени делата на верата! Светиот маченик Теодор, во огнената печка, се радуваше како во води на спокој, зашто, кога во огнот изгоре, како сладок леб на Света Троица ѝ се принесе. По неговите молитви, Христе Боже, спаси ги душите наши.

Слава: исто. И сега: богородичен:

Сите твои тајни, Богородице, надумни се и преславни! Иако со чистота запечатена, и со девство запазено, си станала вистинска мајка, кога Го роди вистинскиот Бог. Него моли Го да ги спаси душите наши.

И веднаш псалм 50.

Потоа следниов канон, глас 8, дело на свети Јован Дамаскин.

Песна 1

Ирмос: Откако ја мина водата како по суво и египетското зло го избегна, народот израилски викаше: На Избавителот и наш Бог да Му пееме.

Знаејќи те за пријател Божји, Теодоре, и зафатен со твојата неизбежна љубов, во твоја чест ти ги принесувам душата и телото, и овие похвални зборови.

Една богохулна заповед наредуваше да принесеме жртва на идоли, а не на живиот Бог. Но, бидејќи не си сакал да принесеш идолска жртва, си бил приведен и на твојот Бог си бил жртвуван, маченику.

Слава: Со љубовта Божја прикован, за Синот Единороден на Вишниот Бог си се борел, маченику Теодоре, и од наградата не си се разочарал.

Богородичен: Ангелските и човечките чинови непрестајно те слават, Мајко безневесна, бидејќи во твоите прегратки, како Младенец, Создателот на сите си Го носела.

 

Песна 3

Ирмос: Ти си тврдина на оние што приоѓаат кон Тебе, Господи, Ти си Светлина на помрачените и духот мој Те воспева.

Пеење ти принесувам од усните мои и од болната душа: Помилувај ја, маченику Теодоре.

Телото си му го покорил на самовласниот ум, славен маченику, и со обата Му угодуваш на Создателот.

Слава: Си застанал пред судот на мачителот, Христа Царот исповедајќи Го за Бога, а си се одрекол да им принесеш жртва на лажните богови, Теодоре.

Богородичен: Сите ние христијани те имаме секогаш за бедем и прибежиште и непрестајно те славиме, Дево Пречиста.

Песна 4

Ирмос: Ја слушнав, Господи, тајната на Твојата промисла; ги разбрав делата Твои и го прославив Твоето божество.

Откако со разумот ги вкуси божествените тајни, маченику Теодоре, ја исповеда непосрамната наука за Божјото раѓање.

Оние што им робуваа на страстите, мислеа дека и божеството им служи на страсти. Но ти, страдалнику Теодоре, просветлен со Духот, си ги изобличил.

Слава: Ние што те воспеваме, блажен Теодоре, те молиме да ни бидеш избавител од различните страсти и неволи.

Богородичен: Неорана ниво, Богородице, која Го израсна Животворниот Клас што на светот живот му дарува, оние што ти пеат спаси ги.

Песна 5

Ирмос: Подранувајќи кон Тебе, Човекољубецот, Те воспеваме Христе, Боже: дарувај ни ја милоста Твоја.

Љубете Го Господа Кој ве љуби, им велеше, страдалнику Теодоре, на мачениците што со тебе страдаа.

Со разгорено од ревност срце, страдалнику, си ја запалил лажната божица со нејзиниот храм.

Слава: Со непобедливата сила, страдалнику Теодоре, варварската смелост и моите страсти погуби ги.

Богородичен: И по раѓањето те вооспеваме како Дева, Богородице, бидејќи на светот по тело си му Го родила Словото Божјо.

Песна 6

Ирмос: Очисти ме, Спасе, од многуте мои беззаконија и, се молам, од бездната на злото изведи ме. Кон Тебе повикав, и услиши ме, Боже на моето спасение.

Колку е слаба, колку е немоќна горделивоста на суетните богови!? За да се спасат, имаа потреба од луѓе, и беа победени од истрајноста на мачениците што ја проповедаа вистината (2-пати).

Слава: Поткрепен од силата Божја, Теодоре – славо на мачениците, маките од злочестивите ги сметаше за детски стрели, зашто ти ја предвидуваше, блажени, вечноста на идните богатства.

Богородичен: Да се избавиме од тешките гревови, по твоите молитви, Богородице чиста, и да ја примиме, Сечиста, Божествената светлина на Синот Божји, неискажливо воплотен од тебе.

Кондак, глас 8: Откако верата Христова ја прими како штит во срцето свое, си ги победил непријателските сили, многустрадалнику, и како непобедлив, со венци вечни си се овенчал, Теодоре.

Песна 7

Ирмос: Младите момчиња, од Јудеја во Вавилон некогаш дојдени, со вера во Света Троица, пламенот во печката го изгаснаа, пеејќи: Боже на татковците, благословен си.

Телесно си бил биен, поради Словото Кое телесно заради нас беше биено, и веселејќи се, благодарствено си Му викал, страдалнику Теодоре: Боже на татковците, благословен си.

Како што Избавителот на светот се положи во гроб и доброволно се запечати, така и ти во запечатена темница се всели, стрдалнику Теодоре, викајќи: Боже на нашите татковци, благословен си.

Умртвен и од телесните страсти доброволно ослободен, не со јадење, а со љубов Божја хранејќи се, си пеелː Боже на татковците наши, благословен си.

Слава: Во занданата, страдалнику, како некогаш младите момчиња во печката, Еден од нетлена Троица те крепеше и, гледајќи Го, викаше: Боже на татковците наши, благословен си.

Богородичен: Кога посака да го устроиш нашето спасение, во утробата на Дева си се вселил, Спасителу, и застапница на светот си ја покажал, Боже на татковците наши, благословен си.

Песна 8

Ирмос: Халдејскиот мачител, седумпати повеќе од обично, ја разгоре печката за благочестивите момчиња, но кога ги виде спасени од некоја повисока сила, на Творецот и Избавител Му викаше: Благословен си, Господи Боже, во вековите.

Духовно ослепен, началникот на беззакониците, тебе набожниот, ти се закануваше: Зошто ти, безумен, напразно на мртов човек се надеваш? Но ти си запеал: Млади момчиња, благословете Го; свештеници, воспејте Го; луѓе, превознесете Го Христа во сите векови.

Како внимателен и премудар строител на благодатта, со дадената ти од Бога благодат, на оној што нечестиво ти заповедаше, си му повикал, Теодореː Овој срам нека биде за мене и за оние што пеатː Млади момчиња, благословете Го; свештеници, воспејте Го; луѓе, превознесете Го Христа во сите векови.

Слава: Младешки си се подвизувал, смело си изобличил: Каква лудост! – си му викал на мачителот кој на оние што отпаднале од Бога им заповеда лажно да им служат на тварите! Но јас пеам: Млади момчиња, благословете Го; свештеници, воспејте Го; луѓе, превознесете Го Христа во сите векови.

Богородичен: Со разни симболи и образи, слики и загатки пророците го предвестуваа твоето натприродно и чудно раѓање, Дево: затоа, веселејќи се, набожно те славиме, Христа превознесувајќи Го во сите векови.

Песна 9

Ирмосː Тебе неискусобрачната Мајка на Бога Вишниот; тебе, која надумно со збор Го роди Бога Вистинскиот, која си повисока и од пречистите сили, со непрестајни славословија те величаме.

Предмет на твоето сведочење, Теодоре, беше љубовта Божја; затоа и предмет на материјалниот оган беше твоето тело, со кое си се издигнал и до божествениот оган, радувајќи се, страдалнику и угоднику Божји, Теодоре.

Маченику сечесен, беше запален, но не изгоре, бидејќи си ја изгорел прелеста и жив стоиш пред Бога, во Него маченички веселејќи се, страдалнику и угоднику, Теодоре.Слава: Те знаеме, Христе, за Еден од Троица, во две совршени природи. Спаси ги овие твои луѓе што си ги придобил со Твојата чесна крв, по молитвите на маченикот Теодор.

Богородичен: Тебе, која во прегратките Го носеше Бога невидливиот, на небесата воспеан од сите сили, и Кој преку тебе секогаш ни дава спасение во неволи, те величаме.

Ирмосː Тебе неискусобрачната Мајка на Бога Вишниот; тебе, која надумно со збор Го роди Бога Вистинскиот, која си повисока и од пречистите сили, со непрестајни славословија те величаме.

И веднаш Трисвето, и тропарот на светиот: Колку се совршени делата на верата: Слава: кондак: Откако верата Христова ја прими како штит:

И сега: богородичен на истиот глас:

Пречиста Дево, Мајко Марие, на христијаните спасение, сите ние кои згрешивме, ја имаме твојата топла помош, закрила и застапништво. Затоа не престанувај да Го молиш Спасителот, да ни дарува простување.

И се извршува благословувањето на коливото. Потоа Нека биде благословено името на Господа: и Ќе Го благословам Господа: Свештеникот разделува од коливото. И отпуст.

Извор: ПОСЕН ТРИОД